Етно-националистички свингери
1 јули 2020ДУИ на овие избори изведе еден од подобрите лупинзи на политичката сцена во последниов период. Нивната кампања „Зошто не?“, заедно со декларираната примарна политичка платформа, односно ултимативното барање за Албанец премиер, работи во нивна полза на неколку нивоа. Безмалку сите линии се полезни за ДУИ, но неколку од нив може да се покажат ретроградни за политичкиот и општествен напредок на државата воопшто.
Најнапред, зошто овој маневар им оди на рака на ДУИ? Прво, го освежува нивниот потрошен наратив. Главните теми од националниот корпус на Албанците, врзани со правичната застапеност, заштитата на јазичното и културното наследство, како и мега темите НАТО и ЕУ, се, повеќе или помалку, ставени на колосек, и не претставуваат нов резервоар за предизборна поддршка. Ним им е потребен нов предизборен наратив, и тоа што поголем Потемкин, дотолку подобро. Дополнително, заматувањето на линиите на крос-етничкото гласање, се суштински спротивни на нивниот политички профил, кој е наменет кон етничка гетоизација, односно дизајниран да ги претстави како единствениот силен заштитник на Албанците од мајоризација. На ДУИ не му пречи кога македонските гласачи гласаат за Имер Селмани или за Блерим Река, но никако не им се допаѓа кога албански гласачи гласаат за СДСМ. Тој тренд го побива нивниот raison d'être, главната причина за нивното постоење, така како што се сега устроени. Затоа, ним им е многу подобро кога секој етникум се држи во сопствениот табор. Трето, потребна им е доволно голема тема која ќе одврати внимание од минатото (односно од нивните резултати) и ќе ги ориентира гласачите кон иднината и нови ветувања.
Наративот со премиер Албанец ги задоволува скоро сите нивни потреби во кампањата. Веќе никој не зборува за тоа зошто овие ветувања, кои ДУИ сега ги претставува како нови, не беа исполнети во нивното претходно, безмалку дводецениско, владеење. Никој не ги предизвикува на темата нови ветувања со најлогичното прашање: зошто она што не сте го исполниле досега да ви веруваме дека ќе го исполните сега? Второ, им добива големо внимание во предизборниот наратив и им додава уште еден глас во кампањата – тој на нивниот шпицен-кандидат. Трето, враќа на маса нови етнички барања, кои ги сметавме за потрошени во претходниот период, а на кои ДУИ има стратешка предност.
Други колумни од авторот:
Но, овој наратив на ДУИ има и неколку дополнителни ефекти, кои според мене, не се баш најдобриот начин за засилена мултикултурна интеграција на нашето општество. Македонското општество во последните две години, особено по 2016, тргна по еден, за мене, подобар интегративен пат. Мобилизацијата околу главните теми за иднината на земјата, како Преспанскиот договор, референдумот за негова поддршка, како и мешањето на етничките граници во политичкиот кампус, и нивното врзување за платформи и споделени цели, наместо со етнички агенди, кое кулминираше со новото кршење на претходните табуа, персонифицирано во новата мултиетничка коалиција на СДСМ и БЕСА, претставуваше квалитативен исчекор напред во политичкиот дискурс. Во тој нов, различен, амбиент, имавме шанса да го унапредиме нашиот вкупен етнички соживот – да го поставиме на темели на идеи, платформи и заеднички цели, да го унапредиме во амбиент каде етникумот е секундарен, а примарна е меритократијата, да создадеме амбиент каде министрите и премиерите се бираат по квалитет, а не по генеологија.
Дозирани тензии како средство во кампања
Се разбира, тој процес не му одговара ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на ДУИ. Двете партии имаат веќе разработена „шема“ за меѓусебна псевдо-конфронтација, чија основна цел е гласачите од спротивните етнички табори да се исплашат и да се мобилизираат на линија на национална заштита од другиот табор. Во овој случај, ДУИ совршено знае дека со поставувањето на овој услов, особено на овој начин, од зорт, а не со алал, ќе ги постави македонските партии во став на гард. Тоа, во овој амбиент на високи политички тензии, секако резултира со одбивање на нивниот услов „на прва“. Тоа, според мене, е токму нивната основна поента. Суштинскиот процес кој ДУИ сака да го постигне во овој случај, сепак не е насочен кон Македонците. Тој е насочен кон Албанците кои би гласале за новата коалиција, особено гласовите на БЕСА. Имено, дефанзивниот став на македонските партии неминовно ги иритира сите Албанци (би рекол, разбирливо), дури и оние кои не се љубители на ДУИ. Секој Албанец, најверојатно со право, латентно е навреден од премисата дека не постои можност за премиер од нивните редови. Таа премиса во основа е точна: не смее да постои функција во државата на која не би можел да се најде политичар Албанец. Оттаму, и оние Албанци кои не сакаат премиер од ДУИ, сепак сакаат премиер Албанец, и ставот на двете македонски партии ги нервира, што мобилизира гласачи по етничка, наместо по идеолошка линија. Оваа тактика на ДУИ е обид да ги засили тие етнички поделби, и да ги дезавуира гласовите на БЕСА и СДСМ, кои не гласаат по етникум, туку по заедничка платформа. Тешко ќе им биде на СДСМ да објаснат дека одбивањето на кандидатот на ДУИ за премиер не е истовремено и одбивање на идејата за Албанец премиер, туку само одбивање на конкретниот кандидат од конкретната партија. Таквата комплицирана порака носи ризик и за СДСМ и за БЕСА на изборите.
Останува горчливото чувство дека засилувањето на етничката реторика непријатно потсетува на секој предизборен период под ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, каде дозираните тензии се средство во кампањата. И тоа се', со премисата која ја подразбираме, дека при составувањето на парламентот, состојбата се ресетира, и политичкиот свингерај почнува наново, од нула. Сепак, сметам дека секоја партија има право на свој кандидат за мандатар, но мандатар треба да биде оној (или онаа коалиција) кој(а) добил(а) најмногу гласови. Евентуален етнички кандидат може ефикасно да биде договорен само во предизборна коалиција, па по таа логика, најмногу шанси за премиер има СДСМ, втора партија со најмногу шанси за премиер, е сепак БЕСА, а дури трети се Алијанса и Алтернатива, или ДУИ.