Избори од кои зависат многу нешта
19 мај 2017Во април за изборите се пријавија 1636 кандидати. На крајот останаа само четворица: претседателот Хасан Рохани и Мостафа Хашеми- Таба се вбројуваат во реформистите а Ебрахим Раиси и Мостафа Ага Мирсалим важат за конзервативни кандидати. Реални шанси за победа им се даваат на Рохани и на Раиси. Нив ги поврзува и физичка сличност. Всушност најдобро можат да се разликуваат според бојата на турбанот. Но затоа политичките определби им се целосно различни.
Кои се кандидатите?
Хасан Рохани: Умерениот актуелен претседател сака да го продолжи надворешно-политичкиот курс на приближување кон Западот, кој достигна зенит кога беше склучен Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма- во јули 2015 година. 68-годишниот Рохани води во анкетите, но неговата борба за втор претседателски мандат би можела да испадне потешка отколку што очекуваше. Рохани наведува дека за спроведување на неговиот реформски курс е потребно извесно време. Во текот на предизборната кампања тој се фокусирапе на темите: граѓански права и културни слободи. Во тоа го поддржуваат активистите за човекови права и културните работници. На економски план, Иран во последни време забележа благ раст. Во периодот на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, претходникот на Рохани, вредноста на иранската валута имаше забележано пад, додека на Рохани му успеа да ја стабилизира и значително да го зголеми производството на нафта, Но, невработеноста и недостатокот на перспектива се и натаму голем проблем во прв ред на младите луѓе. Странските фирми и покрај ублажените санкции и натаму се многу претпазливи кога станува збор за инвестиции во Иран.
Ебрахим Раиси: Конзервативниот ривал на Рохани, го обвинува претседателот дека лошо ја води државата и се залага за поголема социјална правда. Тој го обвинува Рохани дека води политика само за полза на својата елита и оти не води сметка за невработените. Кога станува збор за надворешната политика, Раиси е на курс на конфронтација. Неговата парола гласи: „Не смееме да му покажеме слабост на непријателот“. Тој не го доведува во прашање Договорот за нуклеарната програма, но е противник на натамошно отворање на земјата, па дури и кога се во прашање странски инвестиции. наместо тоа, тој е приврзеник на политичка и економска независност од Западот. Се говори дека тој би можел да стане и Врховен верски водач- кога од таа функција ќе си замине Али Хамнеи, но главна цел на Раиси во овој момент е претседателската фотелја. Тој е еден од одговорните за погубувањето на илјадници политички затвореници за време на 80-те години.
Мостафа Мирсалим: и тој припаѓа кон конзервативниот табор. Порано беше министер за култура а пред 20 години се повлече од високите политички функции. Во последно време беше само член на советот кој посредува кога ќе дојде до спор меѓу владата и парламентот. Се смета дека на изборите нема шанси против двајцата најсилни кандидати, исто како и:
Мостафа Хашеми- Таба: 76 годишниот реформист од 1987 до 2005 година беше потпретседател за време на мандатот на претседателот Могхамед Хатами и со години беше на чело на Иранскиот олимписки комитет. Според последните анкети, за него би гласале помалку од пет насто од избирачите.
Во политичкиот систем на Иран, претседателот е втор човек во земјата според моќта со која располага. Над сите- од Исламската револуција 1978/79 година- е Врховниот верски водач, кој го има последниот збор, кога станува збор за важни прашања. Тој донесува важни внатрешно и надворешно-политички одлуки и е Врховен командант на иранската армија. Претседателот е на чело на извршната власт и има централна улога во иранската архитектура на власта, но во донесувањето одлуки е упатен на волјата на Врховниот верски водач. Претседателот е одговорен за економската политика. Тој самиот ги именува своите министри, но тоа именување мора да го одобрат Советот на чувари на револуцијата (Исламско советодавно собрание) и парламентот.