ЕУ се подготвува за тврд Брегзит
20 декември 2018„Не станува збор за никаков договор со цел да се ублажат последиците од еден тежок Брегзит, туку ова се унилатерални мерки од страна на ЕУ кои се во нејзин сопствен интерес“, објаснува претставникот на Унијата кој го презентираше планот за вонредна состојба. Сто дена пред датумот за Брегзит и со оглед на непредвидливата политичка ситуација во Велика Британија, Комисијата објави редица директиви, чија цел е барем во одредена мера да се контролира очекуваниот хаос.
Нема замена за договорот за излез
Британските новинари во Брисел особено се интересираа дали овие планови би можеле да бидат таканаречениот „договор за тврд излез“, кој во моментов е пожелно решение за тврдокорните Брегзитери во Лондон. Одговорот од Европската комисија е категорично НЕ: овие мерки не се плод на преговори и договор, туку ќе бидат еднострано воведени од страна на ЕУ.
Тие ги претставуваат интересите на 27-те земји членки и се краткорочни – во принцип до една година – и може во секое време еднострано да бидат укинати. Освен тоа, тие ќе стапат на сила само во случај на реципроцитет од Велика Британија. Мерките за вонредна состојба во никој случај не се замена за Договорот за излез, чија политичка судбина е сѐ уште под знак прашање во британскиот парламент. Нивната цел е единствено да се ублажат дел од последиците и тоа само за тесно ограничени економски сектори.
Повеќе:
Британијо, времето ти истекува!
Транспорт на стока
ЕУ ги продолжи лиценците за британските превозници и возачи на камиони до крај на 2019 година. Сѐ дотогаш трговската размена продолжува да се одвива по копнен пат, пред сѐ преку пристаништето Довер. Британија мора и да ја дозволи таквата мерка. Во тие преодни девет месеци би требало да бидат испреговарани нови правила, во спротивно камионскиот транспорт би се одвивал според постоечки меѓународни договори. Но, тоа значи дека давањето на лиценци може да биде и ограничено.
Воздушен сообраќај
Европската унија сака за уште една година да го продолжи договорот за воздушен сообраќај. Според него, британските компании, би можеле од домашните аеродроми да летаат до дестинации во ЕУ, ама веќе не се дозволени привремени застанувања. Линијата Лондон – Париз ќе биде возможна, но не и Лондон-Париз-Рим.
Царински контроли
Европската комисија им укажува на земјите членки дека од 30 март следната година, царински контроли, ветеринарни и други, за увоз од Велика Британија ќе важат исто како и за која било друга земја која не е членка на ЕУ. За таквата промена мора да се подготват со зголемување на бројот на персоналот и повторно отворање на поранешноите погранични контролни пунктови. Тука особено погодени ќе бидат Франција, Холандија и Белгија, низ кои минува голем дел од британскиот транспорт на стока. Се очекува застој на границите. Ако предвид се земат само две минути по клиент на преминот во Довер, тоа би довело до преку 40 километри застој зад границата, пресметаа експертиите.
Ирска
Нема коментар од Европската комисија. Во принцип, во случај на тврд Брегзит, треба да има царински контроли и цврста граница помеѓу членката не ЕУ - Ирска и Севрна Ирска која припаѓа кон Велика Британија. За оваа политички жешка тема, Европската комисија не сака јавно да заземе став.
Граѓански права
Европската комисија им препорачува на 27-те земји членки, правата за престој и пристап до социјални услуги за британски граѓани да ги третира великодушно, а не бирократски. Но, правната надлежност за тоа е кај секоја земја поединечно. Веќе сега има жалби од Холандија и Франција за начинот на кој се регулираат овие прашања.
Финански пазар
Пристапот до ЕУ за британскиот финансиски пазар, таканаречениот „паспортинг“ завршува на 30 март следната година. „Тоа ќе биде многу штетно за градот", се вели во извештајот на Европската комисија. Исклучок ќе биде направен за клирингот на деривати, коишто ќе продолжи уште една дополнителна година, главно поради тоа што европските даватели на финансиски услуги сѐ уште не можат да го преземат постоечкиот волумен.
Остатокот не е регулиран
Вкупно има 14 итни мерки. Но, тие важат експлицитно само за наведената листа со активности. Сите останати економски области или пак на пример, соработката меѓу полицијата, безбедносната соработка на тајните служби, размената меѓу научните институции, и многу други области - не се регулирани. За нив важи дека 30 март 2019 е крајот на светот каков што досега постоеше меѓу Велика Британија и ЕУ. Исто така не се регулирани и плаќањата во каталогот на итни мерки, но ЕУ смета дека Велика Британија ќе си ги плати долговите кои настанале од договорот со Унијата. Во краен случај, таквите барања би можеле да бидат наплатени преку судски процес.
Дали британските Брегзитери кои го измислија „договорениот no-deal" ќе бидат одушевени од гаранциите на ЕУ дека итните мерки никако не се замена за договорот за излез од Унијата, е под знак прашалник. „Тие во никој случај не може да се споредат со предностите кои ги носи самиот договор", нагласи повеќепати еврокомесарот Валдис Домбровскис.