1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односите Скопје - Софија се доведени во апсурдна ситуација

12 декември 2019

Откако БАН усвои став дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“, на повидок е нов тест на доброседските односи меѓу Скопје и Софија.

https://p.dw.com/p/3Ufhu
Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Нова бура беснее на релација Софија-Скопје, откако вчера  Бугарската академија на науките (БАН)  усвои став дека македонскиот јазик не постои и дека тој е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик". Постапката на БАН е одговор на потегот на Собранието на МАНУ, кое на 3-ти декември усвои Повелба за македонскиот јазик, во која ги изнесе научно признатите факти за македонскиот јазик.

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, вели дека не е изненаден од ваквиот став на БАН. 

„Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија“, вели Ѓоргиев.

Според него, ваквата атмосфера доминирала и на  состаноците на Комисијата.  Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја  од втората половина на 19. век до 1944 година, и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија“, вели Ѓоргиев.

Според него, ако сме две земји со испреплетена историја, и ако Бугарија очекува да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да израснат во однос на прашања од сегашноста.

„Само така може да се направи чекор напред“, вели Ѓоргиев, кој во потегот на БАН не гледа пример што води кон тоа.

„Јазикот не паднал од небото“

Првичните изјави од академици во БАН не навестуваат дека бурата брзо ќе се смири. Нивните изјави, кои ги пренесуваат бугарските медиуми, индицираат дека проблемите допрва ќе растат. 

„Во последните 6-7 години двете академии на Северна Македониja и на Бугарија работат добро и имаат 30 проекти, но не сме претпоставувале дека нештата толку драматично ќе се променат“, изјави за бугарската телевизија археологот Васил Николов, заменик-претседател на БАН. 

Akademie der Wissenschaft in Sofia Bulgarien
Бугарската академија на науките усвои став дека македонскиот јазик не постои и дека тој е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик"Фотографија: picture-alliance/ dpa

Според Николов, Северна Македонија има право на јазик, но не може да се смета дека тој е самостоен и дека „паднал од небото". Тој вели дека ставот на БАН од 1979 година досега е дека тоа е „регионална норма", исто како што во Австрија се говори австриски германски, и историската вистина мора да се признае.

„Ние не разбираме кои се нивните политички причини, затоа што досега добро работевме со македонските научници и нивната Академија“, изјавил Николов.

Според доцент д-р Ана Кочева от Институтот за бугарски јазик во БАН, „таканаречениот македонски јазик е норма на бугарскиот и бугарските научници го утврдуваат како политички продукт".

„Во последните години ги прочитавме стенограмите за создавањето на македонскиот јазик и за начините на негово конструирање, кои се засноваат на разградување на бугарскиот литературен јазик“, изјавила Кочева.

Таа посочила дека имало сведоштва по 1944 година, дека еден од креаторите на македонскиот јазик објаснувал оти немаат време да чекаат тој да стане јазик. Коцева додала дека по Договорот од Преспа, откако во Северна Македонија морале да ги напуштат античките референци, сега измислуваат нешто друго.

„Тие можат да тврдат дека говорат на што сакаат (во смисла на јазик-н.з), но не пред 1944 година. Мора да се признае реалната вистина (...) Тие зборуваат за македонска кирилица и глаголица, што предизвикува само потсмев, а истото важи и за авторите на бугарската преродба", изјавила Кочева.

Шест месеци пауза

Бугарските медиуми потсетуваат дека заедничката Комисија (формирана како резултат на Договорот за пријателство и соработка), која треба да ги расчисти историските и образовни прашања меѓу двете земји, ја прекина својата работа на шест месеци поради претстојните предвремени избори во Северна Македонија.

Прекинот на обидите за постигнување договор беше најавен и на последниот состанок на Комисијата на 29-ти ноември, кога претседателот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, извести дека тие постигнале многу малку.

„Она што се согласивме е толку мало и незначително, што дури ми е тешко и да се сетам на тоа ... Ние направивме што можевме, па сега работите се движат на политичко ниво“, изјави тогаш Димитров.

Резултати немаше ни на претходната средба на 13-ти септември, која од бугарска страна беше оценета како „најнеплодна“, по што бугарскиот претседател Румен Радев свика итен состанок за исцртување на „црвени линии" кон Северна Македонија. Во октомври бугарскиот парламент усвои декларација со која го поддржа иницирањето претпристапни преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, но дека таа поддршка „не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја".

Во тој контекст, едно од прашањата на кое заглави работата на заедничката Комисија, е  - чиј е Гоце Делчев?