1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имаме ли план Б?

4 мај 2022

Шансите Бугарија да го крене ветото за почеток на преговорите со ЕУ до јуни се минимални. Се поставува прашањето, кои се опциите за нас ако тоа се случи? Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4AmwS
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во моментов, изгледа дека шансите Бугарија да го крене ветото за почеток на пристапните преговори за Македонија до јуни оваа година се минимални. Сега, се поставува прашањето кои се опциите за нас ако тоа се случи? Дали ќе успееме да ја одржиме енергијата за продолжување на реформите, дали всушност имаме други опции, како би постигнале суштински напредок по клучните теми во комплицираната домашна политичка сцена, и конечно, ако се отстрани евро-перспективата, што останува на масата, и кој од таквото мени би бил политички добитник или губитник. 

Чуда се случуваат, но ако се остане вака, особено после онаа стапица со отворањето на клубот на Ванчо Михајлов во Битола,  мислам дека во Бугаријаедноставно во моментов нема доволно сила за отстранување на ветото. Политичката моќ на Петков е нарушена, неговата поддршка паѓа, па со тоа и силата да направи некаков похрабар прогресивен чекор.

-други колумни од авторот:  Кој кого овде зезна?

Националистите од двете страни веќе почнаа да се натпреваруваат кој е поголема будала, наративите веќе дивергираат наместо да конвергираат, а суштински напредок во смисла на постигнување на некаков договор - нема. Се прашувам, имајќи ги предвид тврдите и често менливи ставови на  Бугарија,  дали таму воопшто некогаш имало волја за решение. Ова е резултат на динамика која веќе одамна се знаеше: агрегатната емоција во Македонија и Бугарија по ова прашање, како што се доближуваме до неговиот епилог, ќе се разликува. Кај нас, општиот сентимент ќе оди кон резигнација „да завршиме со тоа“, но во Бугарија, од страв дека ќе го изгубат адутот на вето, отпорот ќе расте, правејќи го патот се потежок како што се доближуваме до финишот. Така, мислам дека до јуни шансите се минимални, и дека едноставно нема време за посериозно поместување во Бугарија. Исклучок би билo чудото доколку  Петков одлучи свесно да ја жртвува својата политичка кариера на ова прашање, но сметам дека тоа е погрешна надеж кај многумина „познавачи на состојбите“ и во Македонија и кај меѓународната заедница. 

Како да се одржи курсот? 

Ако е тоа така, се поставува дилемата, дали ние имаме некаков план како да го одржиме политичкиот и општествен курс, во периодот кој следи? Во основа, како што видовме во 2008, кога Македонија не успеа да стане членка на НАТО и покрај силната поддршка од тогашниот претседател Буш, најголемата опасност после такво разочарување, се покажа дека е ризикот од целосна политичка декаденција дома.  Ние немаме многу стратешки опции освен евроатлантските интеграции, и во стратешка, но и во по елементарна, географска смисла. Затоа, опциите за некакви други сојузници, неврзаност, вртење кон други партнери, се токму тоа-илузии. Но, тоа што ние немаме други алтернативи, секако не значи дека немаме талент да си ја уништиме единствената вистинска опција. Тоа досега го докажавме неколку пати. Ние не можеме многу да заталкаме од патот, но секако можеме да застанеме, па и да се вратиме назад. 

-други колумни од авторот: Многу бабици

Затоа, мислам дека е многу важно на отворен и реален начин, да создадеме заеднички национален наратив околу идните планови. Да не се залажуваме дека курсот можеме да го смениме, но да не се залажуваме ни дека предизвиците се едноставни, ниту пак дека deux-ex-machina некој ќе ги реши проблемите наместо нас.  Единствен пресек кој генерира некаква агенда за напредок, а притоа не застранува во геостратешки или политички авантури, е да се свртиме кон реформи дома. Само така нема да губиме време, а ќе имаме придобивки кои се видливи и овозможуваат врзивно ткиво за иднината на нашето општество. Проблемот е што голем дел од овие реформи изискуваат некаков поопшт политички консензус, зашто го надминуваат прагот на еден или два мандати. На пример, реформите во образованието, во енергетиката, во социодемографијата, во борбата против корупција се децениски напори и нужно е за нив да се направи заедничка визија од поголемиот дел политички чинители. Тука нашите политички елити потфрлаат монументално. Дури и во обиди за градење на некаква заедничка визија, едни со други однапред си подготвуваат сопки. 

Затоа, мислам дека е неопходно да се размислува за некаква концентрација на политичка енергија, во вид на национални консултации (како во Албанија), опции за поширока експертска или концентрациона влада, или друг вид политички консензус, кој ќе се наметне како потреба во наредниот период. Ако не успееме да оформиме таква енергија за продолжување на овој курс, тогаш поддршката за сегашните политики воопшто ќе продолжи да се намалува, а енергијата ќе отиде или кај радикални опции, или во летаргија. Доказ за тоа е растечкиот број на анархистички расположени гласачи, и паралелено растот на бројот на апстиненти. Овие промени кај гласачкото тело се индикатор дека без стабилизација на политичкиот курс во ова време на криза, ќе бидеме сведоци на политички промени кои се закануваат да го доведат под прашање вкупниот курс на нашето општество.