Задоцнета правдина за жртвите на режимот на Франко
10 мај 2014На главниот плоштад во Мадрид, Пуерта дел Сол, секој четврток навечер се собираат демонстранти кои бараат „правдина“.
Најголемиот дел од нив ги преживеале тортурата и репресалиите на диктатурата на Франко, како на пример Фелиса Ечегојен. Злосторниците кои ја тормозеле меѓутоа и натаму се на слобода, бидејќи законот за амнестија до денес им гарантира неказнивост.
„Би сакала Шпанија конечно да се позанимава со овој дел од минатото и да бидат расветлени злосторствата од времето на Франко.“, вели Фелиса.
Протест против заборавот. Имено, тука, во центарот на Мадрид, режимот на Франко имаше простории за измачување на затворениците.
За слабичката Фелиса ова беше тешка обиколка. Ни ја покажува куќата во која во октомври 1974. година била уапсена и брутално мачена од страна на политичката полиција. Сеќавања на едно лошо време.
Мачителот Били д' Кид
Диктатурата на Франциско Франко беше обележана од фанатизам и омраза се’ до самиот крај. Шпанскиот диктатор почина во 1975. година, а 200 илјади луѓе смртно настрадаа од неговиот брутален режим.
Младата Фелиса, кога беше уапсена беше членка на комунистичктото движење на отпорот. „Агентите со клоци ја искршија вратата и веднаш започнаа да ме удираат. Во еден момент помислив дека ќе ме фрлат низ прозорецот“, вели Фелиса.
Еден од мачителите беше наречен Били д’ Кид, зашто ги вртеше пиштолите на показалецот, како во вестерн филмовите. „Тој беше садист. Беше очигледно дека тепањето му причинува задоволство. Беше вистинско чудовиште.“, раскажува Фелиса.
Били д’ Кид, или Хуан Гонсалес Пачеко, до денес непречено живее во Мадрид, исто како и еден друг мачител, Хесус Муњекас. Но, против нив сега има меѓународен налог за апсење, на барање на аргентиското правосудство.
Работата ја инцираа тужители како Фелиса, заедно со аргентинскиот адвокат Карлос Слепој, кој одамна живее во Мадрид, а и самиот бил жртва на измачување во Аргентина.
Надеж и охрабрување од Аргентина
Заедно со шпанскиот судија Гарсон, Слепој испиша страница во правната историја: пред 15 години во Лондон издејствува апсење на чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче поради злосторства против човештвото. Еден суд во Мадрид тогаш оцени дека има правна поснова за обвинението против Пиноче. Радоста беше неопислива.
„Шпанското правосудство тогаш беше пионер во примената на универзалното право и во процесуирањето на злосторствата против човештвото. Срамно е што сега одбегнува таквите злосторства да ги процесуира во сопствената земја.“, критикува Слепој.
Сега тоа го презема Аргентина. Една судијка од од Сојузниот кривичен суд во Буенос Аирес побара апсење на шпанските мачители и нивно израчување во Аргентина.
Мајките од плоштадот Пласа де Мајо секој четврток во Буенос Аирес бараа да бидат казнети злосторствата на аргентинската диктатура. Тие се пример за демонстрациите во Мадрид.
„Ако Шпанија одбива да ги казни злосторствата од времето на Франко, тогаш тоа ќе го сториме ние во Аргентина. Тоа е важен предизвик. Видете, ние со Шпанија се чувствуваме поврзани како со мајка.“, истакнува Нора Кортинас припадничка на „Мајки од Пласа ди Мајо“
„Да се слушне гласот на сите жртви“
Назад во Мадрид, каде што Министерството за правда ја одби нашата молба за интервју. На официјална Шпанија и’ е помило да молчи за времето на Франко.
Плоштадот Пуерта дел Сол за туристите е веселото срце на Мадрид. Меѓутоа, во една зграда на плоштадот пред 40 години живееше стравот и теророт - во подрумските простории беше мачена и Фелиса Ечегојен. За сеќавање на тие грозоморни случувања денес нема ниту мала спомен плоча.
„Би сакала конечно да биде слушнат гласот на сите жртви, би сакала сите ние да доживееме правдина“, вели Фелиса.
Изгледа дека тоа не е можно во нејзината земја и затоа Фелиза сите надежи ги полага во далечната Аргентина.