1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматичен пад на популарноста на Макрон

СН/ агенции
24 јули 2017

Тој суверено победи во два изборни циклуса, но сега очигледно почнува да дува ветер од спротивна насока. Францускиот претседател, Емануел Макрон значително загуби од популарноста, вели последната анкета.

https://p.dw.com/p/2h2yh
Frankreich Gedenkzeremonie Jahrestag des LKW-Anschlags in Nizza
Фотографија: Reuters/E. Gaillard

Според резултатите од најновата анкета објавена во Франција, поддршката за претседателот на државата Емануел Макрон  во изминатиот месец опаднала за цели 10 проценти.

Моменталната поддршка од граѓаните за францускиот претседател, според најновата анкета спроведена од познатиот Институт за истражување на јавното мислење Ифоп, изнесува 54 насто. Иако Макрон (39) силно тргна на светската политичка сцена, а потоа со својата партија освои солидно мнозинство во парламентот, првите три месеци од неговиот претседателски мандат не минаа целосно без проблеми. Неговите противници и медиумите силно го критикуваа како некој кој има тежок карактер по несогласувањата околу буџетските кратења, кое резултираше со поднесување оставка на началникот на Генералштабот на француската војска, Пјер де Вилјер.

Frankreich Paris Nationalfeiertag Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Archambault

На премиерот на Франција, Едуар Филип, кој беше именуван од страна Макрон, поддршката му опаднала за 8 проценти, и сега изнесува 56 насто. Анкетата е спроведена на примерок од 1.847 возрасни лица во периодот меѓу 17 и 22 јули.

Аналитичарите велат оти францускиот претседател имал тешка недела, најмногу поради конфликтот со началникот на Генералштабот армијата во врска со штедењата во буџетот за одбрана. Француската влада има намера во тековнава година да заштеди 4,5 милијарди евра за да ги исполни условите на ЕУ за буџетскиот дефицит. Грижи на луѓето им задава и планираната реформа на законите за работни односи, која предвидува кратење на правата на вработените.

Инаку потежок пад на популарноста по изборот за шеф на државата има доживеано само претседателот Жак Ширак. Меѓу мај и јули 1995 година поддршката на граѓаните за него опадна за цели 15 проценти.