1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До каде стаса операцијата за спасување на Македонија

17 мај 2022

Секое непотребно одолговлекување, или избрзување со предвремени избори се казнува на изборниот ден. Дали ВМРО-ДПМНЕ навистина посакува брзи избори, или само одржува тензија? Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4BOFI
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Специјалната операција на ВМРО-ДПМНЕ за спасување на Македонија од „катастрофалната власт“ имаше лош старт со блокадата на Собранието. Како што и се предвидуваше, не се случи ништо досега невидено, неприменето, а секогаш неуспешно, докажано низ практиката и досегашните искуства. Нова е само додавката „активна“, што ја означува старата добро позната доктрина - блокада на парламентот по потреба само на партијата. Добро е што дојде до брзо согледување, а тешко признавање на оваа јалова работа. Лошо е што повторно е одбрана митингашка добро позната сценографија. ВМРО-ДПМНЕ како нови порадикални чекори одбра да организира голем протестен марш во Скопје на 18 јуни.

Ќе треба уште некое време да се напушти целосно блокадата на Парламентот и тој да функционира најнормално, како што прилега на парламентарна демократија. Тешко е да се поверува дека Христијан Мицкоски, по најновата радикализација со митинзи, може да препознае дека токму нормалното функционирање на Парламентот би било нешто ново, досега ретко видено кај нас, и дека тоа е најмоќното демократско оружје за предвремени избори. Се разбира, доколку навистина опозицијата сака брзи избори, што во оваа ситуација пред зимата и не е најпаметно.

Дури и есенва да се одржат предвремени избори и да победи ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да настапи со јасен став

Во тој случај, партискиот врв и Христијан Мицкоски би морале да излезат пред јавноста со јасен став за најзначајните прашања од државен интерес кои не ќе може повеќе да се затскриваат и да се менуваат според дневно политичка потреба. На пример, како и со кои мерки ВМРО-ДПМНЕ подобро ќе го реши ударот на увезената инфлација и на последиците од енормното поскапување на сите енергенси чиј најсилен бран допрва се очекува?

Можно ли е тоа без нови задолжувања на државата, како што тоа редовно се алармира? Како ќе се надоместат само со промена на власта на предвремени избори децениските грешки во капиталните инвестиции, во енергетиката, во реализација на стратегиите на развојот, во земјоделството, во образованието, во процесите на демократизација на општеството, во владеење на правото и сузбивање на организираниот криминал и високата корупција?

Тоа се многу податливи теми за постојани наизменични партиски вербални пресметки на власта и на опозицијата меѓу двете најголеми политички партии, кои речиси подеднакво долго се најодговорни за вкупните состојби во државата. Безмалку двете политички партии со по 15 години на власт и во опозиција. Цело време, 31 година, се застапени во Собранието како најбројни, со народни избраници кои секогаш можат со консензус да обезбедат и двотретинско, а со коалиционите партнери и бадинтерово мнозинство за остварување на државните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ не ќе може веќе да се затскрива зад наводни предавства со комотна опозициска активност во стилот - еден ден сме за поништување на Преспанскиот договор со Грција, а утредента сме за негово подобрување, се разбира ако ние дојдеме на власт, а задутре, кога ќе дојдат светски дипломати и државници, демек ја признаваме реалноста и ќе го поддржуваме Преспанскиот договор, иако е многу штетен по државните интереси. Со други зборови, за нашите дома една софра, за странците друго мени, а со комшиите тајна вечера.

Знае ли некој во државата кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за проблемите со Бугарија? Повиците за прекин на преговорите веднаш се многу популарни, ама само кога си во опозиција. Во реалноста, прекин на преговорите во моментов би бил најголемиот подарок за Бугарија, да нема решение и да не почнат преговорите со ЕУ по наша вина. И ако се оди на варијанта преговорите со Бугарија да продолжат ама без никакви отстапки, резулатот е познат: бугарското вето останува на сила во неизвесно очекување Европа и Америка да го решат проблемот.

Партиска амнезија за криминалот и корупцијата

Како што бугарскиот државен врв ќе мора да се изјасни јасно во врска со руската агресија и со блокирањето на Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ, така и ВМРО-ДПМНЕ треба да се изјасни кој е нивниот став и прифатлив предлог да се остварат државните интереси со членството во ЕУ, за што само во одредени ситуации јавно се цврсто определени, а за други, домашни потреби, омилена синтагма е „не прифаќаме членство во ЕУ по секоја цена“. Притоа никогаш ја нема цената која ќе ја платиме ако сите други влезат во ЕУ, а Македонија остане изолиран остров.

Знае ли некој кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за руската инвазија на Украина? Едно се кажува при деликатни ситуации со блага осуда на нападот на независна држава, а сосема нешто друго во медиумите блиски на партијата.

Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за владеење на правото и за борбата против криминалот и корупцијата? Тука наместо правото, владее едно непишано правило на моментална амнезија на партиските раководства во различни ситуации, кога се на власт и во опозиција. Криминалот во сопствените редови веднаш се амнестира. Нашите криминалци се невини и набедени патриоти, а вашите ја ограбија државата и народот.

Во суштина, ако тоа се преведе на разбирлив јазик, кавгата е во тоа кој е поголем криминалец и покорумпиран. Разликата се виде последните неколку години, кога паднаа бројни пресуди за долгогодишни казни. ВМРО-ДПМНЕ и партиското раководство со ниту еден збор не се оградија од осудените, напротив - застанаа во нивна одбрана. Битката е префрлена на корупцијата и криминалот во власта. Тоа би имало смисла и опрваданост доколку прво се прифатат и осудат сопствените криминали и корупциски скандали и се расчисти со компромитираните политичари кои сѐ уште се во раководството на партијата. СДСМ, кој дојде на власт по 11 години владеење на режимот на Никола Груевски, на крилата на борба против криминалот и корупцијата со формирање на Специјалното обвинителство, и покрај бројните судски предмети и затворски казни, не успеа да го спроведе владеењето на правото и да расчисти многу порешително со криминалот и корупцијата во сопствениот двор.

Локалната власт не е парламентарна

Осознавајќи дека со единствената понуда брзи предвремени избори не може да се постигне целта, сега од ВМРО-ДПМНЕ, наместо веќе најавеното дополнување на дневниот ред за лидерска средба со повеќе клучни прашања од државен интерес, се подготвува радикализација на политичката сцена со митинзи. Тоа е теренот на популизмот во кој ВМРО-ДПМНЕ најдобро плива понесени од победата на локалните избори и од незадоволството во јавноста поради бранот на поскапувања и инфлацијата која ги обезвреднува примањата на најранливите социјални категории од населението.

Пропадна активната блокада, Парламентот да работи за плата и привилегии, а не за тоа што е создаден - да биде највисок законодавен дом, да биде темел на општествено-политичкиот поредок, да биде најзначајната институција на парламентарната демократија гарантирана со Уставот. Да донесува закони низ демократска расправа во интерес на државата и на граѓаните.

Тоа е првичниот резултат од големата, досега невидена, операција. Истото ќе се случи и со митинзите и активирањето на општините со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие со партиски директиви се вклучат да обезбедат предвремени парламентарни избори со блокади и протести, дури ќе поминат и многу полошо од блокадата на Парламентот. Локалната власт не е парламентарна. Таа задира во интересите на граѓаните на многу поинаков начин од владата и од Собранието.

- повеќе од авторот: Гo слушна ли некој лелекот на Ѓоргиев и Тодоров

Во една зграда, во една населба, да не зборуваме за цела општина, секое блокорање и излегување од рамките на локалната самоуправа ги засега сите граѓани подеднакво, без оглед на нивната партиска, национална, или било каква определба. Големата победа на комуналните избори со дополнително усложнување на животот на граѓаните со бојкоти и блокади, може бргу да се претвори во големо незадоволство.

- повеќе од авторот: Ај да го видиме и тоа чудо што не сме го виделе

Решението за ваквите ситуации, кога опозицијата се чувствува доволно силна да оди на предвремени избори, одамна е познато во демократскиот свет. Тоа е демократската битка во парламентот со понуда на аргументи за подобри решенија и со меѓупартиски консензус за најзначајните државни интереси. Кога ќе се исполнат условите за избори и парламентарните партии и јавноста тоа знаат да го препознаат. Во тој случај распуштањето на парламентот е обична формалност. Секое непотребно одолговлекување, или избрзување со предвремени избори, се казнува на изборниот ден.

Активностите на ВМРО-ДПМНЕ за брзи предвремени избори со митинзи и маршеви повеќе ми наликуваат на одржување тензија да не се разводни победата од локалните избори и да се одржува незадоволството од поскапувањата и падот на стандардот на граѓаните. Решавањето на најгорливите прашања со Бугарија и економската криза и неизвесната зима оди во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто тогаш толку брзање? Или, Христијан Мицкоски и партискиот врв знаат нешто што јавноста сѐ уште не го дознала?