ЕУ: Дозвола за две корона-вакцини до средината на јануари?
1 декември 2020Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе одржи состанок на 29 декември за да одлучи дали постојат доволно податоци за безбедност и делотворност на вакцината против коронавирусот, која ја развија компаниите Фајзер и Бионтек, за да биде одобрена, соопшти агенцијата.
Агенцијата наведе и дека би можела веќе на 12 јануари да донесе одлука за тоа дали ќе ја одобри експерименталната вакцина против Ковид-19 која ја разви компанијата Модерна.
Агенцијата додаде дека веќе е започнат процесот на разгледување на вакцините во фазите, врз основа на лабораториските податоци, кои претходно ги предала Модерна и оти ќе изврши проценка на податоците за тоа колку вакцината предизвикува имунолошки одговор и дали е доволно безбедна да се распространи за употреба ширум Европа.
Ако податоците, како што додава, се доволно сигурни да може да се заклучи за квалитетот, безбедноста и за ефикасноста на вакцината, тогаш ЕМА би можела да ја одобри вакцината на состанокот на 12 јануари.
Доколку ЕМА даде зелено светло, Европската комисија може да ја одобри употреба на вакцините за сите земји членки. Комисијата генерално ја следи препораката на ЕМА.
Повеќе:
-Германија има посебна стратегија за вакцинирање против корона
-„Модерна“ има вакцина со 94,5% успешност, СЗО повикува на внимателност
Портпарол на Комисијата денеска рече дека процесот може да заврши во рок од неколку дена по препораката на ЕМА. Пред одлуката на Комисијата, се одржува експертски панел во кој се застапени сите земји на ЕУ.
Тој исто така мора да даде одобрение со квалификувано мнозинство. Сепак, сите вклучени имаат ист интерес да осигурат безбедни и ефекасни вакцини брзо да станат достапни.
Повеќе:
-Германска технологија - логистика за корона вакцините
-Корона: Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?
Германската фармацевтска компанија Бионтек и нејзиниот американски партнер Фајзер денеска соопштија дека во понеделникот предале барање за дозвола за нивната вакцина против коронавирусот до Европската агенција за лекови.
Според наводите на Бионтек, ако биде одобрена вакцината, која во моментов е наречена БНТ162б2, нејзината употреба во Европа би можела да започне пред завршувањето на годината.
Овој потег следеше еден ден откако ривалската компанија Модерна соопшти дека побарала од американските и од европските регулатори да дозволат итна употреба на нејзината вакцина против Ковид-19.
Бионтек и Фајзер во минатиот месец соопштија оти клиничките испитувања, во кои учествуваа повеќе десетици илјади луѓе, покажале дека стапката на ефикасност на нивната вакцина е 95 отсто. Како што наведуваат, стапката кај особено ранливите постари групи била над 94 насто.
Компаниите веќе поднесоа барање за итно одобрување на вакцината до американската Управа за храна и лекови и до британскиот регулатор МХРА, како и пријави во други земји, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Јапонија.