Загатката во врска со Ким Јонг Ун нема расплет
28 април 2020Додека шпекулациите околу тоа каде се наоѓа севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун не стивнуваат, американскиот претседател Доналд Трамп индиректно објаснува дека тој е се’ уште жив. На прашањето дали има некаква информација во врска со здравствената состојба на Ким, Трамп на прес-конференција во Белата куќа рече: „Да, прилично добро знам, но сега не можам да зборувам за тоа. Му посакувам се’ најдобро.“ И продолжи: „Се надевам дека е добро. Знам како му е, релативно погледнато.“ Медиумите во не така далечна иднина ќе дознаат што е со Ким, оцени Трамп.
Во САД уште во текот на минатата недела беа оценети како веројатно лажни информациите дека младиот севернокорејски властодржец е наводно во критична здравствена состојба.
Повеќе:
Ким Јонг Ун е во критична здравствена состојба?
Фотографија на денот: Ким Јонг Ун - отпорен на коронавирус?
Преголема телесна тежина, премногу цигари дневно
Во последно време се множат шпекулациите во врска со здравствената состојба на Ким, откако тој не е виден во јавност повеќе од две недели и не присуствуваше на свеченостите по повод роденденот на неговиот дедо и основач на државата, Ким Ил Сунг на 15 април. Тоа, инаку, е најважниот ден во политичкиот календар на земјата.
По извештаите дека диктаторот е болен и дека морал наводно да се подложи на операција на срцето, советникот за безбедност на јужнокорејската влада во неделата рече дека Ким е жив и се чувствува „добро“. Јужнокорејскиот портал „Дејли НК“ претходно, повикувајќи се на информации од соседната држава, јави дека Ким бил опериран на срцето на 12 април и дека се опоравува по зафатот. Ким има преголема телесна тежина и важи за страствен пушач.
Исчезнал поради страв од коронавирусот?
Јужнокорејскиот министер за обединување, Ким Јеон Чул, пак, во меѓувреме рече дека смета оти е логично Ким да избегнува да се појавува во јавност поради страв од коронавирусот. Со оглед на тоа што од Северна Кореја, која е во голем дел меѓународно изолирана, не доаѓаат цврсти докази за тоа дека 36-годишниот Ким Јонг Ун е во добра состојба, шпекулациите веројатно ќе продолжат.