ЕУ подготвува нови санкции против Белорусија
10 ноември 2021Најнеобичниот придонес за ситуацијата на полско-белоруската граница го даде вчера рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Зошто ЕУ не сака да пружи „финанскиска поддршка“ за владата во Минск, за бегалците да се одвратат од патот кон полската граница? Всушност, тоа го направи со склопување на договорот со Турција, вели тој.
„Ердоган беше изумител на оваа нехумана стратегија, а Лукашенко од тоа се обидува на прави модел за франшиза. На надворешната граница на Полска сега се одлучува дали таквите обиди за уцена и натаму успеваат“, реагираше на ваквата изјава, пак, конзервативниот пратеник во Европскиот парламент, Маркус Фербер.
Полска ја засилува политичката активност
Во вторникот наутро (9.11) премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, започна политичка иницијатива. По посетата на граничниот премин Кужница кон Белорусија, кој во меѓувреме е затворен и во чија близина илјадници бегалци чекаат да го продолжат патот кон ЕУ, тој на Твитер напиша: „Тука станува збор за стабилноста и безбедноста на целата ЕУ. Овој хибриден напад на режимот на Лукашенко е насочен против сите нас. Нема да дозволиме да нѐ заплашат и ќе го браниме мирот во Европа со нашите партнери од НАТО и од ЕУ.“
Веднаш следеше одговор од Министерството за одбрана од Минск, кое обвинувањата ги нарече „неосновани и недокажани“. Министерството ја обвини Полска дека намерно ги засилува тензиите. „Ја предупредуваме полската страна да се воздржи од провокации против Белорусија, со што настојува да ја оправда незаконската употреба на насилство над загрозените, невооружени луѓе, меѓу кои има многу жени и деца.“
ЕУ сака дополнителни санкции
ЕУ во текот на летото воведе санкции против Александар Лукашенко, откако цивилниот авион на компанијата Рајанер, во кој се наоѓаше млад критичар на режимот, беше приморан да слета. Тогаш, покрај вообичаените забрани за патувања и блокирање на сметките на членовите на владата и на официјалните лица, постоеја и ограничени економски санкции, на пример, за извоз на вештачко ѓубриво, еден од главните извозни производи на Белорусија. Но, овие санкции беа внимателно формулирани и економската штета за режимот се сметаше за ограничена.
Повеќе: Бегалска драма на границата меѓу Полска и Белорусија: Сириец си ги бара родителите
Сега ЕУ ги укина визните олеснувања за патувања на членовите на владата и за државните службеници. И натаму се разгледуваат санкциите за лицата и организациите кои се вклучени во криумчарење на мигранти. Меѓу нив се и туристички агенции, чартер и други компании, како државната авиокомпанија Белавиа, која тогаш веќе не би можела да изнајмува чартер авиони за земјите во ЕУ.
„Повикувам да се воведат дополнителни санкции, вклучувајќи и можни санкции против авиокомпаниите од трети земји“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и додаде оти се замисливи забрани за прелетување и слетување. Според зборовите на портпаролот на Комисијата, ЕУ во моментов се обидува да собере податоци и ги испитува летовите од Мароко, Сирија, Иран, Катар и од други земји од Блискиот и од Далечниот исток, за да утврди на кој начин се криумчарат мигрантите, особено во Белорусија.
Казните против авиокомпаниите би морале да бидат правно обврзувачки. Со пакетот мерки неделава ќе се занимаваат амбасадорите на ЕУ во Брисел, а за тоа понатаму ќе се одлучува во понеделник на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Европејците мора да делуваат - но како?
Вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, изјави дека Европската комисија ќе мора веднаш да преземе нешто за да ѝ пружи поддршка на Полска во обезбедувањето на границата. Помошта понудена од Агенцијата за заштита на границите на ЕУ, Фронтекс, досега беше отфрлена од полската влада, која наведуваше дека има доволно војници и граничари. Критичарите претпоставуваат дека Варшава не сака никој да ги набљудува нејзините дејствија во забранетата зона на границата, бидејќи има извештаи за илегални протерувања на мигрантите.
Критики за досегашната бриселска политика на немешање во она што се случува на границата доаѓаат од редовите на партиите кои во моментов работат на формирање на идната владина коалиција во Берлин: „Се противиме на нехуманите протерувања“, изјави шефицата на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт. И експертот за миграциски прашања од редовите на социјалдемократите, Ларс Кастелучи, исто така порача: „Основните права, вклучително и пристапот до азил, мора во секој момент да се оовзможени на европските надворешни граници“.
Во наредните денови, еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон и потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас планираат повторно да ги посетат земјите на потекло и транзит на бегалците за да разговараат со тамошните влади. „Очајниот, нелегитимен режим во Минск ги повикува луѓето и им кажува дека тоа е безбеден и лесен начин да се дојде до ЕУ. Претставниците на ЕУ, сепак, сакаат да појаснат дека бегството низ Белорусија е многу опасно, и со оглед на тоа дека наближува зимата“, вели Илва Јохансон.
Повеќето мигранти доаѓаат од курдските области во северен Ирак, Сирија и од Авганистан. Ниту нивните влади ниту самите бегалци, како што се вели, не треба да бидат отворени за ваквите повици.