ЕУ ги остави Северна Македонија и Албанија во чекалница
19 јуни 2019Северна Македонија и Албанија мора и натаму да бидат стрпливи. Надлежните министри од ЕУ за конкретен датум за почеток на преговори за членство ќе одлучат дури во октомври. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на крајот на мај на двете земји им издаде позитивни потврди и се надеваше дека членките на ЕУ ќе ги прифатат неговите предлози. Сега Хан е малку разочаран, зашто Франција, Данска, Хокландија и Германија имаат проблем со конкретни ветувања.
Државниот министер во Министерството за надворешни работи Михаел Рот германското колебање на министерската средба во Луксембург го образложи со текот на формалната постапка. Германскиот Бундестаг, чија согласност е неопходна за почеток на преговори, немаше доволно време да ги разгледа препораките на Европската комисија, рече Рот.
ЕУ-дипломати во овој аргумент гледаат само изговор, зашто одамна беше јасно дека оценките за Северна Македонија и за Албанија, по долгогодишните подготовки, ќе бидат позитивни. Самиот Михаел Рот мораше да признае дека двете држави во меѓувреме ги исполнија последните домашни задачи кои министрите им ги дадоа минатата година: „Од мој аспект, тие се исполнети“.
Северна Македонија дури „испиша историја“ со окончувањето на спорот со членката на ЕУ, Грција и промената на своето државно име . „Тоа мора да го имаме во предвид, ЕУ не смее да ја загуби својата веродостојност“, забележа државниот министер, поради тоа, останува цел што побрзото почнување пристапни преговори.
Сега Северна Македонија, а Албанија подоцна?
Албанија, според проценката на ЕК, во доволна мерка ја зајакнала борбата против организираниот криминал и корупцијата. Меѓутоа, земјата во моментов се наоѓа во уставна криза, зашто Уставниот суд е без претседател, а постојат и проблеми со одржувањето на локалните избори, кои албанскиот претседател ги одложи. Премиерот пак му го одрекува правото на претседателот за таква постапка. Бројни луѓе со месеци демонстрираат против владата, расте бројот на оние кои бараат азил во ЕУ. Тоа секако не е позитивна препорака, сметаа ЕУ-дипломатите во Луксембург.
Тоа е една од причините за критичкиот став на холандскиот парламент во однос на пристапните преговори со Албанија. Холандските пратеници минатата недела се изјаснија за тоа Албанија да остане и понатаму во чекалницата, но за Северна Македонија да се наведе конкретен датум за почеток на преговори.
Повеќе:
ЕУ земјите подготвени да ја прифатат само Северна Македонија
Димитров во ФАЦ: Признајте го нашиот успех!
Како ЕУ го држи Балканот во чекалницата
Тука пак Италија има задршки, таа не се согласува со разврзување на „пакетот“ за следната проширувачка рунда. Албанија е нејзин директен сосед на Јадранот и таа силно ја поддржува. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас уште минатата недела се изјасни за почнување преговори со двете земји-кандидатки, но беше закочен од конзервативниот коалиционен партнер во Берлин со укажување на потребата од постапката во Бундестагот.
Претседателот на Северна Македонија пледира за што поскори разговори
Новиот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претходната недела допатува специјално во Брисел за да агитира во европските институции за својата земја. „Донесовме храбри одлуки во повеќе области за нашите граѓани“, рече Пендаровски, апострофирајќи ја промената на името на државата, извршена без оглед на големиот отпор. Освен тоа, тој потсети и на „безусловната препорака“ на ЕК. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск се обиде да го ублажи видливото разочарување, уверувајќи го претседателот Пендаровски дека не станува збор за дилема дали да се почнат пристапни преговори, туку само за тоа - кога тие да почнат.
Последно примена во ЕУ беше Хрватска во 2013 година, претходно членки станаа Бугарија и Романија во 2007 година,а во 2004 година се случи т.н. големата проширувачка рунда, со прием на десет, главно источноевропски држави. „Токму од овие рунди сакаме да извлечеме поуки“, истакнува еден ЕУ-дипломат кој сака да остане анонимен: „Полска, Унгарија и Романија денес сѐуште предизвикуваат проблеми, зашто запнува во однос на правната држава или други работи. Затоа, сега се инсистира да нема избрзување, туку сигурност дека нема да се увезат нови тешкотии во ЕУ.“
Еврокомесарот бара испраќање сигнал во регионот
Еврокомесарот Јоханес Хан напротив смета дека ЕУ има обврска да не го пролонгира постојано во повеќе наврати даденото ветување за прием на западнобалканските држави. „Можам само да го повторам она што веќе одамна го кажувам. Пристапните преговори треба да почнат што поскоро. Не станува збор само за Северна Македонија, туку и за другите држави во регионот. Тоа би бил силен сигнал, на пример и за Србија и Косово, тие би добиле поттик за решавање на сопствените конфликти“, изјави Хан на маргините на средбата во Луксембург.
Албанската министерка за правда Етилда Ѓонај, по заклучоците на ЕУ, за Дојче веле изјави: „Знаеме дека уште не сме доволно спремни за сега да станеме членка на ЕУ. Но, ние сме подготвени за почеток на преговарачкиот процес за прием во членство. На тој начин врз нас е можен мониторинг и проверка какви напредоци фактички врши Албанија.“
Пристапните преговори можат да траат повеќе години. На вистински прием на нови членки во ЕУ може да се смета дури кон крајот на следната деценија. Пристапните преговори за Хрватска траеја шест години.