1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За новата ера на новиот живот во новата Македонија!

4 октомври 2017

Фрчат билборди, спотови, митинзи. Испеглани лица, насмеани групи, крцкави програми. Тоа наутро. Попладне - старите болки: летаат тупаници, лисици, кривични пријави. Со еден збор, кампања другарче!

https://p.dw.com/p/2lBlC
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Иако голем дел од поведението на партиите кон изборите се déjà vu, сепак локалните избори ја немаат истата динамика на која досега сме навикнале. Кампањите се без малку идентични, а главните пораки на партиите се банални. СДСМ се надева дека еуфоријата за промена на „режимот“ ќе трае и за време на локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ повторно ја заменува суштинската потреба од реформи со реклама за нова ера. ДУИ наместо да го јавне бранот на новите промени на нивната политика, погрешно глуми континуитет. Секоја стратегија одделно е промашена, па оттаму резултатите на изборите најмалку ќе зависат од кампањата, а вистинските предизвици за партиите ќе дојдат по изборите.

Како вкупна детерминанта, локалните избори не можат да покажат ништо друго освен рефлексија на вкупната политичка реалност, бидејќи тој механизам на само-исполнувачко пророштво е пресилен за една кампања од 20 дена да може да го смени. Оттаму, исходот на локалните избори во најголема мерка ќе го рефлектира исходот на вкупниот распоред на политички сили во државата во моментов, односно ќе покаже минимална предност на СДСМ, шарена поддршка за градоначалниците, и минимална консолидација на ДУИ. 

Банални наративи

Еве зошто така мислам. Најнапред, СДСМ ќе ги користи поволностите од фактот дека се во моментов на власт, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почувствува последиците од губењето власт. Македонскиот електорат е исклучително авторитарен, и притисокот за приклонување е силен. Затоа СДСМ ужива континуирано покачување на рејтингот после мај, кое нема многу врска со нивните резултати, бидејќи за такви сѐ уште нема време. Таквиот тренд ќе продолжи, нагорен за СДСМ, а надолен за ВМРО-ДПМНЕ, и во текот на изборите. ДУИ, по промената на политичкиот курс, ќе уживаат условена засилена поддршка поради фактот што варијаблите кои работеа против нив (погрешната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ) сега ќе работат за нив, а против БЕСА, но притисокот за реформи и промени само ќе се засилува.

Сепак, резултатот на партиите на локалните избори ќе биде ограничен од повеќе фактори, кои се врзани за нивните интерни перформанси и понуда. СДСМ ќе има последна шанса за т.н. free ride, односно електоратот ќе им ги прости бројните грешки, но само уште овојпат. Тие кампањата ја тераат како продолжение на политичкиот проект за промени, со ист слоган и скоро идентична естетика. Сепак, партијата има суштински лоши перформанси, и во смисла на кадровска понуда, и во смисла на испорака на резултати. Дополнително, сѐ уште се во дилема дали да го прифатат популизмот како modus operandi, или да форсираат демократија и отвореност.  Таа битка уште трае, и резултатот допрва ќе го проценуваме.  ВМРО ДПМНЕ, пак, се во класична фаза на порекнување на реалноста, продаваат езотерична приказна за нова ера, која ниту е вистинита (тие не се сменети), ниту пак доаѓа од кредибилен извор (не може да промовираш нов пристап кон Албанците, на пример, кога Јохан Тарчуловски стои зад тебе во втор ред).  ДУИ пак, има исто така еден банален наратив: нивната најголема предност во пресрет на изборите е промената на политичкиот курс, а тие упорно продаваат континуитет. Тоа ќе се одрази на нивните резултати, па таму треба да се очекува минимална консолидација, односно слични бројки.

Вистинска криза - по изборите

За најголем дел од партиите, вистинската политичка криза доаѓа дури по изборите. За СДСМ, медениот месец на безусловна толеранција од електоратот завршува во заокружувањето на промените на локално ниво, и тие од тогаш ќе мораат да се соочат со намалена толеранција и зголемени очекувања од страна на електоратот. ВМРО ДПМНЕ по изборите ќе мора да се соочи со неопходноста за интерни промени и ребрендирање, како и со дополнителен одлив на гласачи кои досега биле врзани за нив само од клиентелистички побуди. ДУИ ќе мора да испорача и некаков посериозен резултат по менувањето на столчето на кое седи, а и таму ќе се отвори интерна дебата за промени и реформи. Оттаму и лаконскиот однос на партиите кон избориве, бидејќи најголем дел од нив ги третираат како преоден период кон вистинските проекти кои следат по завршувањето на гласањето.

Дополнително, ние сѐ уште не знаеме дали ќе можеме да одлучиме кој воопшто победил. Имајќи ги предвид бројките, сосема е можно да имаме повеќе самопрогласени победници. Затоа, важно е да имаме суштински однос кон скалата на која се мерат перформансите на партиите на локалните избори. Локалните избори носат три важни соодноси: вкупниот број на освоени гласови на советничките листи, бројот на освоените градоначалнички места, и престижот на освоените места. Првото мерило е емпириски најточно, тоа покажува какви би биле резултатите на партиите кога ова би биле парламентарни избори, и е математички единствена вистинска бројка за анализи. Второто мерило, бројот на градоначалници, зависи и од локални коалиции, и од квалитетот на кадровската понуда, па може единствено да биде индикација за коалицискиот капацитет на партиите, а никако за нивната суштинска поддршка. Третиот фактор, престижот на освоени места, е повеќе однос кон имиџот и симболиката на позициите, одошто на резултатот на партиите, зашто секако не е исто дали ќе освоите локална општина и главен град.

На крајот, сепак мислам дека овие локални избори не се индикативни за тоа во кој правец ќе се одвива политичката ситуација. Тие се случуваат во период на динамички промени на политичките сили, партиите ги тераат ан пасан, а вистинските случувања треба да се очекуваат во периодот кој следи.