„Жолтите елеци“ не мируваат
24 ноември 2018Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер наведе дека во Париз се собрале околу 8.000 демонстранти, а околу 23.000 во целата земја.
Тоа е многу помал број отколку минатата сабота, кога во првиот протест поради високите цени на гориво на улица излегоа 124.000 луѓе.
На Фејсбук 36.000 лица го најавија своето учество на големиот собир на плоштадот Конкорд. Властите го забранија овој собир. До инциденти дојде на Елисејските полиња, каде според Кастанер се наоѓаат и симпатизерите на „екстремната десница“ кои сакаат да ги „нападнат институциите“. Тој ја обвини лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, оти ги повикала своите поддржувачи да учествуваат во протестите и да предизвикаат „безредија“, што таа го негираше.
Полицијата соопшти дека се уапсени 8 лица, „главно поради фрлање на различни предмети“.
Повеќе групи демонстранти утринава се обидоа од разни страни да и' пријдат на Елисејската палата, но полицијата не им го дозволи тоа.