1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе ги помага авганистанските бегалци, но во регионот

Бернд Ригерт
1 септември 2021

Прифат на локалните соработници, но не и на останатите бегалци од Авганистан во ЕУ – ова е рецептот на министрите за внатрешни работи на ЕУ.

https://p.dw.com/p/3zl3B
Afghanistan-Pakistan | Grenze
Фотографија: Jafar Khan/AP Photo/picture alliance

Колку луѓе треба да се изнесат од Авганистан и колку Авганистанци сакаат да ја напуштат земјата, тешко можат да проценат и министрите за внатрешни работи на ЕУ. Само во Германија се пријавиле до 40.000 лица кои имаат потреба од заштита како поранешни локални соработници, изјави вчера во Берлин канцеларката Ангела Меркел. Мнозинството од нив уште се во Авганистан, каде власта целосно ја презедоа талибанците.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер не ја потврдува оваа бројка. „Не постои никаква проценка на владата, зашто таква ни објективно не е можна“, изјави тој пред вонредниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ вчера во Брисел. Тој не сака да зборува воопшто за бројката од 100.000, која исто така курсира. Ќе се прават напори од Авганистанда бидат извлечени што е можно поголем број поранешни соработници и нивните семејства, вети Зехофер, тие ќе добијат дозвола за престој и нема да поминуваат низ процедура за барање азил. Таков третман ќе имаат и посебно загрозените лица како активистки за човекови права, новинари или судијки.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

Кон евентуалните бегалци, кои не се вбројуваат директно во локални соработници, Европската унија ќе биде помалку великодушна. ЕУ не сака да се обврзе на конкретен број луѓе кои преку тн. Програма за преселба, од бегалските логори во Пакистан или Иран ќе можат да бидат пренесени на легален и безбеден пат во Европа. За тоа е сѐуште рано, смета надлежната еврокомесарка за миграција, Илва Јохансон. Овој месец таа ќе организира форум на оваа тема со САД, Канада, Велика Британија и други држави, кога ќе бидат договорени конкретни понуди.

Различни пристапи во ЕУ

Целта е да не се создадат лажни надежи, луѓето поради шанси за успешно бегство, да не бидат дури и охрабрени на таков чекор, теза која ја критикуваат многумина експерти од областа на истражување на миграциите.

Ставовите околу бегалците во ЕУ дијаметрално се разијдуваат. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер не сака да чуе за прием на бегалци во земјата, неговата порака до Авганистанците гласи: „Останете таму каде што сте, ќе ви се помага во регионот.“ 

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој е надлежен и за миграција, напротив ги повика своите колеги да не го вртат погледот настрана. „Цврсто сум убеден дека ЕУ може да направи многу повеќе за да ги прифати луѓето во животно опасна положба во оваа драматична ситуација во Авганистан.

Во заедничка декларација министрите за внатрешни работи на ЕУ се заложија авганистанските бегалци по можност да се задржат во регионот и истовремено да се обезбеди надворешната граница на ЕУ. Не смее да се повтори 2015 година, кога во Европа стигна еден милион сириски бегалци, се слушаше постојано во Брисел вчера. Во претходните години беше недоволна помошта на соседите на Сирија и финансирањето на бегалските логори на ОН, тоа сега не смее да се повтори, истакна еврокомесарката Илва Јохансон. Мора да се избегне хуманитарна криза, за таа да не се претвори во мигрантска.

Проблем кој изискува напори и трпение

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер исто така пледира за посилна соработка со Пакистан и останатите соседи на Авганистан, без оглед што Пакистан соопшти дека не сака да прими дополнителни бегалци, во земјата има веќе три до четири милиони Авганистанци.

Infografik Afghanische Flüchtlinge Aufnahmeländer EN
Каде се сместени авганистански бегалци

Изјави има многу, и од ЕУ, вели Зехофер, но неопходно е зајакнување на дипломатските напори: „Соседните држави на Авганистан треба да добијат силна поддршка ако примат и згрижуваат бегалци, тука се бара макотрпна работа и умешна дипломатија.“

Министрите за внатрешни работи на ЕУ побараа од Европската комисија предлагање акциски план за конкретни чекори во помошта на соседните држави на Авганистан. „Доколку дејствуваме брзо и правилно, нема да доживееме реприза на 2015 година. Ако правиме грешки и предолго дискутираме околу соодветните начини, нема да има добар развој во идните месеци“, истакна Зехофер во Брисел.

Миграцискиот договор во ЕУ тапка во место

Членките на ЕУ уште од 2015 година не можат да се усогласат ниту за заедничка политика на азил, ни пак за клуч за распределба на бегалците на кои им е доделен азил. Членките на ЕУ се толку раскарани во бегалската политика како во ретко некоја друга тема.

Еврокомесарот Маргаритис Шинас, исто така задолжен за миграциски прашања, е уверен дека авганистанската криза на Европејците уште еднаш им покажува дека конечно мораат да се договорат. Но, сегашниот претседавач на собирот на министрите за внатрешни работи, Словенецот Алеш Хојс, речиси и да нема амбиции на оваа тема: „Не мислам дека во следните месеци можеме да постигнеме натамошни чекори. Никој не очекуваше дека одеднаш ќе се соочиме со миграциски проблем во Авганистан.“

Хојс изјави дека дискусијата се свртела и кон безбедносните закани кои произлегуваат од новите мигранти од Авганистан. Новодојденците оттаму треба да поминат низ сигурносна проверка, да се избегне веќе еднаш депортираните и осудени Авганистанци да тргнат повторно на пат кон ЕУ. Треба да им се пресечат каналите на шверцерите на бегалци и да се преземе сѐ можно за Авганистан да не се претвори повторно во прибежиште за терористи, изјави Хојс.

Раководителот на лоби-оргаизацијата Про Азил, Гинтер Буркарт, остро го критикува ставот на министрите за внатрешни работи на ЕУ. Владите подготвуваат подигање бедеми околу Европа, наместо да се насочуваат кон прифат на бегалци, напорите се насочуваат кон одбрана, тоа е несфатливо, критикува Буркарт.

Во изминатите месеци, според наводите на Европската комисија, бројот на пристигнати луѓе и баратели на азил од Авганистан пораснал за една третина во однос на лани. Во мај ги имало околу 4600. Откако стана јасно повлекувањето на САД и трупите на НАТО, на пат кон Европа тргнале повеќе луѓе. 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија