Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.