Заев очекува Македонија да стане 30-та членка на НАТО
2 август 2017„Интеграциите во НАТО бараат политики на мостови. Бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионалната и глобалната безбедност. Бараат свесност од наша страна, како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави, да придонесуваме кон светскиот мир.
Со нашето присуство овде, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ние велиме: да, подготвени сме да соработуваме во интерес на граѓаните на нашите држави и низ интеграциските процеси, да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО“, рече Заев.
Членството на Црна Гора во НАТО, додаде тој, е охрабрувачка порака на Алијансата дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесуваат за колективните потреби и за сопствените граѓани.
Тој изрази верба и подготвеност за акција, за Република Македонија да биде 30. членка на НАТО.
„Интеграциите на Република Македонија во НАТО и во Европската унија се стратешки цели за нашата држава. Сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон НАТО и ЕУ. Новата Влада на Република Македонија, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓани и иднината своите деца“, рече Заев.
Тој рече дека за да се забрзаат интеграциите во ЕУ и НАТО почнал со реализација Планот 3-6-9 за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани.
На регионален план, рече Заев, се отворивме кон соседите за зацврстување и продлабочување на соработката, пријателството и довербата. Вчера потпишавме Договор за добрососедски односи со Бугарија, но паралелно ја интензивиравме комуникацијата и со другите земји од регионот.
„Бидејќи е ова Самит што се однесува на НАТО интеграциите, изразувам во оваа прилика благодарност за постојаната соработка со САД којашто многу значи за демократските интеграциски процеси на Македонија, а и регионот,“ истакна Заев.
Домаќини на самитот во Подгорица се Црна Гора и Македонија, која моментно претседава со Јадранската повелба. Освен премиерите на земјите-домаќини, на собирот присуствуваат и премиерите на Хрватска, Албанија, Србија, БиХ и косовскиот претседател, како и американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Тема на самитот се евроатлантските процеси во регионот, јакнење на реформите и придонесот на Јадранската повелба кон регионалната и глобалната безбедност. На самитот се предвидени повеќе билатерални средби.