1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјата на чудата на Мило Ѓукановиќ

Драгослав Дедовиќ
18 октомври 2016

Има земја во која еден политичар газдува речиси три децении. Земја, во која на парламентарните избори невозможното стана стварност. Земја, во која со живите гласаат и мртвите, со присутните гласаат и отсутните.

https://p.dw.com/p/2RJab
Djukanovic zum dritten Mal Regierungschef in Montenegro
Фотографија: picture-alliance/dpa/B.Pejovic

Така беше и овојпат. Мртвите си ја исполнуваат својата граѓанска должност гласајќи главно за Газдата. За чудо, со нив на избирачките места се појавија и отсутните граѓани, кои во истовреме седеа и во своите „Франкфурти“ и „Манхајми“ на неделната трпеза. А, по некој гласач нудеше и лична карта или пасош на изнајмување. Такаречи Rent-a-Passport.

Вџашените набљудувачи се изнагледаа сѐ и сешто и да не е трагично, би било смешно. Малите газди во избирачките одбори во име на Големиот Газда им се јавуваа телефонски на неговите недисциплинирани фанови за да гласаат како што ветиле. Гласно, за да чујат сите. Или пак имаа помошници во џипови кај избирачките места кои бележеа кој е тука, а кој сѐ уште не дошол. Тој список потоа би можел да се спореди со списокот вработени по различни државни установи, претпријатија и служби. Најубаво беше она кога избирачкото место го префрлија во кафеана, гласаа јавно и весело. А, да не зборуваме за црногорските гастарбајтери во Италија, кои добија билети за траект и џепарлак само за да си ја исполнат својата граѓанска должност. 

Геронтократска Земја на чудата

Но, ниту полицискиот апарат не препушташе ништо на случајот. Тајната служба откри тајни текови на огромна парична поддршка која братска Русија ѝ ја исплаќа на душманската опозиција. А потоа, среде предизборен молк, е уапсен Бранислав Дикиќ. Човекот кој беше голема полициска „фаца“ во Србија имал намера да ја соборува легитимната и легална и омилена власт. Спречен е државен удар. На денот на изборите Газдата изгледаше како домашна верзија на Франц Фердинанд кој правовремено го апси Гаврило Принцип и сите Младобосанци.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Газдиниот шеф на електронски комуникации на изборниот ден ги исклучи Viber, WhatsApp & CO., давејќи го интернетот. Човекот вели дека однадвор се мешале во изборниот процес.

Но, не сте во право. Земјата за која станува збор не се вика Северна Кореја.

Инаку, изборите - демократски, досега најслободни за локални прилики. Успехот е очигледен - на избирачките места излегоа фантастични 73% избирачи. И покрај тоа што некаде летна по некоја тупаница, нема мртви (ако не ги сметаме мртвите кои гласаа, но во теолошка смисла тие и не се мртви, туку воскреснати).

Значи, постои една земја со околу 530.000 избирачи и 630.000 жители. Геронтократска Земја на чудата. Во Германија, која има сериозен проблем со „белата чума“, луѓето со право на глас во однос на вкупното население се околу 76%. Во оваа Земја на чудата процентот е 84. Да заклучиме: или на избирачките списоци има одреден број фантомски граѓани или населението во Земјата на чудата наскоро ќе изумре.

Надворешнополитичкото образложение на Газдата е познато - решително вртење во прегратките на НАТО и ЕУ. Внатрешнополитичкото ветување Газдата го нарекува „просперитет“, а народот тоа мора да го преведе како - уште еден мандат за ортачко-братскиот систем и богатење на Газдиниот клан, партиските следбеници и пријатели.

Дали треба да кажам декаглавниот протагонист на приказнатa се вика Мило Ѓукановиќ, а неговата Земја на чудата е Црна Гора? Тоа на овој јазик не треба да му се објаснува речиси никому.

Во бесконечна транзиција меѓу Мило и Мило

Сепак, Мило, како што го викаат и пријателите и противниците, не сметаше со пат-ситуација, во која еден глас би можел да одлучи за неговата политичка судбина. Маневарскиот простор му е значително стеснет. И да формира влада, таа ќе балансира на жица. Се разбира, најсилната партија ќе се обиде да придобие уште по некоја сателитска групација и да посее раздор во рамките на опозицијата, за моментот кога во Црна Гора практично ќе се докаже принципот на променливост на власта да се одложи до денот кога ќе „се стрижат мувите“. Прашање е дали опозицијата ќе ја прифати таа игра и дали повторно ќе падне во „природна“ состојба на расцепканост.

Мило привремено останува Газда во длабоко поделена земја. Но, и во оваа бесконечна транзиција меѓу Мило и Мило, повеќе од очигледно е дека тој, мерено според европски стандарди, стана проблем, а не решение.