ЕК размислува да замрзне до 80 милиони евра за Хрватска
18 септември 2013Европската комисија почна процес на консултации со земјите членки за активирање на заштитните мерки поради хрватскиот закон за европските налози за апсење.
Комисијата предлага зајакнат мониторинг и суспензија на средствата за подготовка на Хрватска за влез во Шенгенскиот простор. Земјите членки имаат десет дена да се изјаснат по ова прашање, по што на Хрватска ќе и бидат одредени санкции, освен доколку во овој период не го промени законот и изврши негово усогласување со европските стандарди.
Според информации на дипломати за наредната година би можело да бидат замрзнати до 80 милиони евра средства за унапредување.
Комисијата на ЕУ имено со ова сака да изврши притисок врз Хрватска поради спорниот закон „Лекс Перковиќ“. Овој закон беше усвоен од Парламентот во Загреб кратко пред влезот на земјата во Унијата на 1. јули годинава. Законот го штити поранешниот шеф на тајните служби Јосип Перковиќ како и уште 20 други лица од екстрадиција.
Хрватската Влада, според најавите на премиерот Зоран Милановиќ, се очекува на седницата закажана за утре да расправа за измените на спорниот закон, по што ќе биде проследен до Парламентот.