1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто истокот на Германија е толку десничарски ориентиран?

Волфганг Дик /ЖА/ЕМФ24 февруари 2016

Ксенофобичните настани во Бауцен и во Клаузниц го окупираат вниманието на политиката. Социолозите и политиколозите со години се обидуваат да ја најдат причината зошто источниот дел од Германија е десничарски настроен.

https://p.dw.com/p/1I1DE
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Löb

Аплаузот за запалениот покрив на зградата во која требаше да се вселат бегалци е кулминација во долготрајниот развој опфатен во тажните статистики. Според Министерството за внатрешни работи на Германија, половината од сите извршени расистички насилни дела отпаѓаат на источногерманските покраини. Порастот изнесува 40 проценти во однос на 2014 година. Напади врз бегалци, опожарување, насилни демонстрации и вандализам, констатираат фондацијата „Амадеу Антонио“ и организацијата „Про азил“, главно има во источна Германија.

Почнувајќи од нападите врз едено сместувалиште за странци во Хојерсверда (во саксонскиот округ Бауцен) во 1991 година, мноштво социолози и политиколози во изминатите 25 години се обидуваат да ги најдат причините за зачестеното десноекстремно насилство, за активностите на движењето Пегида и партиите НПД и АфД во источна Германија. Нивното резиме: не постои поединечен објаснувачки одговор, туку повеќе содејство на повеќе можни причински извори. Најчесто се наведуваат следните причини.

Страв од загуба и од непознатото

По падот на Ѕидот во 1998 година, животот на мноштво луѓе од долго изолираната Германска Демократска Република претрпе радикална промена. Новиот пазарен економски систем донесе висока невработеност, која не беше позната во социјалистичката планска економија. Посебно потресувачки беше тоа „што професионалните и биографски искуства од денес до утре веќе немаа вредност, се‘ мораше да се учи наново, а сега повторно претстои една промена“, смета социологот Давид Бегрих, мислејќи на големиот број дојдени бегалци. Во моментов субјективно е присутно чувството на повторна загуба на се‘, на повторно соочување со нешто целосно ново. Професорот за политички науки на Универзитетот во Дрезден Ханс Форлендер зборува за чувства на несигурност и страв, за впечаток на отфрленост.

Илјадници се отселија посебно од граничните региони на Саксонија и Мекленбург Предна Померанија. Тоа веќе денес со себе носи социјални и економски проблеми, кои често резултираат со бесперспективност. Том Маневиц од Универзиттеот Кемниц, научник кој го истражува екстремизмот, дополнува: „Субјективните губитници на трансформацијата се бараат друга група, за да извршат компензација.“ Се врши проекција на сопственото незадоволство врз странците во целина, врз бегалците, врз туѓите религии како исламот.“

Речиси без контакт со странци

„Источногерманското општество дури сега, 25 години по обединувањето, открива работи како диверзитетот. Претходно, тоа беше во голем дел хомогено општество“, вели Давид Бегрих, од Мрежата за демократија, одговорен за прашања од сферата на десен екстремизам. Навистина - уделот на луѓе од други земји во светот во однос на вкупното население во Источна Германија по крајот на Втората светска војна се движеше меѓу 2 и 4 проценти. Во времињата на ГДР имаше „работници на договор“ од пријателските „социјалистички братски земји“ како Виетнам, Мозамбик, Унгарија и Куба, но режимот на ГДР нив ги ставаше во посебни сместувалишта. До 1988 година на жените дури им беше забрането да добиваат деца во ГДР. Политикологот Том Маневиц смета дека тоа има големо влијание за атмосферата во тој дел на земјата: „Имаше ригорозна политика на ГДР кон странците, гетоизација на луѓето кои доаѓаа од странство, без какви било допирни точки.“

Диктатура наместо демократски искуства

Службата за државна безбедност уште во времето на ГДР имаше информации за цртање кукасти крстови на ѕидови од куќи. Десните радикали уште тогаш беа екстремно насилни, вели социологот Матијас Квент од Универзитетот Јена. Активностите на овие групи беа наголемо премолчувани, но извршителите беа остро казнувани. Десниот екстремизам беше потиснуван. Тоа важи за целиот однос меѓу политичкото раководство и населението. Се давале наредби, се создавале факти. Том Маневиц оценува: „Тоа значи дека има мало искуство со политичка конкуренција, политичка конфронтација во смисла на судир на мислења и плурализам на интереси.“ Последица од тоа за делови од населението: тотално отфрлање на политичкиот естаблишмент и насилнички дела наместо сериозна дискусија.

Охрабрување на Истокот

Во покраината Саксонија на десноекстремната НПД во периодот од 2004 до 2014 година ѝ успеа да влезе во покраинскиот парламент. Во 2006 година следуваше влез на НПД во парламентот на покраината Мекленбург Предна Померанија, каде што е застапена и денес. Според многумина политиколози, има еден вид потврда и сигнали на охрабрување. Десничарската идеологија, така да се каже, стана поприфатлива за населението. Давид Бегрих е уверен: „Кој верува дека тоа не остава траги во политичката култура на една покраина, тој не може да согледа какви долгорочни ефекти имаат политичките процеси. Се разбира дека тоа остави траги.“ Том Маневиц во врска со развојот на ситуацијата околу Пегида и АфД нагласува: „Луѓето помалку се плашат, затоа што сега полесно наоѓаат истомисленици отколку што тоа беше случај порано.“

За да се постапува против ваквите влијанија и искуства, политиколозите и социолозите имаат развиено многу концепти. Експертот Давид Бегрих од Магдебург има едноставна препорака: „Она што може да се извлече како поука е дека со концептите треба да се опфатат и оние кои се за демократија, но пред сѐ оние кои се залагаат за интеграција на бегалците и барателите на азил.“ Она што е неопходно е многу посилна култура на добредојде и признавање, која ќе дава подобри ефекти од топлите говори во недела.