Значи сепак - напред со корона-обврзници!
19 мај 2020Германско-француската локомотива во ЕУ повторно е во погон. Конечно! Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел ја ослободија кочницата за да го окончаат спорот околу обновата по корона-кризата во ЕУ. Канцеларката значи сепак го смени курсот, согласувајќи се во принцип за преземање заеднички долгови во ЕУ, без оглед на постојната забрана за заедничко задолжување во Европските договори.
Францускиот претседател Макрон се избори за тоа 500-те милијарди евра наменети за опоравување, да бидат исплаќани во форма на грантови, а не на кредити за и онака веќе презадолжените држави-членки на ЕУ од југот, како што всушност сакаа канцеларката и северните членки. Затоа пак Макрон мораше да го голтне тоа што фондот за обнова нема да изнесува 1,5 билиони евра, туку една третина од таа сума.
Се бара поголема солидарност
Важниот германско-француски дует направи само предлог, но тој е веќе усогласен со Европската комисија и сега ги става под притисок пред сѐ останатите држави-членки од истокот и северот. При ваква кострукција, тие ќе добијат помалку пари, а истовремено ќе мораат да плаќаат повеќе за земјите како Италија, Шпанија, но и Франција, кои се посилно погодени од корона-кризата.
Историски договор на Меркел и Макрон за рестарт на економиите на ЕУ
Бајката за пропаст на ЕУ во корона-кризата
Корона-криза: Позитивно обоено неединство во ЕУ
ЕУ против корона-кризата: Фонд за обнова да, еврообврзници не
Сега се очекува солидарност и од земјите како Полска, Унгарија, Бугарија и Романија, досега најголеми нето-приматели на средства во ЕУ. Заради тоа канцеларката денеска закажа разговор со источните земји-членки, со намера да им го претстави концептот.
Разумен предлог
На Ангела Меркел на домашен терен ѝ претстои тешка борба. Зашто, во конзервативните политички партии ЦДУ и ЦСУ се очекува отпор против ваквиот концепт за заедничко задолжување, кој за Германија ќе значи дополнителни трошоци од двоцифрени суми во милијарди. Финансирањето, имено, ќе се врши преку заедничко задолжување, кое ќе го преземе Европската комисија. Државите-членки на ЕУ треба заеднички да ги вратат парите за 20 години, согласно со нивниот удел во долгорочните буџетски рамки на ЕУ. Денешниот чекор ќе значи обврска која ќе ги поврзува владите и парламентите до 2040 година и ќе го ограничува нивниот фискален маневарски простор.
Новиот концепт може поедноставено да се нарече и ЕУ-обврзници или корона-обврзници во „лајт“ форма. Станува збор за заедничко задолжување, кое меѓутоа е спротивно на членот 311 од Европскиот договор. Ќе бидат потребни редица елегантни трикови од страна на правниците на ЕУ за тоа да се „испегла". Италија и Франција можат да се радуваат, тие успеаја да се изборат.
Свртниците се поставени
Сепак, дали е ова можно? Канцеларката Меркел и претседателот Макрон велат – да. Зашто, во сегашнава исклучителна, вонредна ситуација, мора да се дејствува, а не да постои колебање. Германско-француската локомотива вози во вистинскиот правец. Прашање е само дали можат да се приклучат сите вагони, сите земји-членки. Свртниците веќе се наѕираат.
Европската комисија идната недела ќе го претстави својот сеопфатен предлог-буџет, во кој фондот за опоравување е само еден дел. Потоа членките на ЕУ ќе мора брзо да се усогласат, за итно потребните пари за амортизација на рецесијата да можат да потечат кон крајот на годината, или подобро, уште порано. Се очекува зелено светло за овој компромис, кој би требало да остане исклучок!