Историските прашања да не се користат како политичка алатка
26 ноември 2020Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Заев во интервјуто за Бгнес. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на еден генерално погрешен пристап.
„Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, вели Ѓоргиев.
За ДВ тој ги сподели моментите кои ги смета за најтешки во изминатиот период.
„За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение“, потенцира Ѓоргиев.
Дијалог и поголема соработка
Такво време ѝ е потребно и на заедничката Комисија. Ѓоргиев е изненаден од тензијата што се создала за октомвриската средба на Комисијата во Скопје, како што вели, „небаре од исходот на нејзината работа зависи опстанокот на државата“.
Повеќе на темата:
Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев
Заев: Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател
Бугарско-македонски спор: Што им е на овие луѓе?
Рајчев: Европа се смее поради спорот со Македонија
Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата
„Не треба да се создава тензија. Дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Ни треба пристапот на мултиперспективност, во кој ќе се почитуваат различните наративи, а не да се наметнуваат. Не треба да се делува избрзано, под притисок на политиката, бидејќи тоа е погубно: можеби ќе има резултати на краток рок, но тоа би било со долгорочни последици“, оценува историчарот.
Според него, ако се прекине дијалогот, нема да мрднат ни односите меѓу двете земји. Порачува дека треба да се отвори што поголем простор за соработката меѓу сите институции од двете земји - образовни, научни, културни.
Гоце пак на дневен ред
На 3-ти и 4-ти декември македонските и бугарските историчари ќе имаат нова, овојпат онлајн средба, на која ќе ги продолжат разговорите таму каде што застанаа на претходната: македонските учебници по историја за седмо одделение, бугарските учебници по историја за петти и шести клас, и - за Гоце Делчев. По шпекулациите дека можен компромис во разговорите меѓу политичарите, би бил Гоце Делчев да се слави како „бугарски и македонски јунак“, Ѓоргиев објаснува какви се ставовите по ова прашање во Комисијата.
„Не е основно прашање, ниту работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев. Тој е важна личност во историите на двете држави. За Македонците е македонски национален херој, за Бугарите е бугарски национален херој. Се слави и овде и таму. Ако тие перцепции се почитуваат, ако Делчев е значајна личност за двете држави, ако тоа е пат за помирување и пат кон европската перспектива, нема пречки двете држави да го слават заеднички“, вели Ѓоргиев.