1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и С. Македонија – „повеќе од истото“

17 јули 2021

Речиси 20 години претставниците на Брисел велат дека „европската перспектива на С. Македонија не е доведена во прашање“. Сега, со блокадата на Бугарија тоа се повторува како фарса. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3wbR1
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Многу често станува исклучително заморно да се пишува за една иста работа дваесетина години и пак работите да изгледаат како долго патување во место. Македонските аспирации за членство во Европската унија е една од тие долгопатувачки приказни – блокади, исфрлање од европските агенди (како онаа позната Агенда 2000), неефикасна и бирократизирана администрација, нови методологии, реформи, па реформи, финансиска помош и бескрајно тапкање по рамото, кое одамна е потечено од тие нежни допири. Некогаш изгледа неверојатно како оваа нација, сепак, останала прибрана и оптимистичка и како не се откажува. Како за инает од постојаните обиди (сеедно чии) за декуражирање. 

Кога амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пред некој ден во Собранието рече дека „европската перспектива за Северна Македонија не е доведена во прашање“ тоа изгледа како некоја модерна европска схоластика. Овие зборови и официјалните и неофицијалните европски претставници ги повторуваат барем од 2005 година. И сега, со бугарската блокада, тие стануваат нешто како „повеќе од истото“. Ако не е доведена во прашање – тогаш што е доведено во прашање? Еврокомесарот Јоханес Хан (сега одговорен за буџетот во ЕУ, а претходно за проширувањето) на Преспа форумот во Охрид рече дека е убеден оти кога Македонија ќе ги почне преговорите ќе биде „најдобар ученик во класот“. Само прашање е кога ќе влезе во западнобалканскиот клас, во кој засега има само двајца ученици. Другите чекаат во ходникот, да се изразиме со војничкиот термин од ЈНА, како „пожарни код сошке“. 

-претходни колумни од авторот: Христијан Мицкоски, партијата е во идеолошки лавиринт

Кога некни во Белата куќа беше во проштална посета германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот Џо Бајден во официјалната изјава на прес-конференцијата го рече и ова: „Се согласивме од важноста на понатамошно итегрирање на Западен Балкан во европските институции...“ Од перспективата на Скопје ова навистина изгледа како охрабрувачка порака, дека двајцата најмоќни луѓе во трансатлантскиот сојуз разговарале за приклучувањето на регионот кон ЕУ и остварување на многупати дадените европски ветувања. 

Космонаутски колаж

Но дали е тоа доволно? Секако дека не е. Македонската јавност како речиси домашни настани ги следи случувањата пред и по изборите во Бугарија, обидувајќи се да ги фати конците на она што се случува кај нашиот сосед и дали е можно одмрзнување на односите. Некои работи ѝ се појасни, но за некои нема никакви рационални толкувања. Дури многу повеќе се исчудува отколку што реално разбира, како што не ја разбира блокадата. Така, на пример, е настанот во средата кога поранешниот премиер Бојко Борисов се обиде да прави иронија со своите политички ривали и направи колаж толку аматерски и толку навредлив, што и не беше за верување. 

Тој ја искористи заедничката фотографија на екипажот на спејс-шатлот „Колумбија“, кој изгоре во атмосферата во 2003 година при враќањето на Земјата. „’Колумбија’ е загубена. Нема преживеани“, изјави со траорен глас тогашниот претседател Џорџ Буш. Бугарската политика е полна со неочекувани нешта, па кога победникот на изборите Станислав Трифонов во понеделникот објави дека било време да се гледа кон ѕвездите и со навредлива и патерналистичка изјава рече дека ќе вклучи и еден „Северномакедонец“ во бугарскиот вселенски тим на космонаути кој ќе лета во мисија на НАСА, Борисов, онаков каков што е, помисли дека е време за добра шега. Па на заедничката фотографија на екипажот на „Колумбија“ (меѓу кои и еден полковник на израелската армија) со фото-шоп смести портрети на неговите политички ривали. 

„Прашањето е покренато директно кај господинот Борисов“, изјавија од американската амбасада во Софија за Радио Слободна Европа. 

-претходни колумни од авторот: До кога може да чека Македонија?

Е тоа е она што не го разбира македонската јавност – како може еден поранешен премиер, кој речиси 12 години владееше со Бугарија, така лесно да си поигрува со еден од најтрауматичните настани во американската вселенска историја. И тоа само кусо откако Вашингтон воведе остри санкции кон многу познати политичари и бизнисмени од Бугарија и стотина компании и ја растресе бугарската политичка сцена и целото општество. 

Она што овде јасно не се кажува, но потсвесно доаѓа на ум, изгледа отприлика вака – ако некои во бугарската политика се способни на овој начин да се поигруваат со Американците само заради некаква политичка печалба во конфузијата по двете гласања за парламентот, што би останало со понижувањето и уценувањето на помалата и економски послабата Македонија. Може ли да се очекува некаков разумен разговор околу барањата, кои на сите овде им изгледаат целосно неразумни. 

Нема човек во македонската политика на кого не му е јасно дека на овој или оној начин Европската унија секогаш малку повеќе ќе ја штити нејзината членка Бугарија отколку што ќе ѝ даде за право на Македонија за работите што изгледаат незамисливи воопшто да се поставуваат на маса – идентитетот и јазикот. И забележуваме дека ЕУ на некој начин се обидува да ѝ изнајде чесно решение на Бугарија за да не се наруши кохезијата на европската архитектура по големите судири со владите во Будимпешта и Варшава. Случајот со Грција може некому да му изгледа ист, но не е. За преговорите со Атина имаше две резолуции на Советот за безбедност на ОН, имаше специјални пратеници на генералниот секретар на ОН, а ова се однесува само на исполнувањето (и наводното неисполнување) на еден билатерален договор за добрососедство. Се чини дека сега главното прашање е дали Македонија ќе биде вовлечена во оваа европска игра и да премине граници кои не можат да се преминат. 

Словенечкиот амбасадор во земјава, Милан Предан, во четвртокот во Собранието, претставувајќи ги приоритети на претседателството со ЕУ на неговата земја, на одреден начин ги спушти очекувања дека е можно да се дојде до датум за првата меѓувладина конференција. Без оглед колку Словенија и Македонија имаат блиски односи и колку владата во Љубљана сака да најде излез од овој чуден јазол. 

Предан рече дека била потребна политичка волја и прагматизам на двете страни. „Свесни сме за вашите црвени линии, треба да видиме со нашите пријатели од Бугарија каде тие, односно како ние можеме да ги акомодираме нивните барања“, рече Предан, нагласувајќи дека сега е време на тивка дипломатија. Тој уште сега навести дека на самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври можеби нема да има одлука, но ќе има „барем една чиста перспектива, чисто гледиште како може да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија“. Па, „чиста перспектива“ за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан имаше и на Солунскиот самит во 2003 година и поминаа 18 години. И што се случи оттогаш? 

-претходни колумни од авторот: Што може да се дознае од една анкета?

Предан е можеби во право кога вели дека двете земји „треба да ги потиснат своите емоции“, но како Македонците да ги потиснат своите емоции – во себе да мислат дека се Македонци сто-двесте години кои зборуваат на свој јазик, а јавно да ги акомодираат своите емоции спрема наративот на Софија. Не може воопшто да има сомнеж во добрите намери на Љубљана, но добрите намери не секогаш може да најдат решение на половина пат, ако барањата на едниот влегуваат во самата суштина на другиот. 

„Заборавете на тоа“

Извонредниот познавач на Балканот, професорот од Универзитетот од Грац, Флоријан Бибер, во интервју пред некој ден за специјализираниот медиум за регионот „Јуропиан вестерн балканс“, оценувајќи ја политиката на ЕУ даде интересна оценка: „Со години беше јасно дека Бугарите имаат поинакво гледиште околу минатото и околу јазикот, но никогаш не кажаа дека тоа може да биде нешто за коешто тие ќе блокираат и затоа дојде толку неочекувано. Со тоа не само што го блокирате пристапниот процес кон ЕУ, туку ги поткопувате и билатералните договори што ги склучуваат земјите. Бугарија сериозно го поткопува кредибилетот на ЕУ и отвора пат која било земја од Унијата да стави блокада за што било. Што ако, на пример, на Малта не ѝ се допаѓа знамето на Македонија, што ако Естонија сака албанската валута да се нарекува поинаку. Може да се јават многу глупави идеи. Ова го киднапира комплетно целиот процес“. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Зборувајќи за фактот што Македонија не беше наградена од ЕУ за договорот што го склучи со Грција, Бибер оценува дека европската порака до регионот е куса и нихилистичка – „Заборавете на тоа“. И го поставува прашањето: „Зошто Србија и Косово би постигнале договор ако нема награда за тоа. Би рекол дека ова е особено точно за Србија, каде поддршката за пристапување во ЕУ опаѓа од година во година, а владата нема да сака толку многу да се приклучува на Унијата затоа што ќе мора да го подобри владеењето на правото“, вели Бибер. И поентира: „Да сум јас сега претседател на Србија не гледам зошто би се согласил на нормализирање на односите со Косово, кога тоа носи само политички ризик дома. Таа одлука не би била популарна, а наградата за тоа е многу апстрактна и нејасна“. 

-претходни колумни од авторот: „Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

Ова не се оценки кои ѝ даваат поддршка на политиката на Белград (Бибер е познат по острите критики на она што се случува во Србија), туку реална квалификација на амбивалетната политика на ЕУ – дека никогаш не можеш да бидеш сигурен во големите ветувања на ЕУ. Тие политички секогаш се „апстрактни и нејасни“, освен, се разбира, значајната економска помош до земјите во регионот. 

Жак Мер, пратеник во Националното собрание на Франција од партијата на претседателот Емануел Макрон и потпретседател на Комитетот за надворешни работи, на Преспа форумот велеше дека „Макрон многу силно го поддржува отворањето на преговорите со Македонија и Албанија што е можно побрзо и ние тоа сакаме да се случи пред почетокот на француското претседателство со ЕУ на 1 јануари 2022“. Кога тој пат изледаше сосема чист за Македонија есента 2019 Макрон стави вето и ги постави темелите на бугарскиот ѕид и блокадата. Оттогаш работите само се влошија, а не се подобрија и покрај усвојувањето на новата методологија која ја заговараше Макрон. 

Но како што луцидно забележува Флоријан Бибер: „Ако не се дојде до решение за кревање на блокадата за време на словенечкото претседателство, ние ќе влеземе во француската претседателска кампања за изборите во мај идната година и тогаш Бугарија веќе нема да биде проблем, тогаш можеби самата Франција ќе стане проблем“. 

Потоа ќе се чека чешкото претседателство (и тоа најави самит ЕУ-Западен Балкан), па можеби шведското и шпанското во 2023. Дали некој е сигурен дека може да има крај? Можете да бидете сигурни дека и тогаш ЕУ ќе има повеќе разбирање за ставовите на некои од своите земји-членки, без оглед дали на другата страна би биле Србија, Македонија и Албанија. Не е праведно, но не е ни нелогично – кога си во клубот твоите интереси се поважни од оние што се надвор, без оглед што се морално и на друг начин компромитирани.  

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар