Ѓоргиев: Се рушат и последните надежи за пристоен дијалог
18 април 2022По „ванчо-михајловистичкиот викенд" во Битола и Охрид, неосновано етикетиран од бугарска страна како „културен настан“ и „мост меѓу двата народа“, сѐ повеќе се уриваат надежите дека е избран вистинскиот пат за решавање на спорот меѓу двете земји.
„Именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името ‘Ванчо Михајлов' не претставува ништо друго освен смислена провокација, кој во исто време праќа и порака, вели за ДВ Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.
„Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство“, оценува Ѓоргиев.
Според него, називот на бугарскиот културен клуб во Битола праќа и порака до Македонците, која нема никаква врска со културата.
„Повеќе од очигледна е тенденцијата да се потсети македонската јавност дека познатите идеи на Михајалов во однос на македонската нација и јазик ќе продолжат да бидат негувани во самата Македонија. Порака која, за жал, ќе го направи уште поголем расколот меѓу Македонците и Бугарите. Од друга страна, ваквиот чин го покажува вредносниот систем на одредена заедница. Кога од минатото се извлекуваат одредени вредности култивирани преку личности или настани, тогаш преку нив се дефинира сегашна вредносна и идеолошка позиција, како и визијата кон иднината на една заедница. И кога притоа, и покрај постоење на бројни други можности, се извлекуваат вредности кои припаѓаат на мрачната страна на историјата, тогаш, се разбира, мрачна е и пораката што се праќа кон околината. За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог. Уште потажно е и тоа што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народи", оценува Ѓоргиев.
Јуначење со ветото
За овој случај вчера со свој став е согласи и претседателот Стево Пендаровски.
„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, оцени шефот на државата.
Викенд настаните и протестите во Битола со која беше дочекано отворањето на бугарскиот културен центар со името Ванчо Михајлов, се тема број еден и во бугарските медиуми, како и бројни изјави против укинување на ветото за РСМ, во кои предничат БСП и ИТН.
Повеќе: Германија бара од Бугарија да го тргне ветото за Северна Македонија
Тошко Јорданов, претседател на на пратеничката група на владејачката „Има таков народ“, е дециден дека оваа партита нема да дозволи ветото да падне до крајот на јуни. Изјавата е дадена во контекст на „различните позиции“ во владата по ова прашање.
„Како претседател на пратеничката група, сум одел на средби со европратеници и еврокомесари и имам директни впечатоци што се зборувалo. Се сеќавам и што беше кажувано на коалициските совети и кој рече дека сакал тоа да се случи до јуни (укинување на ветото за РСМ – н.з.), но тоа не сме ние од ИТН“, изјави тој за БНР, потенцирајќи дека „Има таков народ“ нема да дозволи да се укине ветото за РСМ до крајот на француското претседателство.
Христо Иванов, претседател на парламентарната група на владејачката „Демократска Бугарија“ и копретседател на партијата, смета дека бугарски интерес е ветото да биде укинато, но не без резултати од македонска страна.
„Во интерес на Бугарија е да се надмине ова вето по исполнувањето на целите што го опслужуваат тоа вето - за бугарската политика. Каков било чекор за некаков договор со РСМ, може да помине само низ парламентот. Бугарија има насушен интерес ветото да го произведе неговото дејство, ние да постигнеме возможен степен од нашите цели, вклучително и нашата цел PCM да почне да се приближува кон нејзиното европско членство, за да почне да се оддалечува од орбитите на Москва и Белград“, изјави Иванов.
Какво влезе Бугарија во ЕУ?
Реториката со влијанието на Русија и Србија врз РСМ во изминатиот период постојано се употребуваше од бугарска страна.
„А што прави Бугарија“, прашува Георги Готев, главен уредник на EURACTIV Бугарија, кој деновиве организираше конференција на тема „Војната во Украина и ризиците за Западен Балкан".
„Војната во Украина се јавува како еден вид забрзувач (...) Интересно беше што на конференцијата се наметна прашањето како Србија се обидува да прави геополитички проекти на Балканот во форма на т.н. „Мини Шенген“ и каде сме ние, земјите-членки на ЕУ - каде е Бугарија, каде е Грција, не треба ли ваквите процеси да бидат под контрола на дипломатите во Софија и Атина? Затоа што Србија се обиде, па дури и успеа да ги одвои Македонците од Бугарите, спроведувајќи една крајно непријателска политика повеќе децении. И очигледно оваа политика продолжува. Но јас прашувам - а што прави Бугарија? Мислам дека тотално отсуствуваме од големата шаховска табла“, оценува Готев.
Тој смета дека улогата на Бугарија сега е многу важна, бидејќи „таа е историскиот пример дека дека треба повеќе храброст во проширувањето на ЕУ".
„Бугарија влезе во ЕУ во 2007 година. Подготвени ли бевме? Не бевме. Влеговме, затоа што Тони Блер рече дека Бугарија и Романија треба да бидат наградени за тоа што си го дадовме небото во 1999 година за време на војната во Косово - за воздушните напади на НАТО против Белград. Војната и тогаш беше еден вид забрзувач. Не бевме подготвени за членство во ЕУ. Доказ дека не сме подготвени е тоа што сè уште сме подложени на т.н. ‘мониторинг' од страна на ЕК за нашето правосудство. Но дали беше корисно, дали беше умно што влеговме? Се разбира - да. Ако не бевме влезени, Бугарија ќе беше заддунавска губернија на Русија. Не треба да се сомневаме во тоа. И Путин прво ќе дојдеше кај нас, пред да прати тенкови во Украина. Затоа неопходно е малку повеќе храброст во проширувањето на ЕУ“, порачува Готев.
Да нѐ ги блокираме роднините
Има разни повици да се крене бугарската рампа за македонскиот пат во ЕУ, но сите со различни аргументи. Главниот уредник на „24 часа“, Борислав Зумбулев, пред десетина дена направи паралела меѓу Македонците и Украинците, без дилема за нивното потекло.
„Tреба итно да запре студената војна со Северна Македонија, итно и безусловно, затоа што Софија се позиционира како некаков европски хулиган сличен на Путин. Единствениот резултат од тоа однесување е што веќе немаме ниеден пријател во ЕУ, а и на Балканот. Не нѐ сакаат Македонците, повеќе не замразија отколку да ни се приближат, а не замразија и Албанците кои се некаква колатерална жртва на таа глупост. Не не сакаат ни во Виена, ни во Париз, а веќе ни во Берлин, затоа што ја презедовме улогата на силувач во меѓународните односи (...) Неспорно, Македонците по потекло се чисти Бугари, но какво значење има тоа, кога се чувствуваат поинаку и сакаат сопствена држава во ЕУ. Кои луѓе живееле во некогашниот Киевски Рус? Руси или Украинци? Нема никакво значење. Денес Украинците херојски војуваат против своите браќа по крв - Русите, и не сакаат со нив да живеат во иста држава. Истото е и со Македонците. Тие сакаат да се посебна држава, имаат свој јазик и не сакаат да нѐ сакаат. Затоа Бугарија треба да престане со сите обиди на квартовски хулиган, ако не сака да се најде во истата изолација во каква што е денес Путин“, коментираше главниот уредник на „24 часа“.