1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартува битката за ребалансот на буџетот

Костадин Делимитов
1 јули 2021

Опозицијата го напаѓа со амандмани, стопанството го очекува со душа за да донесе свежи пари. Ребалансираниот буџет е рекорден, но дали и соодветно скроен за излез од кризата?

https://p.dw.com/p/3vqY6
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Рекордно тежок, рекордно растрошен. Предлог прекроениот државен буџет од денеска е пред пратениците кои треба да дадат виза за да стане оперативен. За власта со структура неопходна да ја извлече економијата од криза и да ја врати на патеката на раст кој според нејзините прогнози ќе изнесува 4,1%. За опозицијата, расипнички кој аминува непродуктивно трошење и предизборен поткуп во пресрет на локалните избори.  

Амандмански притисок

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најавува над 130 амандмани со кои ќе испрати аларм дека власта троши за се, само не за она што го ветила, а не го исполнила за граѓаните и стопанството. Најавува жестока дебата и силен отпор против политиките на власта кои освен вртоглав раст на долгот сметаат дека нема да донесат ништо позначајно за економијата:

„Владата досега игнорира се она што го предлагаме и се она за што предупредуваме и реагираме. Ќе поднесеме околу 130 амандмани и ќе побараме од власта да го исполни тоа што го вети, а досега го нема испорачано. Намерно се фокусираме на познацајни и поголеми области кои ке бидат содржани во амандманите кои ќе ги елаборираме во текот на расправата во наредниот период“, изјави за Дојче Веле Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Власта очекува конструктивност

Планот на Владата е годинава да потроши 4,37 милијарди евра, што е дури за 345 милиони евра повеќе од првичната проекција на буџетот за 2021. Најавите се дека ќе има повеќе пари за капитални проекти, околу 110 милиони евра, но и дополнителни средства за ковид мерките, здравство, земјоделство, поддршка на социјалните категории граѓани. Прогнозата делува оптимистичка, но владата смета дека е реална со оглед на приходите кои во вкупен износ заклучно со средината на јуни биле повисоки за 14,5%. Министерот за финансии вели дека не очекува блокади, туку конструктивна дебата и суштински предлози:

Повеќе: ЕБРД ја зголеми прогнозата за растот на македонската економија во 2021

„Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијално планираните 9,4% се зголемува на 11,3% што е повисоко ниво од просекот во последните десет години од 9,5%. Порастот се должи на обезбедување средства за кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и за формирање Фонд за истражување и развој. Исто така, се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој", изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Nordmazedonien | Finanzminister | Fatmir Besimi
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Раст на дефицитот и долгот

Она што посебно загрижува е растот на дефицитот. Според проекцијата на Владата тој ќе се зголеми на 6,5% од бруто домашниот производ, наспроти првичните прогнози од 4,9%. Или во пари, дупката ќе се продлабочи за дополнителни 183 милиони евра и ќе изнесува вкупно 751 милион евра. Покривањето ќе биде преку домашно и надворешно задолжување, а нето долгот ќе порасне за 300 милиони евра. За стопанствениците е клучно парите кои ќе се потрошат да завршат во продуктивни цели, кои ќе донесат развој на економијата: 

„Доколку капиталните инвестиции се во насока на купување на гласови или задоволување на потреби на граѓаните пред локални избори тогаш тие ќе бидат несоодветни и неиздржани.  Од друга страна, капитални инвестиции кои враќаат пари и се инвестираат во нешто што знаеме дека ќе биде добра услуга и ќе враќа пари тогаш би било во ред дури и да се зголеми дефицитот. Ако се знае дека ќе бидат во насока на подобрување на животот на граѓаните, здравјето, услугите и за стопанството. За такво нешто можеме да се потпреме и да веруваме само кога ќе им веруваме на институциите и на администрацијата. Капитална инвестиција е и подобар образовен систем и подобар систем за дигитална услуга кон граѓаните. Актуелно е со здравјето, актуелно е со личните карти со пасошите со регистарските таблички, со образованието и тука многу потфрливме“, реагира во изјава за Дојче веле Миле Бошков стопанственик и претседател на Бизнис конфедерацијата. 

Повеќе:Блокадата на евроинтеграциите и ударите врз економијата

Да се стегне ременот

Она што боде очи според Бошков се токму капиталните проекти кои постојано се најавуваат, а редовно доцнат со реализацијата:

„Јас конкретно не знам што точно мисли Владата кога зборува за капитални инвестиции. Да, тоа се патишта, железници и слично. Но кога сме кај патиштата конкретно што може да зборуваме за нив кога имаме по два проекти за еден пат, за една делница, а патот се уште го немаме. Резултатите се тие и не можеме да ги смениме но мораме да ги подобриме со домаќинско и одговорно работење. Мора да се најде начин да се стегне ременот, да се штеди и разумно да се троши. Ние како држава само го зголемуваме дефицитот и јавниот долг, наместо да го намалуваме а парите се трошат главно непродуктивно. Наместо да создаваме идни генерации кои би биле послободни и понеоптоварени со наследени долгови и состојби, да им испратиме порака на младите дека можат и треба да останат дома. Оти вака досега како што гледаме како се развиваат работите во последниве 15 на години само се таложи незадоволството кај граѓаните и стопанството, посебно кон администрацијата од која било услуга. Затоа мора сериозност и мора промена во политиките“, коментира Бошков.

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Инвестиции во човечки капитал

Освен поддршката на инвестициите и вложувањето во капитални проекти, приоритет за Владата во наредниот период се инвестициите и во човечкиот капитал. За таа намена во предложениот ребаланс на буџетот се предвидени 2,7 милијарди евра инвестиции во образованието, здравството и социјалната грижа. Од Владата тврдат дека средствата по овој основ за три години се зголемени за половина милијарда евра. Зголемување има и во делот на средствата за активни мерки за вработување кои се позиционирани на 1,66 милијарди денари, што е тројно повеќе во споредба со буџетот од 2016 година.

Повеќе: План за спас на економијата-пандемијата ја урна, инвестициите ќе ја враќаат во живот

Очекувањата на Владата се дека инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8%, а дополнителен поттик се очекува и од потрошувачката. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, во услови на постепено враќање на довербата и оптимизмот со почетокот на масовна вакцинација, опоравување на дознаките од странство, поддржана и од преземените фискални мерки за справување со пандемијата. Позитивни ефекти врз приватната потрошувачка се очекуваат и од кредитната поддршка на банките. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3%. Дополнително, се очекува и зголемување на извозот за 10,6% како резултата на заздравување на глобалните синџири на производство и побарувачка.

Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Еколошки даноци

Со ребалансот во буџетот се предвидува и нова програма за зелен развој на ниво на Владата каде што ќе има и дополнителни мерки. Се најавуваат нови еколошки даноци за намалување на загадувањето. Дел од приходите во државната каса сигурно дека ќе зависат и од еколошката такса која власта планира да ја воведе преку зголемување на таксата за горивата за 4,13 денари за литар со вкалкулиран данок на додадена вредност.

Повеќе:

Овие пари според Владата ќе се искористат за еколошки проекти и остварување на зелената агенда што е дел и од обврските за усогласување со европските регулативи и стандарди. Сепак притисокот од јавноста и противењето на опозицијата која анјавува блокада на законското решение го прави неизвесно носењето на оваа мерка за која е неопходно да се изгласаат измени во законот за животна средина.

Според деловникот, комисиската расправа за ребалансот на буџетот може да трае најмногу десет денови, по што документот се сели на пленарна собраниска седница каде пред да се усвои има простор за уште најмногу пет дена дебата.