Запад или Русија - која е позицијата на Белорусија?
19 август 2020Поглед на географската карта ја прикажува посебната позиција на Белорусија. На запад земјата граничи со НАТО-членките Полска, Литванија и Летонија, на југ со Украина, а на исток со Русија.
Но, Белорусија не е „тампон држава“, смета Густав Гресел од Европскиот центар за меѓународни односи, тинк-тенк од Брисел. „Белорусија не е неутрална како Швајцарија, Шведска или Финска". Источноевропската земја припаѓа на од Русија доминираниот воен сојуз Организација на договорот за колективна сигурност.
Во него, покрај Русија и Ерменија, членуваат и три централноазиски републики. На овој сојуз се повика белорускиот претседател Александар Лукашенко на викендот. Тој тврдеше дека НАТО преместува трупи на западната граница на Белорусија. По телефонски разговор со Лукашенко, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе биде на припомош на белорускиот сојузник во рамките на договорот.
Обвинувања на сметка на НАТО
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг веднаш ги демантираше тврдењата на Лукашенко. НАТО не стационира дополнителни воени трупи во Полска или Литванија, туку е „стриктно дефанзивен" и „подготвен за одвраќање секаква агресија против членките на Алијансата“. На тоа белорускиот претседател Лукашенко нареди почеток на воени вежби на армијата на белоруската западна граница.
Повеќе:
Европа и балансирањето со Белорусија
Белорусија: Бруталната вистина за демонстрантите во затвор
Како автократите си честитаат едни на други
Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија
Лукашенко се обидува да конструира закана од надвор за да ја охрабри Русија за воена интервенција во негова полза, претпоставува Густав Гресел. „Путин меѓутоа нема никаква намера тоа да го направи. Сѐ додека Белорусија не ги премине црвените линии, односно се придржува кон одредбите на државната унија, кон економската и воена соработка, Русија нема да интервенира", вели Гресел за Дојче веле.
Русија не го поддржува Лукашенко по секоја цена
Според мислењето на експертот од бриселскиот тинк-тенк, Русија не се потпира на заслабувачкиот автократ Лукашенко, туку инсистира на тоа Белорусија да остане проруски ориентирана. Промена на владата нема да биде непријатна за Кремљ сѐ додека тоа не би било поврзано со промена на правецот кон Запад, ЕУ и дури и НАТО.
А ситуацијата не наликува на такво нешто. Опозицијата нема барања земјата да ја води кон ЕУ. Опозиционата политичарка Марија Колесникова за весникот „Велт ам зонтаг" изјави дека санкциите кои сега сака да ги воведува ЕУ кон одделни одговорни, се контрапродуктивни. Тие ќе претставуваат оптоварување на климата на разговорите меѓу владата и опозицијата. „Санкциите доаѓаат прерано", смета Колесникова.
Дипломати од ЕУ во Брисел со денови предупредуваат да не ѝ се лиферува на Русија каков било повод за тврдење дека ЕУ се меша однадвор. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изјави дипломатски дека луѓето во Белорусија имаат право сами да го избираат своето раководство и тоа слободно и без употреба на сила.
Тој не упати директно барање за оставка на претседателот Лукашенко. И германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор вчера биле согласни дека не е потребно никакво мешање од страна.
Нема споредби со Украина
Руската армија би можела за неколку дена да ја окупира Белорусија, иако во земјата нема поголеми руски воени бази. Но, Кремљ сигурно нема интерес од ваква интервенција, претпоставува експертот Гресел.
Белорусија не треба во никој случај да се споредува со Украина. Таму Владимир Путин, по прозападната промена, во 2014 година го анектираше Крим и започна војна во источна Украина. Во Белорусија населението е повеќе проруски настроено. Двете држави се поврзани со сојузнички договор. Зошто значи да се интервенира?
Попроблематичен е цик-цак курсот на притиснатиот претседател Александар Лукашенко. Неколку дена пред изборите, Лукашенко уапси 32 Руси кои ги обвини дека се руски платеници со налог за дестабилизирање на Белорусија. Лукашенко никогаш не потклекна на руската желба за изградба на поголема руска воена база во Белорусија. Тој постојано стремеше кон независност, дури изгради и кревки врски кон НАТО.
Белорусија учествува во одделни програми на НАТО, размислуваше дури и за заеднички маневри. Овој променлив курс меѓу таборите ЕУ во 2016. година го награди со укинување на санкциите против раководниот круг во Минск.
Некои коментатори претпоставуваат дека Русија може да игра на картата на евентуални нови избори да победи проруски, но помодерен наследник на Лукашенко. Како кандидат предвид доаѓа Виктор Бабарико. Лукашенко нареди апсење на Бабарико кога тој се кандидираше за претседателската функција. Бабарико раководеше со белоруска ќерка-фирма на руски Газпром. Тој се залага за независност од Запад и од Русија.
Украина не е погодна како модел за ситуацијата во Белорусија. Но, каков е случајот со Ерменија? Таму преку т.н. „кадифена револуција" во 2018. година прорускиот премиер беше заменет со политичар за кого се претпоставуваше дека е прозападно ориентиран. Кремљ сочекуваше и набљудуваше.
Денес Ерменија е далеку од тоа да истапи од економската унија или воениот договор со Русија. Ерменскиот премиер и поранешен предводник на протестното движење, Никол Пашинјан во меѓувреме се смета повеќе за пријател на Путин.