1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Schweinegrippe

28 април 2009

Научниците веќе одамна предупредуваат дека постои можност нов вирус на грип да предизвика епидемија. Шпанскиот грип од 1918/19 година однесе 20 милиони жртви. Зошто свинскиот грип е опасен?

https://p.dw.com/p/HfBK
Најзагрозени се луѓето на возраст од 20 до 40 годиниФотографија: AP

И свињите може да добијат грип - вистински грип, инфлуенца. Вирусот, кој ги напаѓа овие животни, многу лесно може да се пренесе на луѓето. Сосем поинаков тек, отколку кога станува збор за птичји грип.

Во вообичаени случаи ова не е ништо особено или лошо. Речиси секоја втора свиња, во некои области во Америка - од каде што потекнува болеста - носи во себе антитела, што значи дека веќе имала контакт со вирусот. Во меѓувреме болеста најверојатно е проширена и во Европа. Но фармерите во Европа не се обврзани да ја пријавуваат оваа болест, затоа нема конкретни податоци.

Опасно мешање на вирусите

Две работи ги вознемируваат медицинарите: прво-паралелно со големата пандемија на грип од 1918 година, т.н. шпански грип, беше забележена и зараза од свински грип. Второ, свињите се сметаат и за преносители, животни во кои вирусите на грипот можат поволно да се размножуваат и мешаат.

Schweinegrippe Taiwan
Кај свињите настанува опасно мешање на вируситеФотографија: AP

Научниците сметаат дека на ваков начин беше раширен вирусот кој предизвика и епидемии на грип во 1918 година, потоа во 1957 година и во 1968 година. Тогашниот предзвикувач на причји грип и вирусот од безопасен човечки грип, биле пренесени на свињи и таму се создал новиот опасен тип вирус.

Нова варијанта на H1N1

Актуелниот предизвикувач на грипот во Мексико, според Светската здравствена организација, е нова варијанта од типот H1N1 кој се појавува како кај луѓето, така и кај свињите и птиците.

Според досегашните информации, грипот во Мексико најмногу ги напаѓа луѓето на возраст од 20 до 40 години, појава која е регистрирана и за време на пандемијата во 1918 година. Вообичаено, од грип почесто заболуваат децата и постарите луѓе. Во овој случај, предизвикувачот на грипот провоцира силна прекумерна одбранбена рекација на телото, која силно доаѓа до израз кај здравите млади луѓе.

Експертите веќе подолго време предупредуваат дека е можна пандемија - бран на грип кој ќе го зафати целиот свет. Но, тие не сметаат на ужасно големиот број смртни случаи од минатото. Од шпанскиот грип починаа најмалку 20 милиони луѓе. Оттогаш се чини дека сите наредни епидемии беа во помали размери, благодарение на брзите противмерки и подобрата здравствена заштита.


Автор: Вернер Екерт/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска