Захариева повторно се заканува со вето
31 октомври 2020Доколку двете земји не го решат проблемот, Бугарија ќе стави вето, се закани Захариева. Софија, вели таа, го губи трпението поради одбивањето на Северна Македонија да го имплементира Договорот за пријателство кој двете земји го потпишаа во 2017 година.
Клучниот проблем за Бугарија е како да ги запре барањата за признавање на македонско малцинство во земјата. Според Захариева, тој проблем ќе се реши доколку Скопје признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.
„Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа“, вели Захариева.
Доколку Скопје се согласи, додава таа, Бугарија е подготвена да ги признае македонскиот „како еден од официјалните јазици во Северна Македонија“ и да го прифати македонскиот идентитет.
„Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина“, вели бугарската министерка.
Повеќе:
Захариева нуди трампа: Реалноста за минатото
Дали дојде време да се каже – Доста е?!
Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата
Двете држави се во постојан контакт изминативе недели, во обид да го надминат спорот во пресрет на одлуката во ЕУ за почеток на преговорите која треба да се донесе на 10 ноември. Работни групи од двете МНР-а се во секојдневен контакт и, според шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, има напредок во разговорите.
Во четвртокот, македонскиот претседател и премиер Стево Пендаровски и Зоран Заев изјавија дека немаат намера да преговараат ниту да прават отстапки за македонскиот јазик и идентитет.