Подобро телелекар отколку д-р Гугл
12 мај 2018На годишното собрание на Германската лекарска комора неделава конечно беше донесена одлука за промена на упатството за лекарите, со која се дозволува во „одделни случаи“ и без претходен личен контакт да се врши советување и третман на пациенти преку дигитални медиуми, доколку е тоа медицински оправдано и доколку е обезбедна неопходна лекарска внимателност. Досега вакви третмани на далечина беа возможни само ако пациентот претходно бил кај соодветниот лекар, односно ако лекарот го познава пациентот и неговата здравствена состојба. Здравствениот економ Борис Аугурцки во интервју за ДВ зборува за предностите и слабите страни на лекувањето од далечина.
ДВ: Какви беа досега правилата во Германија?
Борис Аугурцки: Како пациент не можевте да се обратите телефонски до лекар кај кого не сте биле за да му ги опишете симптомите и да добиете дијагноза. Доколку пациентот веќе се лекувал кај лекарот, тогаш беше можно тој да му се обрати за разговор и телефонски и онлајн. Во Швајцарија лекувањето на далечина постои веќе 10 или дури и 15 години. Луѓето, на пример навечер, или во викенд, може да се јават на телефонски број, добиваат дијагноза и ако има потреба - и електронски рецепти.
Кога поставувањето дијагноза на далечина има смисла?
Кога сте надвор од работното време, а не е толку акутно да морате да одите во болница. Дали ситниците кои можам да ги завршам дома се доволни? Или сепак треба да го побарам најблискиот лекар или болница? Токму поради фактот што амбулантите за итна помош се често преполни, еден дел од пациентите би можел да се управува на ваков начин.
Од аспект на пациентот е комотно: се штеди време и дома релативно брзо може да се преземат мерки. Не сте изложени на долго време на чекање во преполните чекалници, кои може да имаат негативен ефект дотаму што може да добиете некоја зараза од друг пациент. Сето тоа дома го нема. И, се добива добро заснована дијагноза, која е подобра отколку да се пребарува по Гугл и компанија. Интернетот нуди исто така добри информации, но тие не се филтрирани. Како лаик не знаете дали тоа е она вистинското или не.
Колку е голем ризикот од една дијагноза на далечина, кога лекарот е упатен само на разговорот и на оптиката, но не може да го допре пациентот? Зависно од камерата и светлото, бојата на кожата на видео-снимката може да изгледа поинаква отколку што навистина е.
Сосема точно. При некои дијагнози или третман потребно е пациентот да биде присутен во ординацијата или барем сликите да се добри. Тука лекарот има одговорност да процени - доволна ли е дијагноза на далечина или не? Во Швајцарија се размислува за тоа пациентот да отиде дополнително во најблиската аптека, каде се нудат услуги како што е земање крв. Децентрализирано и пред сѐ - блиску до местото на живеење. Но, темата „погрешна дијагноза“ е присутна постојано. Тоа може да се случи и кога воопшто не одите на лекар и пребарувате на интернет. Тогаш подобро е да добиете професионална поддршка преку телефон. Значи, има предности, но и мани. Мислам дека со давањето дозвола за третман на далечина, предностите за пациентите ќе преовладуваат.
Каде се во ваквиот дигитален пациент-лекар-однос човечката блискост и доверба?
Мислам дека во тој дел мора да размислуваме пошироко. Ако ни успее во чекалниците да ги редуцираме, би ги нарекол - багателните прашања, а на нив сепак даваме одговор преку телефонски контакт или онлајн, тогаш на крајот останува повеќе време за луѓето на кои им е итно неопходно да се видат со лекар. Во моментов одиме во невидена широчина и секој добива по малку време од лекарот.
Уверен сум дека многу луѓе имаат едноставно потреба да поразговараат со некого кој ќе им рече: не е толку лошо, чекајте до викендот и ако има потреба дојдете идната недела во ординација. Сакам да додадам дека за пациентите сѐ е доброволно. Третман на далечина воопшто не мора да се користи. Во Швајцарија, на пример, ваквата можност ја користат околу 5.000 луѓе дневно. Но, би рекол дека поголемиот дел Швајцарци сепак си одат во лекарска ординација.
Еден од аргументите на застапниците на ваквиот метод е дека на тој начин подобро може да се покрие провинцијата. Дали тоа, обратно, може да доведе веќе никој од лекарите да не отвора ординација насело и старите луѓе веќе да не можат да најдат лекар кој доаѓа во домашна посета?
Тоа нема да биде последниот чекор, односно во провинција луѓето да се лекуваат само преку телефон или преку екран, туку тоа ќе биде можеби првиот чекор со кој децентрализираните структури ќе се дополнат и со лица за разговор. Можеби преку аптеката којашто ја споменав, каде ќе има и мала ординација во која некој асистент ќе воспоставува контакт со центар во кој има лекари.
Повеќе: Фотографија на денот: Аптека-автомат
Ширум светот во оваа сфера има многу промени. Не е само Швајцарија. Земете ги континентите како Африка, каде добра покриеност на територијата веројатно и онака може да се оствари само со ваков телемедицински модел. Таму луѓето за да се видат со лекар мора да минат многу поголема далечина.
Професор Борис Аугурцки е раководител на одделот „Здравје“ на РВИ-Лајбниц институтот за економски истражувања во Есен. Тој се интересира за тоа како иновативните технологии може да се применат за да се подобри здравствената нега и услуги.