ЕУ размислува за квоти за бегалци
10 октомври 2014Бројот на бегалци во ЕУ се зголеми значително поради кризите во европското соседство - Сирија, Ирак и Северна Африка. „Толку бегалци не сме имале уште од Втората светска војна“, изјави германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие на средбата со своите колеги вчера во Луксембург. Пет земји на ЕУ, меѓу кои и Германија, според податоци на Евростат, во моментов прифаќаат 75 проценти од бегалците во Европа. Тоа не може да остане така, согласни се министрите за внатрешни работи на ЕУ и надлежната еврокомeсарка Сесилија Малмстром. „Сите земји мора да преземат одговорност. Денес само половина од земјите во ЕУ прифаќа бегалци, но тоа би морале да го прават сите 28 земји или пак да преземаат бегалци од другите држави на ЕУ кои се многу оптоварени“, нагласи Малмстром.
На предлог на Франција, Германија и Италија, министрите за внатрешни работи постигнаа согласност за низа мерки за намалување на бројот на бегалци и нивна подобра распределба во Европа. „Со тоа имаме обврзувачка изјава за обврски за нас сите околу тоа како сакаме да ја третираме темата илегална миграција и бегалци во наредните недели и месеци“, рече Де Мезие во Луксембург. Тоа е голем успех. Министерот, меѓутоа, истовремено додаде дека „сето тоа треба, се разбира, да се спроведе во реалноста, а тоа е многу тешко со оглед на условите.“
Критика на сметка на Италија
Скепсата е оправдана, зашто министрите за внатрешни работи на ЕУ договорија реформи во политиката кон бегалците, кои потоа пропаднаа. Сега треба заедно со ссоедните земји, како Либија, да се преземат „решителни“ мерки против шверцерските банди кои ги мамат очајните луѓе на бегство преку море по цена до 10.000 евра. Сите држави на ЕУ би требало да ги регистрираат бегалците земајќи отпечаток од прст и да не дозволуваат бегалците едноставно да заминат во друга земја од Шенген зоната, каде нема гранични контроли. Според германските проценки, ова правило кое постои одамна, не се реализира пред се‘ поради постапките на Италија. „На Италија и другите држави им нудиме помош при приемот на бегалците во форма на техника и службеници, за да се спроведе регистрација на бегалците. Онака како што работите се одвиваат во моментов не може да се продолжи“, рече германскиот министер Де Мезие.
Европски дипломати тврдат дека Италија досега воопшто не реагирала на честите понуди на помош. Земјата има добиено стотици милиони евра од ЕУ за подобро сместување и прием на бегалци. Не се знае каде завршиле парите.
Германија подготвена на квоти, под одредени услови
Кога сите земји уредно би ги регистрирале бегалците, германскиот министер Де Мезие е подготвен на ставање вон сила на правилата од договорот од Даблин. Според тој договор, бегалците мора да останат во земјата во која првпат стигнале на територија на ЕУ. Со оглед на големиот број бегалци, според германскиот министер, може да се пристапи кон распределба врз основа на квоти. „Тоа денес не е правно предвидено и мора да се случува доброволно и веројатно временски ограничено. Мора да постигнеме соглансост за квоти според бројот на жители на дадената земја. Потоа, мора да се погрижиме да им се помогне на земјите кои имаат повеќе бегалци од оваа квота. Земјите кои се под квотата ќе добиваат бегалци од преотповарените земји“, објаснува Де Мезие.
Повеќето организации за човекови права, како Амнести Интернешнал или Про Азил со години бараат воведување квоти за бегалци. Дали Германија со ваква една квота ќе мора да прими повеќе бегалци или помалку отколку денес, не може да се каже, нагласува Де Мезие. „Тоа зависи од клучот по кој ќе се распределуваат бегалците.“
„Тритон“ наместо „Маре Нострум“
ЕУ донесе одлука од први ноември да почне со нова „операција на потрага и спасување“ во Средоземното Море, околу бреговите на Италија. Операцијата наречена по грчкиот бог „Тритон“ ќе опфаќа три брода и два авиона за набљудување. Таа би можела да ја замени поголемата италијанска оепрација „Маре Нострум“, која Италија ја почна пред една година, по големата бегалска несреќа пред Лампедуза. Сега со новата операција бродовите би патролирале само пред брегот на Италија и не би навлегувале во либиските територијални води за веќе таму да можат да земат бегалци од преполнeтите бротчиња.
Органзиацијата Про Азил планираните промени ги оцени како „драматични“. ЕУ крева нови ѕидови и ризикува ново масовно умирање на бегалци, оценува Про Азил. Министерот Де Мезие и многу негови европски колеги на тоа гледаат поинаку. Според нив, „Маре Нострум“ спасува животи, но истовремено и им нуди перфектен бизнис модел на шверцерите. Бегалците, знаејќи дека ќе бидат префрлени на италијански бродови, сега уште помасовно бегаат со бротчиња кон Европа. „Шверцерите заработуваат милијарди. Сакаме да ставиме крај на тоа“, изјави Де Мезие за ДВ.