Жената потешко успева од мажот
8 март 2012Жената во Македонија потешко наоѓа работа, помалку заработува и побавно гради кариера од мажот. Резултатите од истражувањето на Меѓународната организација на трудот ја потврдуваат македонската жена како понежен пол. Како една од главните причини за ваквата состојба се наведува традиционалната улога на жената во семејството, но и образовната неповолна структура на невработените жени.
Дали успешните на работа стасуваат и дома?
Дека не е лесно да се биде жена во Македонија, успешна на работа и дома, потврдуваат нашите соговорнички. Лилјана Поповска е политичарка. Работи многу и не крие дека не стасува да биде успешна и во домот.
„Факт е дека не можам да ги извршувам сите домашни работи, кои инаку ги споделувавме со мажот ми и тука наоѓаме начин да си помогнеме со помош од страна. Би лажела ако речам дека се‘ сама постигнувам“, вели Поповска.
Даниела Димитриевска е извршна директорка на Македонското женско лоби. Вели дека треба да се вложува во образованието за жената уште повеќе да се еманципира, што е услов за менување на неповолните состојби.
„Жените заработуваат многу повеќе од она што го добиваат со оглед на тоа што готват, а не се готвачи, ги чуваат децата, а не се стручни и платени за тоа, чистат, а не се платени за тоа. Ако се пресмета колкав е вкупниот доход на жената за работата во домот тоа е огромна добивка за општеството во форма на неплатен труд“, вели Димитриевска.
Поповска додава: „Тоа е милениумско наследство. За жал се‘ уште целата светска цивилизација живее во таканаречен машки свет. Дури и во една Шведска платите на мажите се поголеми во однос на платите на жените“.
Најголем јаз во платите во трговијата и угостителството
Во изминатите две децении во Македонија е многу постигнато за еманципација на жената, но и покрај тоа, родовата нерамноправност е многу честа. Разликата во платите за еднаква работа меѓу мажите и жените е евидентна.
Јазот во платите е најмалку изразен во јавниот сектор и изнесува минимални 6,3 проценти. Значајна разлика меѓу платите на мажите и жените има во секторите и на работните места каде што се ангажирани многу нискоквалификувани работници, како текстилот, а и таму мажите ги заземаат доминантните позиции. Најголема разлика во платите, над 20 отсто, има во земјоделството, продажбата на големо и мало, производството, хотелите и рестораните, здравството и социјална работа.
Иако жените се свесни дека се професионално дискриминирани, а во земјата постојат институции надлежни да се грижат за човековите права, досега ниту еден суд во државата не разгледувал случај на родова дискриминација во работните односи.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска