1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ДВ: Сите мора да дадеме свој придонес за реформите!

1 јануари 2018

На пат сме да ја заокружиме визијата за модерна, напредна и респектирана држава. Повикувам на обединување околу овие приоритети, и во 2018-та година посилно да преземаме иницијативи за нашата иднина, порачува премиерот.

https://p.dw.com/p/2qB9c
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Оддава силна волја и енергичност за постигнување на стратегиските цели и приоритети на Република Македонија. По седум месеци на првата позиција во „Илинденска“ број 2, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, е оптимист дека земјата е на добар пат да ги реализира тие цели, ако процесот е проследен со инклузивност, напорна работа, одговорност и визија. Во интервју за Дојче веле зборува за актуелните состојби во земјата и предизвиците на внатрешен и надворешен план, во клучната 2018-та година.

ДВ: Направивте огромен пробив во деблокирање на зачмаените односи со соседите, но само од реализацијата на домашни реформи зависи како ќе биде оценет напредокот на Македонија во интегративните процеси. Ги прифаќате ли како добронамерни повиците да ги замените офанзивите на гостински терен со поголемо присуство и внимание на домашен?   

- Ги прифаќам, но не во целост. Остануваме фокусирани и во надворешната политика, особено во онаа што се однесува на нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ, но и на издигање на следно ниво во односите со нашите соседи и другите земји во регионот. Мојот став е дека граѓаните препознаваат дека политиките насочени кон нашите евроатлантски интеграции, како и новите политики на добрососедство во регионот, имаат сериозно влијание и на домашната сцена. Интеграцијата на Македонија надвор, е заради обезбедување услови за подобар живот на граѓаните дома, внатре. Мултилатералната соработка и иницијативи во регионот, како и зачестените средби на премиерско рамниште, создадоа добар амбиент и услови за решавање на голем број од отворените прашања што ги имаат одделните земји на билатерален план. Регионот е политички многу постабилен, со мотивирачки степен на безбедност, како предуслов за економски активности, што е приоритетна цел на регионалното поврзување. Во наредниот период ќе ги собираме плодовите од договорената трговска интеграција, од воведените поволности за регионален инвестициски простор, од олеснетата регионална мобилност и од дигиталната трансформација на поголем број бирократски процедури кои ја оддолжуваа реализацијата на бизнис зделките.

ДВ: Но, паралелно со тоа, не смее да има застој во реализацијата на Планот 3-6-9...

- Не порекнувам, ниту го избегнувам делот од вашето прашање за поголемо присуство дома. Но, сакам да нагласам дека и дома постигнавме многу. Со мали отстапки, Планот 3-6-9, планот за итни реформи, се реализира целосно. Рековме дека процесот ќе биде инклузивен и сеопфатен. Дадовме збор дека само така, со максимално вклучување на сите засегнати, со учество на граѓанската заедница и стручната јавност, ќе ги договориме и ќе ги реализираме реформите. Тоа е процес што троши време, но ние не сакаме да ги правиме грешките на нашите претходници. Лесно е да седиш во кабинет и да скицираш закони и амбиент кој потоа им го наметнуваш на граѓаните. Тоа време заврши. Секогаш може подобро, очекувањата на граѓаните се големи. Но, да бидеме искрени: Донесовме, или се во фаза на финализација клучни законски решенија кои ни беа поставени како императив од анализите на групата на Прибе. Тие закони сега треба да се спроведуваат и да ја вратат довербата во системот. Ние наследивме уништен институционален систем, кој згора на тоа се претвори во инструмент за страшна злоупотреба и за кршење на човековите права. Во исто време, изработивме и усвоивме прецизен и детален План за економски раст со кој обезбедуваме поддршка за домашните и странските компании да инвестирааат во Македонија, да отвораат нови работни места и при тоа ги мотивираме да ги покачуваат платите. Со Ребалансот на буџетот за 2017 година и со Буџетот за 2018 година ги скративме непродуктивните и нерационалните трошења и парите ги насочивме кон граѓаните и кон финансиска и економска стабилизација на земјата. Обезбедивме пари за зголемување на минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците и за укинување на радиодифузната такса. Ја вративме евтината тарифа на струјата. Влегуваме во инвестициски циклус од преку 100 милиони евра за изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Ќе реконструираме околу четириесетина патни правци или преку 600 километри патишта со што ќе обезбедиме квалитетна инфраструктура во државата. Гасификацијата продолжува интензивно. Ова се сериозни зафати на домашен план.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

ДВ: Во премиерското експозе на министрите им порачавте: „Не очекувајте да бидам министер наместо вас“. По седум месеци, јавноста има впечаток дека тој тим не работи со исти брзини, дури некои се и во лер. Каква е вашата оценка? 

- Пред две години ја препознавме волјата и разбудената надеж кај граѓаните да си ја вратат заробената држава. Пред седум месеци добивме доверба да го вратиме достоинството на луѓето. Се договоривме дека ова е влада на граѓаните и влада за граѓаните. Реформска и отворена, и дека води суштинска политика. Заедно дефиниравме дека се бориме за слободен и подобар живот за сите нас, во општество еднакво за сите. Откочивме многу закочени, заборавени процеси. И, знаете што: Кога ќе дадете збор, дадениот збор мора да се претвори во конкретна придобивка за граѓаните. Јас сум задоволен од најголем дел од министрите и соработниците и сакам да дадам шанса на секој што е подготвен да вложи максимум од своите капацитети, знаења и експертизи во развојот на Република Македонија. Но, кој не верува во овој концепт и не е подготвен да испорача, залудно си го троши времето, а и времето и трпението на другите. И ако е така, фер е да се повлече.

ДВ: Планираните реформи во правосудството и безбедносниот сектор добиваат забелешки за отстапување од она што го препорача групата на Прибе. Дел од реформите страдаат од практиката „многу бабици, килаво дете“, а дел - од ресорска затвореност. Во таква ситуација, ќе се спроведат ли реформи до февруари, не за да ги испорачаме на Брисел, туку, пред се, за потребите на општеството.

- Ние немаме друга опција освен реформите предвидени во 6-ката од Планот 3-6-9 да ги испорачаме во предвидениот рок. Луксузот на одлагање не е предвиден во тој план и патоказ за итни реформи. И точно е тоа - тоа е наша домашна задача, за нас, овде. Важно е и за Брисел, но граѓаните на ЕУ и институциите на Унијата не се најдиректно засегнати, ниту толку загрижени. Нашите граѓани, граѓаните на Република Македонија, се тие кои очекуваат од нас да си ги завршиме обврските кои ни се дадени со довербата. Веќе спомнав дека, со мали отстапувања, ние се држиме до предвиденото. Не е едноставно да изградите целосно нов систем врз основа на суштински, европски и демократски принципи во правосудството, во полицијата и безбедносните служби, во јавната администрација и доброто управување, во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во концептот на изборниот систем, во создавањето услови за автентична улога на медиумите и граѓанското општество, како корективи на власта. Еве, во отворен процес со овозможен пристап за придонес на секоја заинтересирана страна, ја затвораме втората одредница, 6-ката од 3-6-9. Се согласувам, во еден таков отворен и инклузивен процес, кога учествуваат сериозни капацитети од академската средина, сосема е очекувано да се судрат концепти по различен основ. По основ на различни школи, по основ на различни практики, по основ и на суети... Но, кога ќе го одмерите придонесот, и највеќе од сè моделот на инклузивност кој претпоставува дека се собрани, прибрани и просеани најдобрите решенија, тогаш судирите можете да ги сметате само како дела од тој креативен и продуктивен процес. Судирот на аргументи е најздравото нешто што може да и се случи на една демократија. Конечно, својата посветеност во обезбедувањето правна држава ќе ја интензивирам и преку формирање Совет за имплементација на стратегијата за реформите во правосудството, составен од искусни практичари и експерти, со единствена цел реформите да течат со уште поголема динамика и квалитет, согласно со усвоената стратегија која ја изработија институциите, граѓанскиот сектор и експертите, и која ја усвои Владата.

ДВ: Најавивте обнова на Македонија на демократски, материјален и морален план. Но, одредени функционери не се покажаа имуни на непрележаните болести за кои беше критикувана претходна власт. Вие најавувате битка против криминалот, корупцијата и злоупотребите на функциите, но досега не видовме да одржите практична лекција - да разрешите некого. Зошто?  

- Како одговорен политичар, и како премиер на Република Македонија, се заложив дека ќе имам нула толеранција за корупција во владата и во мојата партија. Секогаш кога истакнувам дека градиме општество еднакво за сите, додавам дека еднакво се однесува и на одговорноста. Затоа очекувам и личен пристап кога станува збор за одговорноста. Тоа е шанса секој што се огрешил да ја прифати одговорноста и последиците. Корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на човековите права, е најтежок вид на корупција. Затоа, ги повикувам институциите да дејствуваат и ако некој го прекршил законот, веднаш да преземаат мерки според законите. Во исто време, апелирам до сите носители на јавни функции да се придржуваат до владината политика за кратење на непродуктивните трошоци и да се откажат од сѐ што е несоодветно користење на парите на граѓаните. Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон реформата и кон новото време за кое се исправивме пред граѓаните и за кое добивме доверба од граѓаните. Нула толеранција за корупцијата - и ништо помалку.

ДВ: Во Солун ја дочекавте 2018 година, на покана од градоначалникот Јанис Бутарис. По новогодишното гостопримство, следува тешкиот дел: барање компромис за спорот за името. Нимиц планира во преговорите да ги вклучи и министрите за надворешни работи, и премиерите. Дали во таа насока е средбата со премиерот Ципрас, што ја најавивте за почетокот на годината?

- Мојата покана за средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, е отворена. Јас тоа му го пренесов и во нашиот телефонски контакт во јуни кога разговаравме за понатамошниот развој на односите помеѓу двете земји и за унапредувањето на мерките за градење доверба, кои се од големо значење. Нашиот пат до НАТО и ЕУ е оддолжен и одложен заради проблемот на Грција со нашето име, и сосема ни е јасно дека тоа прашање треба да го решиме. Ние не бегаме од тоа, за разлика од политичките елити во минатото. Активно работиме на создавање услови за позитивен исход. Препознаваме волја и на другата страна. Во атмосфера на добра волја, политичка зрелост и подготвеност за надминување на ова прашање, можеме до решение да дојдеме многу бргу. Пред нас е важен момент. Ако сакаме да го искористиме, не треба да бидеме фиксирани на вината на едниот или на другиот, туку да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина. Да најдеме вистински одговор, еднакво прифатлив за двете страни. Лидерите на двете земји треба да дојдат до решение. Се разбира под закрила и со поддршка на ОН и на медијаторот Нимиц, како и со поддршката и на нашите заеднички партнери САД и ЕУ. Ја прифативме иницијативата на министерот Коцијас за спроведување на Мерките за градење на доверба. Средбите меѓу претставници од двете земји јас ги оценувам како многу успешни. Дополнителен оптимизам е отворениот процес за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

ДВ: Оптимизмот во двете земји веќе е подигнат на повисоко ниво, со надеж дека конечно ќе се стави крај на спорот. Сепак, која е нашата црвена линија што ќе ја одреди границата меѓу достоинствен компромис и она што може да ја урне таа можност?

- Оптимизмот е добар, и сакам да му дадеме шанса на тој бран што е забележлив од двете страни. За новиот конструктивен пристап во надворешната политика на Република Македонија, базиран на европските и евроатланските вредности, говорат средбите на нашиот министер за надворешни работи Димитров со неговиот колега Коцијас. На сите средби и од двете страни дојде уверување дека нема да престанеме во нашите обиди да ги отвориме перспективите и за двете држави. И мојата немера како премиер, е да не престанам да ја убедувам официјална Грција да избереме светла призма, друг агол во погледот на ова прашање. Можеби како прво дека излезот од оваа ситуација не е во решението на победник и победен. Црвени линии има и во Република Грција и во Република Македонија, но тоа помага само да останеме во своите ровови. Еве да речеме дека црвените линии се поставени, но зошто тоа да го запре процесот? Тој треба да тргне и треба да оди напред. Црвените линии да ги претвориме во осветлени патеки кои водат до решение прифатливо за граѓаните на двете земји. Да оставиме разговорите, во духот на добра волја и политичка одговорност, да не доведат до решението.

ДВ: Потребна е поддршка и конструктивна опозиција во претстојните реформски и политички процеси, но и силен контролор на вашата власт. Очекувате ли да најдете таков партнер во новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски?

- Уште во стартот на работењето на новата влада, по драматичната криза што ја предизвика претходната владина коалиција, побаравме соработка и поддршка од опозицијата. За некого тоа беше чудна понуда, ако се знае дека штетета што ја направија додека беа на власт ја уназади Македонија во многу сфери. Сериозни штети. Тоа го направив и во мојот прв говор како премиер во Собранието, а го повторувам постојано, зашто сметам дека на Македонија ѝ претстојат сериозни одлуки за кои е потребен консензус од мнозинството од граѓаните. Искрено се надевам и посакувам опозицијата да го препознае тоа, и да го даде својот придонес. На средбата со Мицкоски се согласивме дека е потребно учество на опозицијата во реформите, и дека патот на Македонија е во ЕУ и НАТО. Јас промовирам обединување околу вредности кои никој не може да ги оспори. Повикуваме на отворена соработка, во период кога сите политички лидери се повикани да го препознаат моментот што ќе ја одвои нашата земја од изолацијата. Заедно треба да покажеме дека Република Македонија е земја на граѓани и политички лидери кои имаат сериозен демократски капацитет, што ги оставиле делбите и минатото зад себе.

ДВ: Дали Груевски во изминатиот период бараше одредени концесии за себе?

- Нашата јавност знае дека уште во стартот на процесот на демонтажа на претходната власт, јас му пристапив на Груевски отворено и го соочив со тоa што ќе се случува. Тој избра неразумен одговор. Не знам, мислеше ли дека е толку моќен и дека ароганцијата ќе му помогне да се извлече од тоа што беше неизбежно - од соочувањето со екстремните злоупотреби и од последиците од нив. Од тогаш наваму, стануваше само прашање на време кога дефинитивно ќе се соочи со одговорноста за своите постапки и со фактот дека правдата не е протерана од Република Македонија. Беше само брутално потисната. Граѓаните го кажаа своето. Правосудните институции си го враќаат независното професионално достоинство. Кога владее правото, правдата ќе ги стигне сите, и пред неа никој нема право да бара било какви концесии.

ДВ: Вие сте личноста која ја одбележа минатата година и стави крај на една тешка деценија за Македонија, што е огромен капитал, но и голема обврска. Може ли тоа да стане тоа и ваша Ахилова пета, ако дозволите ли тој капитал да го прокоцкаат лица кои влегуваат на одредени позиции далеку од стандардите на мерит системот? 

- Ќе тргнам од вашите констатации за политичкиот капитал и за обврската. Само сакам да додадам дека политичкиот капитал го добив од граѓаните на нашата земја. Тие препознаа дека нашите политички и општествени вредности се сретнаа во еден клучен момент за Република Македонија. Тој капитал си дојде заедно со обврските. Тоа е секогаш така. Во политиката ништо не се добива на вересија. Ќе добиеш толку, колку што граѓаните ќе препознаат во вредноста на твоите политички идеи, колку ќе се идентификуваат со твојот ентузијазам и во твојата подготвеност да демонстрираш јасна идеја и да поднесеш жртви за јавниот интерес. Во однос на моите соработници со кои заедно сме се впуштиле во овој наш голем потфат - да ги исполниме очекувањата на граѓаните и заедно да создадеме држава и општество достојни за сите граѓани, не ми останува друго освен да опстојам на уверувањето дека сите се подготвени за тој пат. Дека уште во стартот им е јасно што нѐ очекува, и дека им е јасно дека треба да исполниме стандарди и критериуми кои ние ги баравме од нашиот опонент, заедно со граѓаните на нашата земја. На овој пат инсистирав да ми се придружат оние со желба, одлучност и талент, оние кои се убедени и кои ме убедија дека можат да остварат најдобри можни резултати за граѓаните, за јавниот интерес, за општеството. Јас нема да дозволам отстапки од зацртаното и ќе барам исполнување на заеднички договорените обврски. Верувам дека сите мои соработници во владата и сопатници на овој пат, ќе дадат сѐ од себе, својот најголем потенцијал. Тоа е прво што го очекувам од сите. Како второ, ми останува мојот личен пример. Ќе направам сè за да покажам дека нема нерешливи прашања. Дека има стотици креативни начини. Ќе направам сè за сите да препознаат дека државите што се водат од вредности, се демократски позрели и имаат повисоки стапки на економски раст. 

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

ДВ: Какви се вашите проекции за економијата во 2018 година?     

- Планот за економски раст беше на увид на јавноста и достапен за коментари, забелешки и предлози повеќе од три месеци. Дебатата беше многу корисна, и дојдовме до унапреден, финален документ, сериозен план за раст во кој се интегрирани прифатените забелешки и предлози на експертите и на пошироката јавност. Спроведувањето на Планот за економски раст ќе овозможи одржлив развој на економијата. Како што најавивме, од 2018 година започнуваме процес за финансиска стабилизација и развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани. За таа цел, со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе од средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во Планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициска активност. Создаваме здрава економска основа за развој на фирмите, за да бидат конкуренти и на домашниот и на странски пазари. Како резултат на тоа, уверени сме дека проекциите за предвидениот раст на бруто домашниот производ од 3.2% за 2018 година се реални и остварливи. Воспоставуваме еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во ТИР зоните и надвор од нив. Условите и критериумите за поддршка се транспарентни. Со тоа, целосно се отстрануваат можностите за дискриминаторско, тајно или нефер одлучување. Креиравме мерки со коишто државата финансиски ќе им помага на компаниите да отвораат нови работни места и ги стимулираме оние кои ќе даваат повисоки плати. Тоа ќе води кон натамошно намалување на стапката на нвработеност и кон поттикнување на младите да останат тука, во Македонија.

ДВ: Денес, кога зачекоривме во првиот ден од Новата 2018-та година, која е вашата прва порака до граѓаните?

- На патот сме да ја заокружиме визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава. Повикувам да се обединиме околу овие приоритети, а Новата 2018 нека ни донесе среќа и бериќет за уште посилно да преземаме иницијативи за нашата иднина!