Забрана за дизел-возилата?
19 јули 2017Улицата „Ам Некартор“ во Штутгарт важи за една од најопасните улици во Германија. Тука се мерат концетрации на азот-оксид од 82 микрограми на метар кубен воздух. Граничната вредност која е дозволена со закон е концентрација од 40 микрограми. Мора да се преземат итни мерки и тоа не само затоа што дел од жителите на Штутгарт поднесоа тужба.
Тужба пред судот во Штутгарт поднесе и организацијата Германска еколошка помош (ДУХ). По оваа тужба расправа почнува денеска. Целта на тужителите е од центарот на Штутгарт да се „истераат“ дизел-возилата кои важат за особено големи загадувачи. Одлуката се очекува уште во текот на овој месец.
На градот не само што му седат тужители на врат, туку мора да се почитуваат и правилата на ЕУ за дозволени вредности за емисија на штетни гасови. Доколку во тоа не се успее, ќе се плаќаат казни. Таканаречени сини писма од Брисел се веќе поделени, па мора да се дејствува.
Од Брисел има притисок, од Берлин нема помош
На втори август во Берлин треба да се одржи „Национален Форум Дизел“. Притоа, политичарите од сојузот и покраините со претставниците на автомобилската индустрија треба да разговараат за начините за надминување на проблемот. Кусо кажано: забрана за дизел-возила или техничко усовршување? Со забрана за возење во центрите на градовите може да се постигнат најбрзи резултати и да се намали концентрацијата на опасни азотни оксиди.
Но, целата работа не е толку едноставна. Прво поради правни причини, затоа што генерална забрана за возење општините не можат за изречат едноставно така. За такво нешто им е неопоходна законска основа.
Резултати може да се постигнат и доколку се прошири досегашната класификација за издувни гасови, но за такво нешто во Берлин нема политичка волја. Министерот за сообраќај Александер Добринт веќе рече дека додека е тој министер нема да има „сина плакета“. Зависно од количеството на издувни гасови на автомобилот, се доделува плакета со соодветна боја, а со тоа се добива или не се добива дозвола за возење во т.н.еколошки зони во градовите.
Сина плакета би требало да биде новата во редот плакети (црвена, жолта, зелена), а би ја добивале возилата кои ја исполнуваат во моментов најстрогата норма за издувни гасови Еуро-6.
Но, дури и по некое политичко чудо да се случи воведување сина плакета и германските градови да добијат можност од своите еколошки зони да ги истераат најголемите дизел-загадувачи, за спроведување на таквата мерка ќе треба време.
Забрана за возење со цел да се подобри квалитетот на воздухот, меѓутоа, не само што би морала да се донесе бргу, туку би морала да биде и сеопфатна. Зашто, сосема бесмислено би било ослободување од загадувачите само на одредени места. Ако во Штутгарт на пример за постари дизел-возила се затвори улицата „Ам Некартор“, тие ќе возат по помалите улички, каде сообраќајот ќе се одвива побавно. Тоа значи дека возилата ќе бидат подолго на пат и ќе испуштаат уште повеќе издувни гасови во воздухот. Значи, тоа недвосмислено би било контрапродуктивно.
На потег се производителите
Ако административни мерки нема, а политичка волја не треба да се очекува, останува само индустријата. Тука Штутгарт е повторно добар пример, зашто во метрополата седишта имаат два од најпознатите германски автопроизводители: Дајмлер и ќерката на Фолксваген - Порше.
На адреса на производителите ќе биде испратено барање: правете чисти возила, а особено дизел-возила кои испуштаат помалку штетни издувни гасови!
Можеби толку чисти возила, како што тоа Фолксваген го прикажува во својата реклама, која во меѓувреме стана исклучително позната во сатирични рамки. Во рекламата постара госпоѓа го држи својот бел шал на ауспухот и на тој начин докажува дека нејзиниот Фолксваген-дизел е чист.
Да, тоа можеби може на филм и на телевизија, но не и во вистинскиот живот. Тука не помагаат софтверски трикови, зашто автомобил кој е чист само при технички преглед не му е потребен никому.
Предизвик за економијата
Доколку сепак дојде до тоа „Националниот Форум Дизел“ да ги обврзе производителите на техничко усовршување на автомобилите за тие да станат почисти за околината, се поставува прашањето: зошто техничко доопремување и усовршување? Ако проблемот е технички решлив, тогаш не требало воопшто ниту да постои!И, автопроизводителите повторно би биле ставени во ситуација да објаснуваат зошто прават и продаваат возила кои загадуваат, ако е можно тие возила да бидат од почеток чисти?
Господата во производните хали во Штутгарт и Волфсбург во меѓувреме веќе се имаат донекаде извежбано во формулации и извинувања. Главниот агрумент, кој го употребуваат за речиси секое свое барање, веќе не мораат да го изнесуваат, зашто тој веќе им е во крвта на политичарите во Германија: германската економија зависи од автомобилската индустрија. Ако оваа индустрија има проблеми, тоа би можело да има катастрофални последици за економијата во Германија и сериозно да ги загрози успесите во извозот.