1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ЕУ мора да крене рампа за Полска

Барбара Везел
25 октомври 2021

Спорот со Полска околу принципите на правната држава е тежок удар за ЕУ. Настапите на полскиот премиер би требало да ја омекнат ситуацијата. Но, демократските основи на Унијата не се „желботека“, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/429Uo
Јазот меѓу Полска и ЕУ сѐ поголем
Јазот меѓу Полска и ЕУ сѐ поголемФотографија: Omar Marques/Getty Images

Некои аналитичари забележуваат дека настапот на полскиот премиер на самотот во Брисел бил помалку ‘воинствен’ од досегашните напади врз ЕУ во Европскиот парламент. Но, тоа се сепак само дипломатски нијанси. Матеуш Моравјецки и натаму се бори за принципот според кој полското право треба да биде над законите на ЕУ, во зависност од расположенијата и гледиштата на владата во Варшава.

Политичката аргументација, дека никогаш не се согласиле да отстапат толкава количина сувереност на Унијата колку што бара Европскиот суд, е „скроена” по примерот на лажните вести. Полска, макар и по жестоко несогласување, во 2007 го потпиша Лисабонскиот договор кој е темелот на денешната Унија. Тогашниот претседател Лех Качински навистина сонуваше за друга Европа, чиста економска унија, која не требаше да биде ништо повеќе од машина за делење пари меѓу земјите членки.

Сега брат му Јарослав, претседател на партијата ПиС и главен човек во Варшава, се обидува да се надоврзе на старата идеја. Но, за неа ниту тогаш, ниту сега имало мнозинство во Европа.

Полската влада поддржана од Виктор Орбан во улога на „втор Трамп” се обидува од внатре да ги урне европските темели. Притоа не се работи за бранење на полското право од напади од Брисел. Речиси во сите области од секојдневието, од казнено до даночно право, здравство, образование или јавна управа, ЕУ членките се автономни како што биле и секогаш. Тоа важи како за Полска, така и за Италија и Данска.

Полска сака една поинаква држава

Само кога се работи за демократските основи, Европскиот суд влегува во игра. Тие случаи може да се однесуваат на правилото за еднаквост за сите граѓани на ЕУ, како на пр.ЛГБТ заедницата, за што веќе имаше пресуда. Или пак се работи за прастарото правило дека судството мора да биде слободно и независно. Кавгата со Варшава околу систематското исфрлање на независни судии од системот и назначување на послушници на нивно место, трае со години.

Барбара везел, авторка на коментарот
Барбара везел, авторка на коментарот

Полската влада се стреми кон државно уредување во кое нема да има демократија според европските стандарди. Развојот укажува на еден вид контролирано владеење со автократски црти. На патот натаму прво се укинува независното судство, потоа независните медиуми и конечно граѓанското општество. Изборите на крај служат само за потврда на владеачката тајфа. Русија на Путин е пример како такво нешто изгледа во пракса. Полска веќе сега не исполнува некои од критериумите за членство во Унијата. А, авторитарен режим каков што замислуваат Качински и луѓето околу него, воопшто и не припаѓа во ЕУ.

Другите членки направија огромна грешка кога падивно сведочеа како Орбан даде пример за другите источноевропски земји за тоа како се растура една демократија и се заменува со авторитарна власт на клептократи.

Спречете го натамошното уништување на Европа

Во случајот со Полска, Европејците мора радикално да пресечат. Земјата е преголема и има стратешко значење. Кога Британците ја напуштија ЕУ, тоа беше јасна работа. Најавија дека ќе го сторат тоа и тоа се случи по подолго натегање.

Владата во Варшава се обидува да ја урне од внатре тврдината и силата што може да предизвика поделби е многу поголема од таквиот потег отколку од Брегзитот. Марк Руте од Холандија и други тоа веќе подолго го гледаат и најавија дека се на крај со трпението. Можеби методата на Меркел која се засноваше на бесконечни дијалози и со најтврдокорните членки, треба да замине во минатото. Андреј Бабиш од Чешка, Јанез Јанша од Словенија може да бидат следните, а новите автократии и не се баш пример за успех. Ако Полска не игра по правилата, преостанува само напуштање на Унијата. Инаку ќе треба да се отвори повторно старата идеја за едно европско јадро и тогаш Варшава ќе треба да западне во држави од втор ред.

Во секој случај ЕУ мора со сета сила да се одбрани од полскиот напад и за тоа да се користи со парични санкции. Зошто германски или холандски даночен обврзник да плаќа за владеењето на Качински? Брисел мора да крене рампа.