Заев: Со Бугарија говориме слични, но различни јазици
24 јуни 2021Со Бугарија говориме два слични, но различни јазици, порача денеска од Собранието премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање. Тој соопшти дека токму таква формулација се наоѓа во португалскиот предлог за надминување на спорот со соседната држава.
„Во однос на јазикот стои дека говориме два слични, но различни и меѓународно признати јазици“, тврдеше Заев и порача дека не се преговара за идентитетот и јазикот.
Претходно, Заев ја објаснуваше и употребата на придавката „македонски“ согласно Преспанскиот договор, а по неговиот твит во кој не го користеше уставното име на државата и предизвика реакции во Грција.
Во објава на „Твитер“ од понеделникот, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот, дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“. Премиерот денеска во Собрание на пратеничко прашање објаснуваше кога може да се користи придавката „македонска“.
-повеќе на темата: САД ќе ги става на црна листа сите кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор
„Кога се претставува државата, а фудбалската репрзентација ја претставува државата, тогаш се употребува „на Северна Македонија“, додека македонско, македонска, Македонец, сите делови на придавката, нашиот идентитет, македонскиот јазик се употребуваат во сите други форми на дискусија, општење и соопштување на нашите ставови“, рече Заев, одговарајќи на прашањето на пратеничката Ане Лашкоска, од ВМРО-ДПМНЕ.
Коректно и политички
Заев се извини за направената грешка и пред пратениците појасни дека е коректно човек да се корегира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор.
„Јас сум го потпишал тој Договорот, сум го преговарал тој договор и апсолутно целосно го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува „на Северна Македонија“, а кога македонско, Македонец, Македонка, итн.“, изјави Заев.
-повеќе на темата: Две години Преспа: „Ние сме за утре, тие се за некни“
Претходно за сите во светот, рече Заев, бевме ФИРОМ, додека денеска за целиот свет сме Република Северна Македонија, но сме потврдени како Македонци, кои зборуваат македонски јазик.
Според него, јасно е, согласно Преспанскиот договор, што е придавка македонско, македонски, Македонец, Македонка и слично, а што е употребата „на Северна Македонија“ кога се претставува државата и државните институции и тоа е јасно разграничено. „Проблемот е во тоа што секогаш барате начин како да ја замајувате јавноста преку неискрен пристап, во делот на она што претствува гарантирање на иднината и на Македонците, но и на сите кои што живеат во нашата земја“, изјави Заев во одговор на прашањето на пратеничката Лашкоска.
Извинување
По првичните реакции од Грција, Заев пред некој ден рече дека во врска со твитот за фудбалска репрезентација, вистината е дека играат македонски, албански и други играчи, и дека се тоа македонски играчи, но и вистината дека е тоа репрезентација на Северна Македонија.
„Тоа е така според Договорот од Преспа. Проблемот за кој прашувате не треба да е поврзан со ратификација на меморандумите во грчкиот парламент, бидејќи таа ратификација ја чекаме две години“, изјави Заев.
-повеќе на темата: Сонцето од Вергина уште е „трн во око“ за Грција
Грчкиот весник „Катимерини“ претходно наведе дека е во план да се замрзне ратификувањето на три меморандуми кои парламентот требало да ги разгледува следниот месец, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и подоцна. Портпаролката на грчката Влада, испрати предупредување дo премиерот Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани. „Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот.“ - изјави Аристотелија Пелони - портпаролка на грчката Влада.
Грчката влада реагираше и на почетокот на Европското фудбалско првенство поради употребата на кратенката ФФМ на дресовите на фудбалерите, како и на кодот МКД, дека не се во согласност со Преспанскиот договор, но УЕФА ја одби жалбата. Според Договорот од Преспа, сите државни институции треба да ја заменат придавката „македонска“ со „на Северна Македонија“.