Заканата за санкции кон Македонија е реална!
1 мај 2016Претседателската одлука за аболиција, која наиде на остри реакции кај гарантите на Договорот од Пржино и на жестоки протести во домашната јавност, се уште не е повлечена и покрај многуте предупредувања за штетите што ќе ги предизвика. Од Брисел и Вашингтон стигнаа остри предупредувања дека тој чин ги руши обидите за градење правна држава, дека ќе предизвика сериозни последици за земјата и дека такви ретроградни чекори ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации за членство во ЕУ. Откако тоа не беше доволно за шефот на државата да ја преиспита одлуката, стигнаа и најави за можни санкции од ЕУ кон Македонија. Со д-р Тони Дескоски, професор по меѓународно право на Правниот факултет на УКИМ, разговаравме за реалноста на таквите најави, за улогата и значењето на санкциите, како и за целните групи кон кои тие би биле евентуално насочени.
ДВ: Професоре Дескоски, какво е вашето мислење за значењето на најавата за можни санкции од ЕУ кон Република Македонија?
- Санкциите се есенцијална алатка на меѓународната политика на државите и меѓународните организации, со која тие ги штитат сопствените интереси или почитувањето на меѓународните обврски. Нејзината суштина е преку преземање казнени мерки да се настојува санкционираниот субјект (по правило одредена држава, но понекогаш тоа може да биде и приватен субјект), да го промени своето поведение, кое е оценето како спротивно на правилата на меѓународното право, опасно по мирот или ако со него се повредуваат интересите на државата или меѓународната организација која ги презема санкциите.
Овие казнени мерки се сметаат како „половина пат“ помеѓу дипломатијата и војната. Во себе вклучуваат елементи на принуда, што ги прави поефикасни од дипломатијата, а од друга страна, тие се и се далеку побезболни, со помала цена на чинење и со многу помали ризици отколку воената интервенција. Затоа, во изминативе неколку децении, санкциите, пред сé економските санкции, станаа основниот начин на кој западниот свет реагира на најразличните геополитички предизвици. На пример, најактуелни во јавноста се примерите со санкциите воведени кон Иран (заради нуклеарната програма) и кон Русија (заради нејзината инволвираност во Украинската криза).
Во поглед на навестените санкции на ЕУ кон Република Македонија, крајно е разочарувачки за сите нас како граѓани, што нашата држава дошла до тоа дереџе, нејзиниот клучен надворешно-политички, економски и безбедносен партнер, наместо за мерки за унапредување на соработката, да размислува за воведување на санкции, односно за казнени мерки. Тоа е индикатор дека ЕУ признава оти дипломатската активност не вродила плод, па мора да посегне кон многу построга алатка на принуда, за да ја натера македонската владејачка гарнитура да го коригира своето поведение. Притоа, поведението кое е оценето како неприфатливо, се очигледно двете дејствија со кои се „торпедираше“ Договорот од Пржино. Првото, преземено од владејачкото мнозинство во Парламентот, кое еднострано донесе одлука за распуштање на Парламентот (згора на тоа и на спорен начин, со „одложено“ дејство) и второто, преземено од страна на претседателот, кој преку масовната аболиција на лицата осомничени за корупција, буквално го разори Специјалното јавно обвинителство и го направи неговото постоење беспредметно.
ДВ: Дали навестувањето на можни санкции од ЕУ се уште е во т.н. фаза на рано предупредување или веќе во фаза пред нивно непосредно изрекување?
- Целта на ЕУ и на САД, не е преку евентуалното воведување на санкции да ја повредат Република Македонија или нејзините граѓани. Напротив, ЕУ и САД настапуваат кон Република Македонија како пријатели и сојузници, со цел да им помогнат на домашните политички актери да ја надминеме политичката криза. Плод на таквата помош е Договорот од Пржино, во кој домашните актери, под закрилата на ЕУ и САД, дадоа согласност за начинот и средствата за надминување на политичката криза во нашата земја. Оттука, сосема е сигурно дека и на членките во ЕУ не им е многу по волја да тргнат по патот на воведување на санкции. Затоа, санкциите засега само неофицијално се најавуваат, без никаква јасна содржина и целна група. Но, да немаме илузии. ЕУ е еден сериозен механизам во кој се спроведуваат темелни подготовки, пред да се преземе каков било надворешно-политички потег. Тоа ја прави најавата на санкции многу загрижувачка. Подготовките за нивно воведување веројатно се веќе во напредна фаза, што пак, само по себе значи дека политичката волја кај доносителите на одлуки веќе е формирана. Ако отсуствува позитивна реакција од наша страна, односно ако во некој разумен период не бидат отстранети дефектите кои го замрзнаа Договорот од Пржино, механизмот ќе се придвижи и санкциите ќе бидат воведени. Се разбира, до тој момент ќе помине уште некое време, ќе има неколку најави, но единствениот начин работите да добијат поинаков тек е реакција од домашните актери кои го создадоа проблемот. А проблемот, повторувам, е саботирањето на Договорот од Пржино.
ДВ: Имајќи ги предвид компаративните искуства во употребата на рестриктивни мерки, според вас, кон кого во нашиов случај би биле изречени тие: кон државата, Владата или исклучиво кон одредени физички и правни лица?
- Во меѓународните односи, санкциите типично се насочуваат кон владите на државите. Но, понекогаш, зависно од околностите и од целта која се сака да се постигне со нив, санкциите можат да бидат насочени и кон приватни лица или организации. Така, на пример, во случајот со воведување на санкции против Јужна Африка заради апартхејдот во минатиот век, санкциите беа првенствено насочени кон Националната партија, затоа што апартхејдот беше темелот на нејзината политичка платформа, која таа ја спроведуваше преку Владата. Најверојатно е дека евентуалните санкции на ЕУ, барем во иницијалната фаза, би биле првенствено насочени кон поединци од владејачката гарнитура или кон фирми блиски до нив. Исто така, најверојатно е дека ќе се користи стратегија слична на онаа која беше употребена за санкциите кон Русија, а предизвикани од Украинската криза во 2014 година. Таму, на почетокот беа воведени забрани за патување и замрзнување на имотот на мал број лица, затоа што се сметаше дека истите се одговорни за загрозување на мирот. Потоа, во неколку наврати, кругот на санкционираните лица се зголемуваше, а и обемот и тежината на санкциите, посебно на оние од економска природа.
ДВ: Колкава е опасноста да бидат изречени и одредени, макар и делумни економски санкции, кои, за жал, би ги почувствувале и граѓаните кои немаат никаков удел во создавањето на кризата?
- Самото воведување на какви било санкции сериозно ја поткопува позицијата на државата на меѓународен план. Независно дали се работи за ограничени мерки, строго насочени кон поединци или фирми, (како што се санкциите на ЕУ, САД и другите земји од Западниот блок кон Русија заради Украинската криза, или пак се сеопфатни трговски и финансиски рестрикции, како оние кои беа воведени кон Иран заради нуклеарната програма), санкциите неизбежно ја повредуваат и државата кон која се воведени. На крајот на денот, сметката секогаш ја плаќаат граѓаните, пред сé, преку индиректните последици на санкциите.
Реално е да се очекува дека евентуалните санкции кон Република Македонија ќе бидат т.н. „паметни санкции“, кои ЕУ редовно ги практикува кон државите со незадоволително поведение. Станува збор за широка палета на можни рестриктивни мерки, почнувајќи од забрана за влез, замрзнување на имотот, капитални ограничувања, ограничување на помошта, трговски ограничувања и тн. „Паметните санкции“ имаат за цел да ги минимизираат негативните последици по недолжното население, а да ги изложат таргетираните структури на реален удар, за тие да го променат своето поведение.
ДВ: Ако мерките се насочат на забрана за патување на одредени политичари во ЕУ и замрзнување на нивни сметки и имот, како тоа практично ќе се одрази врз нивните функции и политичкиот „сообраќај“? Јасно е дека ќе бидат меѓународно изолирани и дека не ќе можат да присуствуваат ни во форматираната „четворка“ на преговарачки средби во Брисел, Виена или Стразбур. Но, дали санкциите (ин)директно ќе ја топат и нивната релевантност на домашен терен?
- За да се избегне неможност на клучните домашни актери да учествуваат во надминувањето на одредена ситуација, санкциите најчесто не се воведуваат директно кон врвот на владејачката структура, туку кон лица и фирми кои се блиску до тој врв. Така, иако САД, ЕУ и останатите сојузници (а без подршка од Република Македонија) воведоа сериозни рестриктивни мерки кон Русија, во нив не е опфатен рускиот претседател Путин, кој е несомнено клучната политичка фигура во Русија. Тоа им овозможува да ја задржат директната комуникација со Путин, па дури и средби со него, на кои се разговара за надминување на разликите.
ДВ: Ако заради одржување директна комункација тие санкции не се изрекуваат за врхушката на власт, како во случајот со Путин, што би значело тоа во нашиот случај? Кој би бил изземен?
-Сигурно не би биле опфатени лицата преку кои се комуницира со меѓународната заедница. Кругот на лицата се определува така што да се нанесе штета, но и да се прати порака дека ќе има уште построги мерки ако нема корекција.
ДВ: Во мандатот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) е воведување и спроведување на рестриктивни мерки, а одлуката ја носи Советот на ЕУ. Колку време вообичаено траат овие процедури и што може да ги забрза или успори: силината на заканата што доаѓа од субјектот за кого се планирани санкции, или проценката на ризиците од можен контраефект на мерките?
- Европската Унија воведува и спроведува санкции (рестриктивни мерки) како дел од нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика. Од формирањето во 1992 година Европската Унија посегнала по механизмот на рестриктивни мерки во повеќе од триесет ситуации, не вклучувајќи ги санкциите воведени од Обединетите нации. Санкциите се сметаат како најмоќна алатка на надворешната политика на ЕУ. Повеќе фактори влијаат на брзината на реакцијата при нивно воведување од кој било субјект, па и од ЕУ. Пред се, клучен фактор е проценката за ургентноста на ситуацијата. Во нашиот случај, ситуацијата сé уште не е ескалирана, така што има простор за маневрирање. Но, заканата од санкции е реална.