Заев: Прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува
18 октомври 2021Прогресивните сили ќе се обединат во вториот круг и ќе победат пред ВМРО-ДПМНЕ, најавува премиерот Зоран Заев по првиот круг на локалните избори. Заев излезе пред јавноста во 1 часот по полноќ во понеделникот, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе прогласи „голема победа“ на изборите.
„Влегуваме во борба за конечна победа во вториот круг во сите преостанати општини. На крајот СДСМ ќе има градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ. Нема да дозволиме земјата да се враќа назад“, рече Заев.
Тој објаснуваше дека фактот што многу од коалициските партнери настапиле самостојно на изборите, одлеало многу гласови од неговата партија.
„Таму каде што води ВМРО-ДПМНЕ, видете ја структурата на гласови и ќе видите дека нашите коалициски партнери ни одземаат гласови“, рече Заев и најави обединување пред вториот круг.
Според информациите од партиските штабови, ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство според бројот на освоени гласови на советничките листи. Христијан Мицкоски прогнозираше водство на неговата ВМРО-ДПМНЕ од најмалку 50.000 гласови.
„Кочи Мицко!“
Заев одби директно да ги коментира овие бројки, но тврди дека „СДСМ заедно со коалициските партнери“ или, како што ја нарекува, „прогресивната коалиција“ води пред опозицијата.
Тој ги повика оние кои не излегле на гласање во првиот круг да го сторат тоа за две недели.
„Борбата продолжува. Прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува. Кочи Мицко! Вториот круг е пред нас, убеден сум дека ќе имаме мнозинство во советите и повеќе градоначалници и нема да има дилеми за победникот“, рече Заев.