ДУИ: Сите за Ахмети
6 јуни 2014Али Ахмети во своето едночасовно обраќање ја потенцираше евроатлантската интеграција на државата како врвен приоритет што ќе гарантира мир, стабилност, добри меѓуетнички односи и економски напредок.
„Значително ќе се ангажираме на септемврискиот самит на НАТО да се случат добри работи за нас. Се повлековме од една значајна точка околу употребата на јазиците за да се насочиме за овие процеси. Не сме далеку од решение и компромис околу спорот со името со Грција, но за тоа ни е потребен решавачки ангажман на меѓународната заедница и постигнување на етнички консензус со нашите партнери во земјата“, изјави Ахмети.
Тој го повтори предлогот за консензуален претседател како можност за нова клима во меѓуетничките односи.
„Сметавме дека претседател треба да биде личност што спојува и влијае позитивно на помирувањето во општетството. За жал, ова не се случи, но пораката беше примена и од домашната јавност, од Вашингтон и од Брисел дека Албанците сакаат оваа земја да оди напред и да живее во внатрешна хармонија, што ќе значи дефинитивно помирување на двете најголеми заедници, Македониците и Албанците“, рече Ахмети.
Според него, Македонија сега е држава со две одвоени општества, што не е добро. Ахмети рече дека ДУИ нема да отстапи од идејата за консензуален претседател и оти ќе работи на нејзина реализација.
На конгресот беше усвоена програмата на ДУИ за следните четири години. Делегатите ги усвоија и измените на статутот со кои се формира уште едно партиско тело - Совет на мудреци, а се зголемува и бројот на членовите на Централниот одбор на партијата од 75 на 81.