1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранета регенерација

30 јануари 2020

Генерацијата на Курти и Османи - во и вон Косово - е можеби последната генерација во која сѐ уште има желба и енергија за борба против стабилократијата и мизеријата врз која опстојува. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3X3CP
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Четири месеци по изборите, Косово сѐ уште не може да формира влада поради недоразбирањата околу поделбата на ресорите помеѓу водечките партии Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК). И покрај зачестените средби помеѓу водачите на двете партии, Албин Курти и Иса Мустафа, разрешницата на драмата сѐ уште не е на повидок и покрај бројните апели и растечката нервоза меѓу граѓаните. Иако, навидум, косовската криза наликува на редица слични состојби од земји во исчекување на постизборна смена на власта, случувањата во Приштина даваат увид во една далеку поинтересна и драматична слика во која можат да се препознаат лепеза прашања кои го мачат регионот во целост.

Она што на прв поглед наликува како типичен судир на партиски интереси и несогласувања помеѓу две партии, во суштина е длабок генерациски судир кој се протега како низ меѓупартиските, така и во интрапартиските односи, борби за превласт и доминација. Од тој аспект, судирот помеѓу ВВ и ЛДК е паралелно следен од внатрепартиски судири и борби помеѓу фракции и генерации. Фракционерскиот судир во ВВ се одвиваше непосредно пред изборите, во пресметка помеѓу инсталираните експоненти на крилото на Шпенд Ахмети (градоначалник на Приштина) и останатите пребези од инстант-партијата „Нов ветер”, спонзорирана и поддржувана од американската амбасада во Косово. Мачната и болна сепарација заврши со победа на крилото на Албин Курти и прилично неславен изборен и морален дебакл на фракцијата на Ахмети.        

Здружена кампања против Курти и Османи     

За разлика од постфракционерската консолидација на ВВ, се чини дека генерацискиот судир во ЛДК се одвива во пресуден момент како за самата партија, така и за иднината на политичкото претставништво на Косово. Во тој судир од една страна стои Вјоса Османи, без сомнение најпопуларната и харизматична млада политичарка на косовската политичка сцена и најзаслужна за враќање на ЛДК како втора по број пратеници партија во тамошното собрание. Фрапантен е податокот дека на претпоследните избори, токму г-ѓа Османи освои преку 70.000 гласови и покрај тоа што беше ставена на 81 место (!) на изборната листа на ЛДК.

За апсурдот да биде трагикомичен, нејзината неспорна заслуга за победата е денеска безмилосно минимизирана и игнорирана од предводниците на старото компромитирано и омразено раководство на партијата, почнувајќи од нејзиниот номинален лидер Иса Мустафа и олицетворенијата на профитерскиот статус-кво, како што се Агим Велиу и Лулзим Хазири. Како резултат, тегобните преговори за формирање на владата се претворија во паралелна операција на саботирање на напорите на Албин Курти и тивка елиминација на сопартијката Вјоса Османи од страна на старата генерација составена од екс-комунистички бирократи, локал-патриотски манипулатори, клиентели на западните амбасади и спонзори на крим-корумпираните моќници.

Токму затоа, природата на здружената кампања против Курти и Османи е помалку сторија за распределба на мандатите во новата влада, а повеќе е предупредувачка илустрација за невозможната, забранета регенерација на политичките сцени во Косово и регионот. Таа делумно се должи на закоравените интереси на старите елити кои не сакаат по никоја цена да ја испушттат од рака доминацијата врз политиката, економијата, правосудството, но и и на интересите на меѓународната заедница, која и покрај слаткоречивите и демек неутрални позиционирања, не сака да се откаже од гарантираните, докажани  послушности на коруптократите во деликатните разврски кои го очекуваат Косово.

Други колумни од авторот:

Преспански: Ние ка’о браниме, тиe ка’о напаѓаат

Кој нѐ прашува?

Западот пропаѓа ... повторно

Во таа непринципиелна коалиција на домашни политиканти и западни дипломатии, аргументариумот на опонирање кон новата генерација политичари и вооопшто ликови е колку индикативен за нивниот ментален склоп, толку и блуткав според квантитетот на лицемерие. Во тоа име, опонентите на генерацијата Османи-Курти се базираат врз сомнежи за скриени намери кои всушност самите ги имаат користено во обезбедување на децениска превласт - почнувајќи од флертувања со истокот, соработки со Сорос, тајни преговори со Белград и.т.н. Во случајот со Османи таа кампања на саботирање е дополнително оптоварена со не мала доза на сексизам од страна на „мачо-пензионерите” околу Мустафа, што дополнително ги иритира и разбеснува и младите следбеници на популарната Вјоса и автентичните следбеници на идеологијата на Ибрахим Ругова.

„Штанцање“ политичари

Приказната за премрежијата на левичарот Курти и десничарката Османи е навремено предупредување дека скраја дијаметрално спротиставените идеолошки дистинкции, клучните точки на опонирање во овој час се повеќе генерациски отколку идеолошки. И тоа не е иновација на двата млади политичари, туку логичен рефлекс кон веќе воспоставената доминација на кликата на команданти, тајкуни, демагози синхронизирано распространети на клучни позиции во партиите на Иса Мустафа, Хашим Тачи, па сѐ до квази-социјалистите на Еди Рама. Во тој дуел, Курти и Османи ниту можат да се надеваат на заемна поддршка, ни на капитализирање на генерациска солидарност, ниту пак да се надеваат на некаква искрена поддршка од западните дипломатии со усти полни заложби за реформи, но во суштина фатени во пајажината на косовските и регионални стабилократи. Единствениот излез е во факторот време кој работи во нивна полза и на штета на политикантите и дипломатите. Со надеж дека тој фактор нема да се одолговлече.

Следењето на политичките сцили и харибди на Курти и Османи е досега најконкретниот начин за добивање увид во состојбите настанати како резултат на подемот на ликови во политиката надвор од вообичаената естаблишментска матрица и лабораториското штанцање на бескарактерни и сиви „млади, современи, реформски политичари” од унисекс калапите на ИРИ, НДИ, Конрад Аденауер, западните амбасади, фондации и.т.н. Курти и Османи успеаја да се издигнат над тоа сивило на бескарактерност и да се наметнат како модели на автентичност и некорумпираност, со натстандарни познавања и образование и генерално најчисто можно персонално и политичко педигре. Досегашните поведенија на западните претставништва кон нив не содејствуваат со нивните декларативни заложби и барања за реформски курс, за владеење на право, за борба против корупција. Што секако не подразбира дека тие се против Курти и Османи. Напротив. Во психата на воспоставената западна матрица на однесување, ликовите како Курти и Османи се добредојдени како вечни опозициски ликови. По теркот на Чедомир Јовановиќ, западно симпатизирани како чесни, некорумпирани, прогресивни лузери во перпетуална потреба од поддршка и симпатии од западните амбасадори. Кои пак, нели, ете и „их, штета, но што да се прави” мора да соработуваат и да пијат шампањско со „озлагласените, но конструктивни“ балкански пробисвети. Се разбира, за наше добро и за европска иднина. И демократија. И реформи, башка.

Последната генерација?

Гледано отстрана, евидентно е дека Курти и Османи немаат ниту намера, уште помалку причина и потреба да се откажат од својата борба и цел за освојување на власта - во Владата, во Парламентот и во партиите. Нивниот прв успех досега е што и покрај споделените непријатели од старата статус-кво генерација, ниту тој ниту таа не се откажуваат од јасно исцртаните идеолошки дистинктиви кои ги застапуваат, создавајќи така нов социјален дискурс и нова линија на политички дијалог, оплеменет со познавања, искуства и ставови поради кои старите експоненти веќе се чувствуваат излитени и прегазени од времето.

По сите револуции, деволуции, дегенерации, настаните во Косово безмалку ја отсликувааат новата клима во регионот. Онаа на граѓанска наклонетост кон регенерација на политичката сцена и дискурс, преку наплив на нови ликови, наративи и политики. Отпорот на старите структури – домашни и странски – кон овие нови ликови во чекор со нивната растечка популарност, јасно ја отсликуваат промената која се одвива. Но таа промена не е гарантирана како неминовност, како свршен чин. Генерацијата на Курти и Османи - во и вон Косово - е можеби последната генерација во која сѐ уште има желба и енергија за борба против стабилократијата и мизеријата врз која опстојува. Нивната победа не е сама по себе гаранција за блескав успех. Но нивниот пораз ќе биде јасна порака до сите, млади и стари: Ако не сте корумпирани, не сте достојни за поддршка. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач