1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака да преземе мерки против лажните вести

Кристоф Хаселбах
29 септември 2020

Специјален комитет на Европскиот парламент треба да открива и сузбива странски обиди за влијание во сајбер просторот. Особено во време на пандемија таквите насочени кампањи за дезинформација се зачестуваат, смета ЕУ.

https://p.dw.com/p/3j5wk
Symbolbild Cyberkriminalität
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

На почетокот на летото Брисел алармираше: „За време на пандемијата со корона Европа е преплавена со кампањи за дезинформации”, вели потпретседателот на ЕК, Вера Јурова.

Таквите кампањи не се опасни само од здравствени причини, туку целта е да се поткопа довербата во владите и медиумите.

Како пример Комисијата го посочува растечкиот број на противници на вакцина во Германија. Студија покажала дека за помалку од два месеца подготвеноста за вакцинирање во Германија се намалила за 20%. Тврдењата што се шират по социјалните медиуми, дека пиењето средство за белење помага против корона, Комисијата го гледа како уште еден обид за смислено доведување во заблуда. „Дезинформации во време на пандемија може да убијат луѓе”, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел.

Особено теории на заговор често кружат за време на короната. Една од нив е дека сузбивањето на вирусот ќе се искористи за присилна вакцинација на населението или дека основачот на Мајкрософт Бил Гејтс заедно со ЕУ сака да ги чипира луѓето.

Corona-Krise könnte Impfbereitschaft fördern
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Пропаганда и сајбер напади

За да се спротистават на таквите кампањи, Европскиот парламент свика посебен комитет кој сега почнува со работа. Се работи за многу повеќе од корона. Зад кампањите ЕУ гледа пред сѐ обиди од Русија и Кина да се поткопа демократијата во светот и да се заслабне на тој начин улогата на Унијата во него.

Комитетот треба да открие во кои области се шират такви лажни информации. Една од нив изгледа е обид да се влијае на исходот на избори. Непосредно пред европските избори пратеници на Европскиот парламент се жалеа дека има голема руска пропаганда. Притоа не стануваше збор само за кампањи за дезинформации во социјалните медиуми. Пратениците пријавуваа напади на изборната инфраструктура. Одредени лица од политичката сцена кои се блиски со нивните налогодавачи од трети земји, биле директно или индиректно финансиски поддржувани. Постои сомнеж дека партијата на француската деснопопулистка и поранешна пратеничка во Европскиот парламент Марин Ле Пен добивала пари од Кремљ. Ле Пен во повеќе наврати ги критикуваше западните санкции врз Русија заради кризата во Украина.

Клучни се големите онлајн платформи

Главните соговорници на ЕУ во оваа борба се големите онлајн компании како Фејсбук, Твитер и Гугл. ЕУ сака да се обврзат самите посилно да се вклучат во борбата против дезинформации и на истражувачите да им овозможат пристап до нивните податоци. „Нема структурна соработка меѓу платформите и истражувачката заедница,“ објави пред две недели Комисијата. „Платформите мора да станат поодговорни, достапни и транспарентни,“ изјави потпретседателката на Комисијата, Јурова. Доброволни мерки постојат, но не се доволни смета Комисијата и најави дека ќе следат понатамошни предлози.

Уште во јуни кога беше основан Специјалниот комитет, Комисијата побара од онлајн-платформите да соработуваат со проверувачите на факти и да доставуваат месечни извештаи за нивните активности во борбата против лажните вести. Според нив ова веќе дава позитивни резултати. Веродостојните извори се означени, а лажните и неверодостојни содржини намалени или отстранети. Така на пример, Фејсбук и Инстраграм ги промовираат содржините од здравствените власти како Светската здравствена организација. Реклами за прескапи или фалсификувани медицински производи се бришат.

Каде започнува цензурата?

За Европската федерација на новинари, Европскиот совет на издавачи и Здружението на приватни радиодифузери, мерки на доброволна база за онлајн платформите не се доволни. Европа премногу се потпира на добрата волја на онлајн – играчите, напишаа тие во заедничката изјава уште во јуни. Бараат „ефикасни“ санкции, доколку компаниите не се придржуваат кон доброволниот кодекс на однесување. Проверката на факти оди по тенка линија.

Но, има и други потешкотии. Честопати не е воопшто лесно да се дефинираат лажните вести и да се одделат од изразување на мислење кое може да биде екстремно. Критичарите стравуваат од мешање во слободата на изразување. „ Не сакам да се создаде Министерство за вистина“, вели Вера Јурова од Комисијата. Специјалниот комитет на Парламентот веројатно одново ќе мора да се занимава со овој проблем во борбата против лажните вести.