Зијадин Села: Протестот е скандал, се поддржуваат кукавици!
26 април 2021Еден протест, дијаметрално спротивни ставови. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го поддржа вчерашниот протест организиран од македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија, е среќен што народот излегол на улица за демократија и за слобода на уставобранителите. Владејачката СДСМ реплицира: насилници не се уставобранители и никогаш нема да бидат!
Четири години по насилниот упад во Собранието на 27-ми април, вчерашниот протест повторно ги врати сеќавањата на „крвавиот четврток", но и стравувањата дека од тој настан не е извлечена поука. Од протестот беше побарано Врховниот суд да ги поништи пресудите против сите осудени за настаните во Собранието и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите. За истото се заложи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Народот е излезен во поддршка на луѓето кои што го бранеа Уставот. Еден ден неправедно осуден човек е како цела вечност. Бидејќи имаме судска пракса за повторно отворање на случаи, не гледам причина зошто и овој случај да не се преотвори и луѓето од слобода да имаат втора шанса да се бранат и да ја докажат својата невиност", рече Мицкоски.
Села: Некој сака да воспостави двојни аршини
Што мисли за барањето да се повтори судскиот процес - го прашавме лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој на 27-ми април 2017 година беше најтешко повреден. Откако медиумите таа вечер објавија вознемирувачки фотографии за неговата состојба, речиси еден час јавноста и немаше информации дали тој е жив.
„Судот го кажа неговиот збор. Не дека се невини тие што се во затвор, туку треба да се види уште колку виновни се на слобода. Единствениот кој невин лежи во затвор е човекот кој ме спаси мене на 27-ми април: Абдулфета Алими. Тие што се надвор се тие што отвораа врати и тој што беше министер за внатрешни работи. Поткрепа за ова што го велам, е фактот дека немаше никаква резистенција од страна на униформираната полиција за да ја спречат топлата да влезе во Собранието“, вели Села за ДВ.
Повеќе:
-Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не го организираше упадот во Собранието
-Јанкулоска за „крвавиот четврток“ дознала од телевизија
-Иванов сведочеше за „крвавиот четврток“: Не знаев дека се подготвува упад во Собранието
Во изјавата тој се осврна и на оние кои се ставија во одбрана на тој настан и на учесниците во него.
„Чудно е што досега некои се обидуваа да се оградат од тие настани, сакајќи да покажат дека се реформирани. Вчерашниот протест е скандал. Не само дека се терористи тие што се во затвор и оние што тоа го организираа однадвор, туку се и хулигани, варвари и кукавици. И сите што нив ги поддржуваат, треба да знаат дека на такви кукавици им даваат поддршка. Други се тие невини лица кои лежат во затвори, тоа се Албанци на кои им се монтираат политички процеси. Вчерашниот протест уште еднаш гласно покажува дека некој во Македонија сака да воспостави двојни аршини, а тоа не е добро за државата“, вели Зијадин Села.
Запрашан за поддршката што Груевски ја даде за вчерашниот протест, Села имаше краток одговор: „Тој е во групата на најголемите кукавици!“
За „крвавиот четврток“ првично беа обвинети 33 лица кои се гонеа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив, 15 беа амнестирани со закон во Собранието. Можно ли е повторување на процесот?
„За повторување на кој било процес одлучуваат надлежните органи. Вака, јавно искажани ставови на кој било политичар може единствеено да се сфатат како директен притисок врз судството“, вели Вилма Русковска, шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ги поднесе обвиненијата за учесниците во упадот од 27-ми април.
Кој што брани?
Од владејачката СДСМ, вчерашниот протест и пораките ги оценија како „враќање на ВМРО-ДПМНЕ на местото на злосторот".
„Старо ВМРО-ДПМНЕ, стара песна, остатоци од мрачното минато излегоа на улица, го славеа насилството и режимот со истата хушкачка реторика, со истата насилничка кореографија од пред четири години и со прекршување на протоколите за заштита од Ковид- 19. Насилници не се уставобранители, и никогаш нема да бидат.
Мицкоски застана токму зад овие осудени насилници, застана на браникот на криминалот и насилството. Поддржан од неговите соработници и извршители, Апасив и Бачев, Мицкоски ги реализира нарачките од неговиот ментор во Будимпешта, Никола Груевски", рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа Кузеска да излезе од ѕидините на „Бихаќка" и да го види народот по улиците.
„Тој народ е таму за уставобранителите, но и поради сите неправди и хаосот донесен од Зоран Заев. Најголемиот добитник од настаните на 27-ми април е Заев. Заев кога добива, секогаш народот губи. Пресудите потоа се најголемиот срам за Заев, СДСМ и Кацарска-судството. Народот си доаѓа по своето, а крајот на мафијата и одговорност потоа ќе дојде многу брзо“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Расправата“ продолжи и на социјалните мрежи: од една страна со обвинувања за „монтирани случаи“ за 27-ми април и со повици за „уривање на мафијата на власт“, од друга - со благодарност што опозицијата која го поддржала протестот јавно ги потсетила граѓаните со кого си имаат работа. Голем дел од критиките се однесуваат и на непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19 на протестот, бидејќи опозициската партија токму во име на здравјето на граѓаните бараше одложување на пописот.