1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртвите на диктатурите не смеат да се заборават

Роберт Шварц/превод:БГ24 август 2016

На 23 август се одбележа Денот на сеќавање на жртвите на тоталитарните режими во 20 век. Тие режими се одговорни за депортации, мачење и убиство на милиони луѓе. Историското зло не смее да се заборави, смета Роберт Шварц

https://p.dw.com/p/1Jo2j
Фотографија: Fotolia/Fiedels

Соочувањето со поновата историја, пред сѐ со злосторствата на поранешните режими во поранешните социјалистички земји се одвива на различни начини. По падот на Берлинскиот Ѕид во 1989 година и падот на комунистичките режими, овозможен е делумен пристап до архивите на тајните служби, иако во повеќето земји тој беше отежнат. Уништени се тони документи за да се прикријат трагите до злосторствата.
За разлика од храбрите активисти на цивилното општество во некогашната ГДР кои успеаја да воспостават контрола врз архивата на тајната служба Штази, во другите држави на Источниот блок тајните служби имаа време целно да ги уништат доказите за своите криминални активности и така да избегнат одговорност.

Задоцнета правда

Случајот на романскиот дисидент Георге Урсу на сликовит начин го опишува односот кон злосторствата на комунистичките диктатури. Дури деновиве, повеќе од 30 години откако Урсу е убиен во затвор, подигнато е обвинение против Тудор Постелницу, поранешниот шеф на тајната служба - Секуритате. На денес 84-годишниот Постелницу и на тројца бивши функционери им се суди за „злосторство против човештвото“. Обвинет е и екс министерот за внатрешни работи, 92-годишниот Георге Хомостеан, затоа што го наредил апсењето на Урсу во 1985 година, а потоа ги прикривал и причините за неговата смрт.
Урсу водел дневник во кој го критикувал режимот на Николае Чаушеску, но некој го пријавил во полиција. Неколку недели по апсењето им подлегнал на повредите здобиени по систематско измачување.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Празни ветувања?

„Осудата на комунизмот денес, повеќе од кога било порано, е морална, интелектуална, политичка и општествена обврска. Доколку тоа не се случи тогаш засекогаш ќе останеме запишани како соработници на тоталитарното зло- па дури и доколку само молчиме за тоа“. Вакви и слични реченици се наоѓаат во завршниот извештај на Комисијата за анализа на комунистичката диктатура во Романија.
Слични изјави можат да се слушнат и во другите бивши комунистички држави. Сепак, тие не се во согласност со реалноста. Илјадници криминални дела на комунистичките режими веројатно ќе останат неказнети. Сеопфатен процес против нивните наредбодавци и извршители не е можен и од чисто биолошки причини- поради нивната старост.
На 23 август 1939 година потпишан е договорот за ненапаѓање меѓу нацистичка Германија и Советскиот сојуз- т.н. пакт Хитлер- Сталин. Овој пакт се смета за почеток на едно од најтемните поглавја во европската историја. Од таа причина Европскиот парламент го прогласи 23 август за Ден на сеќавање на жртвите на сталинизмот и националсоцијализмот. Затоа во овие денови е потребна, повеќе од било кога, симболична осуда на тоталитарните режими и потсетување на нивните жртви.