1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Захариева, Димитров и Османи во Берлин го решаваат спорот

БГ
2 ноември 2020

Според бугарските медиумите, шефицата на бугарската дипломатија Захариева од вечерва е во Берлин на средби со германски и македонски претставници околу спорот со С. Македонија. Таму се и Бујар Османи и Никола Димитров.

https://p.dw.com/p/3kmDk
Heiko Maas in Bulgarien mit Ekaterina Zaharieva
Шефовите на германската и бугарската дипломатија Хајко Мас и Екатерина Захариева. фото:архиваФотографија: Imago Images/photothek/T. Imo

Захариева заминала во Берлин на „дискретна средба“, јавува бугарската агенција БНЕС. Од бугарското МНР ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата. Според агенцијата, од Захариева се бара да ги претстави условите под кои Софија би прифатила Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ. 
Од македонската влада за ДВ потврдија дека во германскиот главен град заминале и шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров. Домаќин на средбата е германскиот министер Хајко Мас. 

Германија во моментов е претседавач со ЕУ и германските дипломати веќе извесно време се обидуваат да посредуваат во спорот кој се заканува да прерасне во вето за македонските евроинтеграции.

Бугарските медиуми најавуваат дека од Захариева се очекува да ја претстави „тврдата позиција на Софија“, подвлекувајќи дека останува уште многу малку време за компромис. 

Германските дипломати, во изминатите недели, во неколку наврати потенцираа дека билатералните прашања не треба да имаат место во ЕУ и бараат од Софија и Скопје проблемот да го решат меѓусебе. 

Викендов, во интервју за агенцијата Ројтерс, Захариева ги образложи позициите на Софија заканувајќи се со вето во ЕУ доколку не се најде решение.

„Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина“, рече бугарската министерка. Таа отворено кажа дека Софија очекува од Скопје да ги признае „историските бугарски корени“ на македонскиот јазик и идентитет.

Доколку Скопје се согласи, додаде таа, Бугарија е подготвена да ги признае македонскиот „како еден од официјалните јазици во Северна Македонија“ и да го прифати македонскиот идентитет.

Овој текст е ажуриран со дополнителни информации во 18:22 часот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема