Мехмедовиќ: Задолжителната вакцинација е неопходна
8 декември 2021Најновата „Омикрон“ варијанта на Ковид-19 навлезе на Балканот, а со оглед на брзината со која се шири, лекарите прогнозираат дека до крајот на месецот ќе биде детектирана и во Северна Македонија. Со оглед на тоа дека се уште не се знае колку новата варијанта Омикрон е заразна и опасна, лекарите повикуваат на што помасовна вакцинација. Дел од земјите во Европа и регионот почнаа да ги враќаат рестриктивните мерки на сила, а Франција, Италија, Велика Британија и Грција воведоа задолжителна вакцинација за вработените во здравството.
Драстична, но неопходна мерка
Задолжителната вакцинација е драстична мерка, но е неопходна за заштита од Ковид-19 и новите соеви кои земаат се поголем замав, вели за ДВ д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје.
Неколку дена откако научниците го пријавија постоењето на варијантата Омикрон, јужноафриканскиот претседател објави дека властите ја разгледуваат можноста за задолжителна вакцинација против ковид. „Светот сега знае дека вакцинирањето е решение, без разлика на тоа која и да е варијанта во прашање“, вели Мехмедовиќ.
Според него, очигледно е дека се размислува за чекор што некогаш беше незамислив во национал популистичкиот/демократскиот систем на владеење во Европа и поголемиот дел од светот, а тоа е да се наложи со закон вакцините против ковид да бидат задолжителни.
„Отфрлањето на таа идејата за универзално задолжителна вакцинација беше компензирано преку стимулации и рестрикции за да се мотивираат луѓето да се вакцинираат. Едукацијата за безбедноста и ефикасноста на вакцините како глас за будење на јавната свест и потиснување на стравот не беше доволна, беше слабо реализирана и едноставно не беше во фокусот на земјите кои денес имаат повеќе од 60% невакцинирано население. Затоа како нужно решение за излез од маѓепсаниот круг на бранови и мирни периоди се наметнува токму задолжителната вакцинација за целокупната популација“, вели нашиот соговорник.
Мерки
Примерите кои укажуваат на движењето на работите во тој правец се гледаат преку мерките кои се воведуваа во многу земји во изминатиот период: Костарика во септември ги задолжи сите работници во државната администрација да се вакцинираат. Данска предложи да се забрза легислативата, која најверојатно ќе биде усвоена наскоро во закон, сите работници да имаат дигитална ковид пропусница.
„Египет ги задолжи работниците од јавниот сектор или да се вакцинираат или да прават неделен тест за коронавирус за да им биде дозволено да работат во владините установи од 15 ноември. Фиџи воведе ригорозни мерки - 'нема вакцина, нема работа' уште во август, а невакцинираните јавни службеници беа принудени да одат на одмор и последователно беа отпуштани ако не се вакцинирани“, укажува Мехмедовиќ.
Унгарија и Грција, потсетува тој, ги направија задолжителни вакцините против ковид за здравствените работници. Мехмедовиќ смета дека серијата на вакви одлуки ја одразуваат очајната положба во која се наоѓаат владите додека се обидуваат да ги заштитат јавното здравје и економијата.
Силен скептицизам - млаки кампањи
„Се чини дека скептицизмот во вакцините беше сериозно потценет и поради тоа 'млаките' кампањи за вакцинацијата не дадоа резултат. Задолжителната вакцинација е драстична мерка, би сакал колективниот имунитет да беше постигнат до сега на поинаков начин-преку едукација и подигање на свеста. Но, неопходно е сега да се премине на овој чекор, особено поради континуираната еволуција на вирусот и појавата на новите варијанти кои никогаш не се знае какви карактеристики ќе имаат“, дециден е Мехмедовиќ.
И министерот за здравство, Венко Филипче, деновиве најави дека доколку не помогнат апелите на матичните лекари за зголемена вакцинација кај населението, можно е како дополнителна мерка да се размисли и за воведување задолжитена вакцијација, по примерот на околните земји.Венко Филипче вели дека засега ќе се почека да се види дали ќе помогне комуникацијата и апелите на матичните лекари. Затворање и нови рестрикции во земјава не се планирани, но не се исклучени.
„Сметам дека дополнителна мерка, во смисла на некаква форма, вакцинацијата да биде задолжителна, а согласно примерите кои ги даваат и другите земји, не е исклучена. Некои земји размислуваат за задолжителна вакцинација“, рече Филипче.
-повеќе на темата: СЗО: Задолжителна вакцинација против ковид – „последен излез“
Засега нема задолжителната вакцинација против Ковид-19 кај здравствените работици во Северна Македонија, а нема ниту рестриктивни мерки за вработените во државната администрација. Иако ваквите мерки беа предложени, Владата не ги усвои рестрикции кои предвидуваа вработените во државни институции да не можат да одат на работа без вакцина или негативен ПЦР-тест.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во земјата е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.