Една третина од храната во светот пропаѓа
16 октомври 2013Полни канти со отпад на Север, изгниени реколти на Југ. Доколку немаше фрлање и непотребно трошење на храната, тогаш ониe што гладуваат, ќе имаат што да јадат, нагласи Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), по повод Светскиот ден на храната, кој се одбележува денеска.
ФАО, чие седиште се наоѓа во Рим, истакнува дека една третина од светското производство на храна се „губи или пропаѓа“, поради негрижа или недостиг на адекватни средства за складирање и дистрибуција во трговските мрежи. Организацијата потсетува дека станува збор за 1,3 милијарди тони храна годишно.
"Со една четвртина од таа храна би можеле да се нахранат 842 милиони лица, кои се& уште страдаат од глад во светот, тврди Роберт ван Отердик, експерт во прехранбената индустрија, кој е задолжен за прашањето за руралната инфраструктура во седиштето на ОН.
Тој нагласи дека доколку немаше вакво залудно трошење на храната, светското производство на прехранбени продукти ќе треба да се зголеми само за 32 отсто за да бидат нахранети сите девет милијарди жители на Земјата, кои ќе ја населуваат до 2050. година.
Веќе 40 години ФАО посветува сериозни внимание на проблемот, кој постојано се усложнува поради урбанизацијата и глобализацијата. Синџирите од производството до трговската мрежа можат да станат предолги, нагласи Отердик и додаде дека сите брзаат да најдат некакво решение. Овошјето и зеленчукот се храна која најмногу се расипува, околу половина од нив се „губат“ пред да стигнат во чиниите на масите. Потоа следуваат морските плодови (35) и житните култури (околу една третина).