1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Меркел мора да прифати четврта кандидатура?

Кристина Дунц (дпа) / Е.М. Фиданоска4 август 2015

Речиси нема сомневање дека Ангела Меркел ќе биде кандидат на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) за канцелар и на изборите во 2017. Тоа носи многу шанси за Унијата и една опасност за Меркел.

https://p.dw.com/p/1G92t
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Дали Ангела Меркел може воопшто да избегне четврта кандидатура за канцелар? Дали притисокот од Унијата, со оглед на добриот рејтинг, не е веќе сега преголем за да може да каже не? Во Христијанско-демократската унија (ЦДУ) шефицата на партијата со месеци има најдобар рејтинг и е единствениот логичен избор. А шефот на Христијанско-сиоцијалната унија (ЦСУ) Хорст Зехофер, сега има визија за апсолутно мнозинство на Унијата на изборите во 2017 година со Меркел на врвот. Тоа би можело да и‘ го расипе одморското расположение на Меркел. Таа не сака да поставува превисоки цели, зашто тие би можело да не се остварат. Меркел очигледно сака четврт мандат, напиша „Шпигел“. Политикологот Оскар Нидермајер вели дека уште во март имало само една причина поради која Меркел би можела да отстапи - болест.

Вестите од минатиот јулски викенд, кога Меркел во една пауза во текот на операта „Тристан и Изолда“ во Бајројт падна од стол и во бессознание, предизвикаа страв. Не би било чудно, а и сето тоа не би и‘ се припишало веднаш на една опера која трае со часови. Зашто 61-годишната Меркел со месеци работеше напорно, водеше преговори со денови и ноќи за мир во Украина и финансиски спас на Грција, потоа имаше самит на Г7 во Германија, патувања во странство и внатрешнополитички проблеми. Причина за паѓањето, меѓутоа, барем како што соопшти Владата, беше паѓање од стол. Токму столот на канцеларката, иако всушност ништо не му се препушта на случајот кога станува збор за тоа каде стои, оди или седи канцеларката.

Најмоќна жена во светот - и ова е уште еден од притисоците кои би требало да ја натераат Меркел да продолжи. Таа од Москва до Вашингтон се избори за имиџ на човек кој трпеливо и истрајно работи на решение на кризите, и тоа и‘ оди од рака. Иако, поради грчката криза не беше омилена во странство. Таа важи за гарант на континуитетот и стабилноста во Европа. Има најдолг премиерски стаж во Европа. Многу други нејзини колеги не ги „преживеаја“ финансиската и должничката криза.

Токму Социјалдемократската партија (СПД) би можела да придонесе за тоа Меркел да влезе во нова трка за премиерската функција. „Мислам дека е тешко да се победи оваа сојузна канцеларка“, изјави премиерот на покраината Шлезвиг Холштајн, Торстен Албиг (СПД) и за тоа јавно беше изложен на критика од сопартијците, но интерно му беше потврдено дека е во право.

Neujahrsansprachen Angela Merkel 2005-2014
Ангела Меркел во периодот од 2005 до 2014 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Пенал за Меркел. На нејзе се гледа како на личност од доверба. Тоа на изборите ќе игра централна улога, вели истражувачот на јавното мислење Клаус-Петер Шепнер за весникот „Келнер Штатанцајгер“.

„ЦДУ би направила грешка ако не игра на Меркел“, убеден е тој. Меѓу другото, и затоа што во партијата не е расчистена работата околу наследник на Меркел. „За тоа е потребен помлад политичар, со голема веродостојност, еден вид продолжение на Меркел.“

Ваквата цел е можеби малку превисока. Во април 2000 година, кога Меркел на 45-годишна возраст стана лидерка на ЦДУ, таа беше исмевана и нарекувана преоден кандидат. И нејзината тесна победа на изборите за Бундестагот во 2005 година не остави простор за да се претпостави каква светска кариера ќе направи жената од некогашната Германска Демократска Република, се вели во ЦДУ. Мазен премин при предавањето на лидерската функција не може ни да има. Меркел самата досега не успеа да се погрижи за свој наследник. Тоа би можела да го стори ако повторно се кандидира и во текот на тој мандат се повлече. Но само половина мандат не е нешто што личи на Меркел. Тоа, како што вели таа, би морала да им го каже претходно на избирачите. Освен тоа, би било прашање дали Меркел би сакала да си ја одземе шансата да го собори рекордот на Хелмут Кол на функцијата канцелар - 16 години. Токму тука можеби лежи големата опасност за Меркел: дека можеби ќе го пропушти вистинскиот момент да си замине како што сака. Како што им се случуваше и на големите политичари пред нејзе кои се сметаа себеси за незаменливи - на пример, Хелмут Кол, кој беше сменет од власт во 1998 година.