Жените зад волан - грешнички во Саудиска Арабија
26 октомври 2013Таа, според прописите, носи абаја - црна долга намеtка што мора да ја носат сите жени во Саудиска Арабија кога излегуваат во јавност. Таа, исто според прописите, е целосно забрадена и само низ тесниот отвор за очите го посматра уличниот сообраќај. Сепак Ајруш е жена која го прекршува законот, и на која во најлош случај ѝ се заканува затворска казна, и тоа затоа што Ајруш седи зад воланот на својот автомобил и се вози низ Ријад.
Возењето автомобил за жените во Саудиска Арабија е забрането. „Уште колку долго треба да живееме во вакво општество, кое не ни ги дава целосните наши права?“ прашува Ајруш. „Имено време е саудиските жени да возат автомобил. Јас сум подготвена. Мојата ќерка е подготвена. И општеството исто така“.
Ова се чини го потврдуваат и другите возачи на автомобили. Кога ќе ја забележат Ајруш зад воланот на нејзиниот автомобил, свират воодушевено и го подигнуваат палецот нагоре. Ајруш кратко отпоздравува. Потоа цврсто го држи воланот во рацете, на кои носи црни ракавици. „Јас учествував уште на првиот акционен ден во 1990. година“, вели таа. „Сега, 23 години подоцна, ние жените сѐ уште не смеме да возиме автомобил. Уште колку долго ќе трае тоа?“
Жените немаат повеќе трпение
Сѐ повеќе жени во Саудиска Арабија немаат повеќе трпение. Во рамките на кампањата „Мое право, мое достоинство“ тие повикаа денеска (26.10) во целата земја на одржување на женски ден на возењето. Една од ко-инцијаторите е активистката и блогерка Еман ал Нафџан, која наведува и сосема практични причини зошто сака да се укине законската забрана за возење: „Зошто треба да плаќам 1500 риали, тоа се речиси 300 евра во месец за возач? Парите можам да ги искористам подобро за мене и моите деца“, вели таа во едно интервју, исто така седејќи зад волан. „Сакам со тоа што нелегално возам автомобил да разбудам внимание во јавноста“.
Тоа ѝ успеа. Од почетокот на кампањата на интернет изминатиот месец жените веќе добија повеќе од 20.000 поддржувачи, меѓу нив и многу мажи. Пред пет години саудискиот крал Абдула нагласи дека забраната за возење е „општествен консензус“. Но, се чини дека овој фронт почна да се рони. На оваа тема се говореше дури и во Шура советот. Иако во парламентарното тело дури на почетокот на оваа година беа допуштени жени, тие брзо ја донесоа темата на дневен ред и најдоа поддршка кај повеќе машки пратеници.
„Возењето автомбил притиска врз јајниците“
Меѓутоа во строго исламистичкото кралство - во кое жените може да стануваат професорки, но без маж-тутор не смеат да одат на лекар, има и сосема поинакви гласови. Оние на шеиците. „Жените по природа се понежни од мажите“, се огласи неодамна шеикот Салех бин Саад преку саудиската телевизија. „Кога една жена вози автомобил, тогаш со тоа ментално се занимава и притиска врз карлицата и врз јајниците. Ова го покажува една научна студија“, изјави шеикот пред камерите. „Жените во Франција и во цела Европа затоа имаат секогаш само две или три деца. Тоа се последици од возењето автомобил!“
Уште во истата телевизиска емисија еден саудсики гинеколог заклучи, дека шеикот, со должна почит, раскажува глупости. Но, во министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија сѐ уште владеат старите слики за светот. Кратко пред женскиот Ден на возењето беше заострен каталогот со казни: Кој демонстрира против забраната за возење за жените, го загрозувал „општествениот мир“. Оној кој во меѓувреме ќе кликне на интернет страницата на кампањата против забраната за возење за жените, ќе види само црн екран - интернет страницата е блокирана од хакери.