1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историскиот потпис само етапна победа

СН/ печат
18 јуни 2018

Медиумите на германски јазик детално го проследија, „историското“ потпишување на договорот за спорот за името на брегот на Преспанското Езеро. Но сите истакнуваат дека со тоа проблемот не е сосема надминат.

https://p.dw.com/p/2zlc9
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

„Пред само пет шест месеци, кога грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев за првпат се сретнаа во Давос тоа беше незамисливо: во ведра слога сега министрите за надворешни работи на двете земји го потпишаа договорот за надминување на нивниот спор за името“, го запонува својот осврт со наслов „„Историско потпишување“,  германскиот весник Тагесцајтунг во кој натаму истакнува: „Не беше случајност, тоа што потпишувањето се одржа во пограничното подрачје на Преспанското Езеро. Регионот плени со природна убавина и би можел да се развие во туристички рај. Но досега Преспанското Езеро повеќе се сфаќаше како делбена линија меѓу Хелас и нејзината сосетка. Ципрас и Заев сакаа да се ослободат од товарот на минатото“ , пишува ТАЦ и притоа ги цитира обраќањата двајцата премиери, меѓу друго и реченицата на македонскиот премиер: „Поместивме планини“.

„Но планините сѐ уште не се поместени, зашто на двете страни се закануваат конфликти и протести од страна на вечно вчерашните“, истакнува ТАЦ и упатува на острите реакции за време на викендот како во Грција така и во Македонија, и пред сѐ на противењето на силните десничарски опозициски партии во двете земји Нова Демократија и ВМРО-ДПМНЕ, кое е голем предизвик за конечното усвојување на договорот.

Mazedonien Protesten in Bitola
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Повеќе:

-Историја во Преспа: Потпишан договорот за името

-Нема да се дозволи реприза на 27-ми април

-Македонија и Грција ја запеаја песната на мирот

Австрискиот весник Пресе анализира во иста насока во текстот со наслов „Етапна победа за балканските помирители“, кој истакнува дека договорот во суштина  ги принудил двете страни на отстапки. „Скопје попушта пред барањето на Грците , новото име на државата да биде важечко универзално, а не само во билетарелните односи. Од друга страна Атина се помири со тоа дека жителите на новата Северна Македонија и натаму можат да се нарекуваат себеси Македонци и својот јазик македонски. Со потпишувањето на договорот Ципрас и Заев успешно ја апсолвираа првата етапа на патот кон похармонично соседствување. Но договорот ни оддалеку не е завршена работа: највисоките пречки допрва му претстојат со оглед на жестокиот отпор во двете држави“, пишува Пресе и упатува на тоа дека „Херкуловски задачи во прв ред стојат пред владата во Скопје“:

„Против отпорот на опозицијата и на шефот на државата Ѓорге Иванов, Заев мора  да добие одобрување за договорот преку референдум - и до крајот на годината да го завери со уставни промени: дури потоа Атина ќе го ратификува договорот. Скопје се надева дека позитивен исход на референдумот би можел да ја придвижи десно-популистичката ВМРО-ДПМНЕ на попуштање. Но веројатно влијание би можел да има и многу силниот притисок на сестринските партии од Европската народна партија (ЕНП). Но таа по ова прашање во никој случај не е единствена. За возбуда се погрижи унгарскиот премиер Виктор Орбан кој на почетокот на месецот во видео-порака го пофали 'мудриот и храбар' лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој не потклекнува по притисокот на странски сили “, читаме во Пресе.

Griechenland - Proteste gegen das Abkommen zwischen Greichenland und Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

И германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг во својата анализа насловена „Против сите отпори“ истакнува дека за конечно решение на  спорот за името не може да стане збор и покрај на отпорот во Македонија детално се осврнува и на можните сценарија во Грција и посебно улогата на Нова Демократија и нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис , која е членка на Европската народна партија, каде што ВМРО-ДПМНЕ е придружна членка.

„Нова Демократија според сите прогнози ќе извојува убедлива победа на претстојните парламентарни избори во Грција. Извори во Берлин уверуваат дека Мицотакис повеќепати има ветено дека како премиер нема да се откаже од компромисот за името. Тој, сега, меѓутоа морал да демонстрира спротиставување за да не го загуби десното крило на неговата партија и да спречи основање на нова партија уште подесно во политичкиот спектар од Нова демократија. Доколку Мицотакис навистина го кажал ова, тогаш изненадува неговиот исклучително агресивен настап против договорот“, пишува ФАЦ.