Звукот на куршумите и бомбите посилен од изборните ветувања
8 октомври 2021Кој пукаше во воздух, меѓу толпа луѓе за време на митингот на ДУИ во Чаир? Како бомба заврши во дворот на семејната куќа на синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам, во Чаир, која што експлодира и предизвика материјална штета? Кој му се закануваше на кандидатот за градоначалник од Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ преку социјалната мрежа Фејсбук? Ова се неколкуте случаи за коишто полицијата врши истраги, а се поврзани со предизборни инциденти, коишто се случија за време на кампањата за есенските локални избори, која што е во тек. Деновиве се прегледуваат снимките од камерите, се сослушуваат сведоци, но полицијата сè уште не посочи со прст кој стои зад предизборните инциденти.
Партиите ветија позитивна и мирна капања, но во меѓувреме, звуците на куршумите, бомбите и заканите кон политичките противниците се чини стануваат посилни од изборните ветувања. Тоа го потврдува и полицискиот билтен кој секојдневно се дополнува со нови пријави и поплаки. Од 30 септември досега се пријавени десетина инциденти поврзани со изборите, а неколкумина од нив се расчистени и се поднесени пријави.
Само во текот на вчерашниот ден, полицијата информираше за три инциденти. Кандидат за градоначалник на општина Новаци, додека одел кон стадионот во селото, за да снима предизборен спот, се обидел со автомобил да удри полицаец. Од друга страна, пак, тој пријавил во МВР дека од возачот на актуелниот градоначалник и полициски службеник во СВР Битола, бил спречен да замине во село Новаци и да снима спот на стадионот во селото.
Полицијата информираше и дека привела 25-годишно момче од Скопје, затоа што било затекнато како на трафостаница лепи плакати од политичка партија и со спреј пишува на штаб на политичка партија. Во струмичко Ново Село, пак, се случил грабеж - од автомобилот на носител на советничката листа на СДСМ, му биле одземени пари и документи. Полицијата го истражува случајот.
Пукотници на митинзите
Еден од посериозните инциденти се случи на крајот на септември на партиски митинг во Чаир, кога се слушнаа истрели, додека држеше говор пратеникот од ДУИ, Изет Меџити. За среќа немаше повредени, но со оглед на тоа дека пукањето се случи среде толпа луѓе, куршумите лесно можеа да повредат некој од присутните. Од ДУИ се оградија од инцидентот, а генералниот секретар на партијата, Артан Груби го осуди пукањето и повика да се спроведе истрага.
„Се залагаме за мирна кампања каде што ќе ги презентираме нашите проекти за секоја општина. Имаме најдобра понуда, најдобра кампања, најдобри бројки во анкетите и не ни се потребни инцидентни ситуации. Ова е веќе пренесено на сите претседатели на ограноци и шефови на општински штабови“, порача Груби.
За случајот се произнесе и премиерот, Зоран Заев, кој рече дека МВР веќе ги има снимките и ги бара сторителите. „Не мислам дека тоа носи добро на некој, тоа одвраќа гласачи и поддршки, одвраќа позитивен амбиент и станува збор за кривично дело, веројатно и злоупотреба на законот за оружје“, изјави Заев.
Опозицијата обвини за недемократски кампањи и побараат полицијата итно да го расчисти случајот. „Почнувајќи од првите три дена на предизборната кампања, актуелниот режим со оружје и вандализам има намера да ја наштети предизборната кампања. Ние се соочуваме со противници коишто не знаат што претставуваат демократски и цивилизирани избори, но ова се нивните последни клоци“, порачаа и од Алијанса за Албанците.
Според кривичниот законик, пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба се движи од 200 до 500 евра. За кривично дело „предизвикување општа опасност“, пак, предвидена е и затворска казна од една до пет години.
Бомба како предупредување
Мета на напади беше и синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам, кој на 3 октомври пријави дека во дворот на неговата куќа во Чаир е фрлена бомба, која експлодирала и предизвикала материјална штета. Габриел Бајрам е на кандидатската листа за советници на СДСМ за град Скопје на претстојните локални избори. Бомбата, како што соопшти полицијата, предизвикала оштетување на ограда, врата, прозорци и фасада на куќата.
„Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот”, велат од полицијата. На прес-конференција, Бајрам информираше дека до МВР доставил снимки и дека ќе се открие сторителот, како и дека со негово заплашување може да се добијат само ситни политички поени.
Закани на социјални мрежи
Полицијата деновиве го расчисти случајот со заканите упатени кон кандидатот за градоначалник од Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ и неговото семејство. Според МВР, заканите ги упатил 27-годишник од Прилеп, преку три објави на социјалната мрежа Фејсбук. Против него е поднесена кривична пријава за „загрозување на сигурноста“, по член 144, став 4 од Кривичниот законик.
Градоначалник на општина Лозово се пожалил во полиција дека му е загрозена безбедноста откако едно лице со метален предмет тргнало кон него. 33-годишник од Градско, пак, на 29 септември во 19.00 часот на ул.„Александар Македонски“ физички нападнал сограѓанин кој лепел плакати од кандидат за градоначалник.
-повеќе на темата: Кампања: Нереални ветувања и навреди зачинети со вегета
Ова е не е единствен случај којшто бил пријавен во полицијата, а е поврзан со ошетување на избориот материјал. На 30 септември, во Тетово било пријавено дека неколку лица, кои се движеле со возила, го оштетиле изборниот рекламен материјал на политичка партија на неколку различни локации. Возилата биле сопрени од полицијата, во кои се пронајдени четири лица, против кои се водат постапки.
Слични пријави се поднесени во полицијата и за случаи во Кратово (каде на потпорен ѕид од основно училиште во Кратово и на спортска сала биле испишани графити во врска со претстојните локални избори), потоа за Пласница - каде носител на листа за советници од една политичка партија пријавил дека бил оштетен неговиот рекламен материјал, а сличен случај бил регистриран и во Сарај.
Полицијата го расчистува и инцидентот којшто се случи во скопското село Арачиново, каде на 1 октомври неколку лица со тврд предмет оштетиле врата на штаб на политичката партија. Провалниците, верувале или не, барале храна.