1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диктатурата на конструктивноста и новата Дејтонска Европа

24 октомври 2019

Влетавме во најбурниот час на европските тепачки, искористени како боздогани за меѓусебните им раскусурувања. Европскиот сојуз денес повеќе наликува на Дејтонска Унија моделирана според Босна, отколку на Шуманова визија.

https://p.dw.com/p/3Rp1t
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

1.

Секое време ги носи со себе сопствените диктатори и современите револуционери. Во дваесеттиот век, таа улога ја имаа комунизмот и Јан Палах. На почетокот на овој дваесет и први век, по нивни стапки чекорат неолиберализмот и Мухамед Буазизи, младиот продавач од Тунис, чиј акт на самозапалување беше искра која ќе го запали трансконтиненталниот оган на Арапската пролет. И токму деновиве, неговото име повторно како бауч кружи над Медитеранот и пошироко. Поради многу евтини причини.

Со исклучок на протестите во Хонг Конг и Барселона, инспирирани од идеолошки и/или етнички неправди, во овој час на глобална сцена се случува епидемија на протести на младите луѓе и средната класа. Кои и покрај географските далечини или етно-културните разлики, во себе имаат неколку мошне интересни и карактеристични ноти на совпаѓање. Без оглед дали станува збор за протестите на Жолтите елеци во Франција, крвавиот бунт во Чиле, демонстрациите во Либан, сите тие протести не еруптираа поради деструктивни макроекономски политики, туку поради буквално ситни центи кои живот значат.

Во случајот на Буазизи стануваше збор за данок од неколку долари. Гневот на „Жолтите елеци” еруптира поради 15% покачување на цената на дизелот. Капката која ја прели чашата жолч во Чиле беше поскапувањето од цели 0,4 долари за јавниот транспорт. Eксплозијата на гнев во Либан не беше поради енормното презадолжување на владата туку ... поради 0,20 долари данок на користење на апликацијата Whats app. И на крај, заедничката спона која ги поврзува сите овие демонстрации – вклучително оние во Каталонија, Хонг Конг и други места – е таа што сите се спонтано започнати и немаат јасно дефиниран лидер, лидерство или водство. Што е феномен сам по себе, како нова форма на постсистемска еволуција, некаков нов вид на политички агностицизам во повој, во која целта и енергијата е преголема за кое било  поединечно рамо.

Овие два фактора – евтиниот мотив за протести и одбивањето на лидерството – се не само индикатори дека ножот на нееднаквоста е веќе дојден до коска. Дека бунтот не е веќе за изборување на подобра иднина, туку за гола егзистенција, за преживување. Одбивањето на класичната пирамидална структура на лидер-водство-следбеници како конструкт на секое современо политичко движење е првиот симптом на бунтот против диктатурата на конструктивноста. Олицетворена во ликот на елитите навикнати на еднонасочна експлоатација на конструктивната кроткост на масите. Во таа поделба на улогите, уривањето на неолибералниот експлоататорски конструкт како последица ја има заситеноста на масите од банализираниот аргумент „да се биде конструктивен” користен ту како изговор за поткупување, ту како боздоган за кршење на главите на непослушните.

2.

По секоја логика, лидерската средба во одаите на Стево Пендаровски би требало да ја носи етикетата на бесмисленост на неделата. Настрана разлетаноста на домаќинот кој од една крајност (моноетничка лидерска средба на СДСМ и ВМРО и контрата на ДУИ во Тетово) оди во друга крајност (со покана на четири албански партии, плус наемниот падобранец Мендух). Самиот преглед на ликови присутни на таа, ахем!, лидерска средба, така ефектно и убедливо ја долови сликата на лидерската криза и вакуум во кој се наоѓа земјата. Во најдобар случај, додај-одземи партиски солдатески, клиентела, администрација, клановштина, теткини и стрикови најмили, композицијата од одаите на Пендаровски беше групировка на луѓе кои – во најдобар случај – може да се сметаат како лидери на едвај топтан 30% од граѓаните.

Дефицитот на домашна популарност ги има приморано речиси сите учесници да се приклонат кон надворешнополитичка компензација за кусокот на сопствени харизми и понуди. Наредени еден до друг, лидерите небаре седеа во сенка на сопствените надежи: еден заљубен во шармантниот Бојко Борисов, другиот послушник на Виктор Орбан, третиот „јаран“ на Еди Рама, четвртиот преспански близнак на Алекс Ципрас, петтиот портпарол на Реџеп Таип, шестиот фан на Албин Курти, седмиот „до смрт” со Рамуш Харадинај. Наредени како во политички постер на „секој има свој фактор”, севкупната атмосфера наликуваше на во паника брзоплето стокмена козметичка интервенција по нокдаунот од Брисел и сознанието дека всушност немаме ни план Б, ни план Ш за тоа како понатаму. Притоа, согласноста околу предвремените избори е најмалку контроверзна димензија на самата средба и изнесените заклучоци.     

Најболната и контроверзна димензија на таа и сличните средби е што чекор по чекор, миц-по-миц, ад-хок договарањето полека ја истиснува и девалуизира духовната смисла и демократската процедура на парламентарната демократија. Нема ништо утешно во тоа што со тој пристап ние стануваме составен дел на опасната општа тенденција во регионот, во кој улогата на парламентот е веќе ад акта. Можеби со исклучок на Грција, впечатокот е дека и политиката и општеството на Балканите имаат дигнато раце од каков било обид, надеж или очекување да заживее или се рефакторизира улогата на парламентарната агора во домашните политички расправии и одлуки. Нашата формула за измислување на „подобра и поконструктивна” опозиција е веќе прифатена и имплементирана во Тирана. Во Приштина улогата на Парламентот е сведена на стадионска „факелијада“ со гасови, во Белград одвреме-навреме ќе слушнеме за некоја реплика Јовановиќ-Шешељ. И толку. 

За волја на вистината, состојбите не се воопшто подобри ни во „унијатскиот“ дел на континентот, каде принципот на лидерски средби веќе станува правило, а парламентот исклучок. Почнувајќи од Европскиот парламент, до неретко скандалозните беседи во италијанскиот или германскиот дом. Дали можеби со Брегзит од европската сцена ќе замине и – во моментов – единствената вистинска парламентарна демократија, онаа на Велика Британија, под палка на веќе легендарниот Џон Беркоу? Велам, вистинската, според мерило на моќ и влијание да се спротивстави и да ја победи соопствената Влада.

Нашите лидеришта, сукцесивно и систематски ги денигрираа сите инструменти на системот, сите контролни механизми на општеството. Единствено логично е што по здружената офанзива на убивање на парламентарството, на крај се соочуваат со сопствената политичка смртност. Со еутаназија на сопствениот авторитет.

Други колумни од авторот:

Annus horribilis MMXVI

Нови Сад. Стар филм

И ние го свириме Моцарт

3.

По земјотресот – афтершокови и crisis management. Тоа е најкусиот можен опис на состојбата на нацијата по клоцата од Брисел, или Париз, како и да љубите. Уште некој ден ќе уживаме во пријатно топлата каллива „купка“ на самосожалување и виктимизација за сторената неправда. Уште ден-два ќе слушаме утешителни куражења од Берлин или Виена кои сѐ повеќе наликуваат на програмирани операторски пораки – „вашиот повик е многу важен за нас, ве молиме останете на линија, вашиот повик е многу важен ...” А потоа, следи отрезнувачко препрочитување на пораките од Европа полни со внимателно скроени зборови за „Македонија заслужува” и педантно избегнување на пофални квалификативи за тоа дали „Владата заслужила”.

Одлуката од Брисел би била катастрофална единствено доколку ја пропуштиме шансата низ истата да извлечеме поуки и сознанија за реалните случувања во Европа и идните реперкусии по нас. А првата поука е дека влетавме во најбурниот час на европските тепачки во кои бевме искористени како боздогани за меѓусебните им раскусурувања. Европскиот сојуз денес повеќе наликува на Дејтонска Унија моделирана според Босна отколку на Шуманова визија. Блоковски, национално, државно, етнички, социјално кантонизирана до бескрај, со земји членки зададени во бескрајна флуктуација помеѓу фанфарна солидарност и тапанска егоистичност. И пак, и повторно, сѐ сведено на Грамшиевата мисла за „старото изумира, а новото допрва треба да се роди”.

Амбицијата на Емануел Макрон да биде Европски Крал Сонце е колку легитимна и нормална консеквенција на реалполитиката, толку и ризична авантура. Поради која би можел да биде разбран и третиран како задоцнет Кардинал Ришеље на надворешната политика. Од позитивна гледна точка, неговата појава и улога секако има придонесено кон расчистување на одредени тензии во рамките на самата унија. Неговото позиционирање и маневарска координација на европската сцена придонесе кон тивка, незабележлива изолација и елиминација на екстремите од перифериите на европските сцени – од Шпанија, Австрија, па сѐ до експресниот подем и фрапантниот пад на Салвини во Италија. Приближувањето кон Путин веќе е на пат да го делегитимира монополот на Ле Пен (одбиена и од Трамп) во екстремно десничарска шок-ефект експлоатација на незамисливото.

Но, доколку на внатрешен план Макрон успева да се наметне како smooth operator, евидентно е дека неговата Ахилова пета е амбицијата за наметнување на француските надворешнополитички стратегии како европска надворешна политика. Што веќе предизвикува сериозни отпори од огромниот број земји членки, делумно демонстрирани и преку нагласената поддршка за Македонија и Албанија. Макрон би требало во добар дух да ја прифати забелешката на Штефан Лене дека „Франција веќе ја нема политичката и економска тежина за да биде глобаен актер”. Поуката со комплетното отсуство и игнорирање на Париз во тековните разрешници во Сирија е непријатност за Франција во рамките на ЕУ, но уште повеќе во рамките на нејзината стратегија за доминација на Медитеранот.

Но добро, на Макрон секако не му недостасуваат поуки и совети. Што не може да се каже и за времето. Денешната лидерска позиција на Макрон во надворешната политика на ЕУ е помалку резултат на неговите успеси, колку што е производ на фактот што ЕУ нема никаква надворешна политика. И така ќе остане во наредните 7-8 месеци. А потоа, следи старата поука дека парите се тие што го вртат светот. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач